Се затегнува монетарната политика

Инфлацијата забрза и стаса до 20 проценти, Народната банка презема мерки

Инфлацијата во последните месеци забрза, за што растот на цените на храната има најголем и растечки придонес, соопшти Народна банка и нагласи дека тоа наметна монтетарна реакција. Годишната стапка на инфлација во октомври достигна 19,8%.. Каматната стапка на благајничките записи се зголемува за 0,75 п.п. до нивото од 4,25%. Со определени мерки се очекува да се зголемат денарските резерви во банките, што пак ќе значи преку повисоки камати да се стимулира штедењето во денари.

„На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,75 п.п. до нивото од 4,25%. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Согласно со зголемувањето на основната каматна стапка, зголемени се и каматните стапки на кредитот преку ноќ, расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, исто така за по 0,75 п.п. Исто така, на седницата одржана на 14 ноември, Советот на Народната банка донесе одлука за промена на стапките на задолжителна резерва на банките, заради натамошно стимулирање на штедењето во домашна валута. Измената на овој инструмент, којашто е четврта по ред оваа година, опфаќа зголемување на стапката на задолжителна резерва на банките за обврските во странска валута од 18% на 19%. Зголемен е и делот од задолжителната резерва во странска валута којшто банките го исполнуваат во евра, од 75% на 77%, со што се зајакнува ефектот од промената во овој инструмент. Се очекува дека со мерката ќе се засилат започнатите промени во каматната политика на банките и дека банките ќе понудат поповолни камати за сите категории денарски депозити, придонесувајќи за посилен раст на штедењето во домашна валута. Истовремено, со оваа промена би се придонесло за оптимално управување со ликвидноста“, соопшти Народната банка.

Со овие промени, се вели понатаму, Народната банка го задржува континуитетот на затегнување на монетарната политика користејќи поширок сет монетарни инструменти, коешто започна уште од крајот на минатата година, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и на среднорочната ценовна стабилност.

„Уште минатата година Народната банка преку интервенции на девизниот пазар и други инструменти активно управуваше со ликвидноста. Од април па наваму постојано се зголемува основната каматна стапка, а дополнително се направени промени и кај депозитите преку ноќ и на седумдневните депозити. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва насочени кон намалување на евроизацијата, како и со системски мерки, односно со воведување противцикличен заштитен слој на капиталот од 0,5%, со што дополнително се јакнат заштитните механизми во банкарскиот систем.

Промените во поставеноста на политиката на Народната банка се реакција на зголемените ценовни притисоци.

Инфлацијата во последните месеци забрза, за што растот на цените на храната има најголем и растечки придонес. Тоа го нагласува влијанието на увезените ценовни притисоци од храната и енергијата врз домашната инфлација, врз коишто монетарната политика нема директно влијание. Сепак, имајќи ги предвид преносните ефекти и подигнувањето на инфлациските очекувања, овие поместувања во инфлацијата наметнуваат потреба од монетарна реакција. Со оглед на врзаноста на нашата валута со еврото, при одлучувањето влијаат и промените во монетарната политика на Европската централна банка.

Во однос на најновите показатели, годишната стапка на инфлација во октомври достигна 19,8%. Забрзувањето во целост се должи на порастот на цените на одредени типови прехранбени производи на домашниот пазар. Со тоа, просечната годишна инфлација во периодот јануари – октомври 2022 година изнесува 13,2%, од кои и натаму три четвртини се должат на растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. И покрај тоа што факторите коишто придонесуваат за раст на инфлацијата претежно се увезени ценовни притисоци, тие влијаат и врз инфлациските очекувања. За ова придонесува и неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите, којашто е нагласена поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија. Оттука, од исклучителна важност е водењето претпазливи домашни политики и внимателното управување со домашната побарувачка. Според тековните остварувања и оцените за увозните цени, ризиците за инфлацијата се нагорни.

Во услови на натамошни поумерени притисоци од енергетската криза и прилив на девизи од менувачкиот пазар, домашниот девизен пазар и натаму е стабилен. Народната банка и во текот на октомври интервенира со откуп на девизи на девизниот пазар, а девизните резерви од јули наваму бележат постојан раст, при што нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност согласно со меѓународните стандарди. Оцените за надворешната позиција на економијата упатуваат на поголеми притисоци од енергетската криза врз трговскиот дефицит, но од друга страна има подобри остварувања кај приватните трансфери, со што девизните резерви и натаму се во комфорната зона којашто гарантира одржување на стабилноста на курсот на домашната валута во однос на еврото.

Во однос на активноста во домашната економија, бруто домашниот производ во првото полугодие од годината забележа умерен реален раст од 2,6%. Сепак, расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност во третиот квартал упатуваат на забавување на реалниот економски раст, видливи преку значителното забавување на реалниот годишен раст на прометот во вкупната трговија и падот кај индустриското производство и кај извршените градежни работи. Ова, заедно со надолните ревизии на странската побарувачка поради ефектите од воениот конфликт во Украина и енергетската криза, упатува на понеповолни изгледи и надолни ризици за растот во следниот период.

Од аспект на движењата во монетарниот сектор, според последните податоци, кредитната активност и депозитите и натаму растат, поумерено кај кредитите, а забрзано кај депозитите, при што се очекува дека овие трендови ќе продолжат и во следниот период.

Во однос на движењата во глобалната економија и на меѓународните пазари, најновите показатели од октомври упатуваат на понеповолни изгледи за економскиот раст во еврозоната, стабилизирање на економската активност во САД, но и истовремено задржување на патеката на раст на инфлацијата. Во вакви околности, највлијателните централни банки (ЕЦБ и ФЕД) ги заострија монетарните услови, преку зголемување на своите референтни каматни стапки за по 0,75 процентни поени. На меѓународните стоковни берзи беше забележан натамошен пад на цените на природниот гас и електричната енергија, во услови на намалена побарувачка заради невообичаеното топло време во овој период од годината во Европа, а слична динамика забележаа и цените на храната, при натамошно умерено намалување на цените на сите одделни прехранбени производи, со исклучок на житариците. Овие надолни промени во цените во САД-долари и натаму се во еден дел неутрализирани од апрецијацијата на САД-доларот.

Општо земено, неповолното надворешно окружување и нагласените ризици налагаат водење исклучително претпазливи домашни политики. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците. Како и досега, централната банка е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и на среднорочната ценовна стабилност“, се вели во соопштението.

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе