Прес-конференција на министерот за финансии

Ќе се укине или намали царината за 258 производи, а за К-15 нема пари, вели Бесими

Со владиниот предлог за измени на Законот за царински тарифи трајно се намалуваат или укинуваат царинските стапки на 258 производи, а со нивното намалување не се прекршуваат договорите за слободна трговија или трговската политика, изјави на прес-конференција министерот за фнансии Фатмир Бесими. На новинарко прашање дали ќе се реализира барањето на ССМ за исплата на К-15, Бесими одговори: „За 2022 година нема дополнително предвидено пари за исплата на К-15 во јавниот сектор“.

Mинистерот Бесими во однос на предложените измени на Законот за царинската тарифа вели дека ќе со тоа ќе се придонесе за поголема конкурентност на домашните компании, за зголемување на извозот, зголемено ангажирање на работна сила, отворање на нови работни места, вклучување на глобални синџири за создавање на додадена вредност и забрзување на економскиот раст на државата.

„Вкупната индиректна поддршка која се дава на стопанството, односно фискална импликација, со самото намалување на тарифите со овој предлог-закон изнесува 810 милиони денари или 13 милиони евра на годишно ниво од вкупно наплатените приходи од 17,5 милиони евра по основ на овие тарифи. Ова претставува намалување на 74 отсто на фискалниот товар по основ на овие тарифи што претставува 12 отстотно учество во вкупните наплатени увозни давачки во 2020 година во вредност од околу 110 милиони евра. Тие средства ќе одат во стопанството и ќе значат повеќе инвестиции и нови работни места“, рече Бесими.

Според него, со законските измени се излегува во пресрет на барањата на компаниите за усогласување на царинските стапки со стапките во Европската Унија, што, како што рече, е од особено значење за унапредување на производството, извозот и конкурентноста на компаниите.

„Најголем дел од намалените царински стапки се однесуваат на интермедијарни продукти кои се користат како суровини и репроматеријали во технолошко напредното производство, како и во секторите на автомобилската, метало-преработувачката индустрија, металургијата, текстилната и кожарската индустрија, кои во 2020 и почетокот на 2021 година се соочија со сериозни потешкотии поради пандемијата“, нагласи Бесими и додаде дека се предвидува укинување и на царинската стапка на природен гас.

Тој додаде дека главната цел е хармонизирање на дел од царинските стапки со царинските стапки на Европската Унија и со самото тоа креирање на услови на поголема конкурентност на домашните компании во меѓународните пазари.

„Хармонизирањето на царинските стапки заедно со имплементацијата на ревидираната ПЕМ конвенција, која стапи во сила на 02.11.2021 година ќе придонесат за постепено прилагодување на условите кои постојат на пазарот на ЕУ. Оттука, ваквите мерки дополнети со веќе постоечките мултилатерални и билатерални договори за либерализација на трговијата како SAA, EFTA, CEFTA и билатералните договори со земји како што се Турција и Украина, кои овозможуваат пристап до пазар од преку 650 милиони потрошувачи, ќе придонесат во зголемување на атрактивноста на нашата земја за странските инвеститори“, рече Бесими.

Постоењето на еден отпорен, одржлив и правичен систем на храна е нешто што мора да биде столб на секоја агенда која има за цел за климатско ублажување или адаптација.

повеќе

Економската криза е лоша во сите сфери на живеењето, но од неа можеме и да научиме по нешто.

повеќе

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе