Само прашај

Инфлацијата и каматите ќе нè изедат

Македонија зачекори во ера на двоцифрена инфлација, со што како ретко кога фати приклучок со европската и светска економија. Споредено април 2022 со истиот месец лани инфлацијата е 10,5 отсто повисока, додека цените на мало споредени во истиот период се повисоки за 11,1 отсто. Исто така, само за еден месец, значи во април во споредба со март оваа година, животот станал поскап за 2,2 отсто.

Во овие 30 дена најмногу поскапело маслото за јадење и тоа за 20 отсто, па зеленчукот за 10,1 отсто и транспортните услуги за 17,3 отсто.

Индекси на трошоците на животот, април 2022 година

Ова зголемување на цените е во период кога на сила се владините мерки донесени на почетокот на март за намалување на инфлацијата. Од Владата, како многу пати досега кога нешто не им одговара, не сакаа да одговорат дали донесените 26 мерки ги дале очекуваните резултати или тие потфрлиле.

Инфлацијата ќе удри и по кредитите

Додека владата се „фемка“ да даде одговор дали некако успеала да го заштити животниот стандард на граѓаните, поради инфлацијата на удар ќе бидат граѓаните и фирмите кои имаат кредити. На секое зголемување на каматите, што би се очекувало да се случи ако Народната банка ги затегне монетарните политики, на удар ќе се најдат домаќинствата кои имаат 203.523 кредити како и фирмите кои имаат 191.504 заеми од банките. До март оваа година, граѓаните на банките им должат скоро 3,2 милијарди евра. Најмногу од овој долг е за потрошувачки кредити или околу 1,74 милијарди евра.

Долг на граѓаните кон банките

Секое поместување на каматите ќе значи и зголемување на долгот на граѓаните.

Сегашната просечна каматна стапка на денарските кредити за граѓаните е 4,6 отсто што е под инфлацијата, па се очекува зголемување на каматната стапка“, велат од Светска банка и додаваат дека растот на каматите ќе се должи на тоа што се парите на меѓународните пазари на капитал ќе бидат со повисоки камати.

Комерцијалните банки ќе бидат изложени на поскап капитал и за да привлечат локални депозити ќе нудат повисоки каматни стапки. Ова ќе мора да се одрази со повисоки стапки за кредити и за фирмите и за граѓаните.

Графиконот покажува дека со продлабочување на кризата, фирмите и граѓаните почнаа да ги повлекуваат парите од банките, но кредитирањето продолжи да расте. Доброто е во тоа што во април запре повлекувањето на депозитите и ситуацијата се смири.Граѓаните панично ги повлекуваа парите од банките

Затоа и од Светска банка, но и од Народната банка на Македонија, која според закон е задолжена да се грижи за ценовната стабилност, не очекуваат каматите во брзо време да се зголемат, иако нашата централна банка ја зголеми основната камата од 1,25 на 1,5 отсто.

Направената промена на основната каматна стапка на Народната банка, како одговор на ценовните придвижувања е умерена. Со тоа таа и понатаму останува на релативно ниско ниво - сѐ уште е под нивото од пред пандемијата - и не очекуваме да предизвика поголеми придвижувања во цената на кредитите и да делува кон забавување на кредитната активност“, велат од Народна банка.

Индиректен удар врз граѓаните

Сепак, ако засега нема како граѓани и како фирми директно да го плаќаме цехот од повисоките камати на кредитите, тоа не значи дека сме се спасиле. Индиректно, во иднина, ќе биде се потешко да се финансира буџетскиот дефицит и јавниот долг. Проблемот е во тоа што американските Федерални резерви (ФЕД) веќе ги зголемија каматите, додека Европската централна банка ја намалува ликвидноста која се пушта во системот, што значи дека секое идно финансирање на долгот ќе биде се поскапо и поскапо. Само за илустрација, во 2023 година владата ќе треба да се задолжи 800 милиони евра за да врати стари долгови. Во оваа сума не е влезен буџетскиот дефицит за наредната година што значи дека задолжувањето би било поголемо или ако дефицитот е 3 до 4 отсто од БДП би значело дополнително задолжување до половина милијарда или над 1,2 милијарди евра.

Од Министерството за финансии не сакаа да одговорат дали е поумно оваа година, и тоа во наредниве недели да се задолжат пред се на странскиот финансиски пазар, како за враќање на долгот од наредната година така и за финансирање на дефицитот. Со брзото сегашно задолжување би требало да се земат парите со пониска камата отколку догодина, а со задолжувањето во странство, парите кај домашните банки би останале за поголема ликвидност и за финансирање на стопанството и граѓаните.

Совршена бура

И тука настануваат сите предуслови за совршената економска бура. Економистот Борче Треновски ја постави следнава сцена во која се наоѓа Македонија:

а) имаме намалено производство поради пандемијата/безбедносната криза;
б) имаме зголемена побарувачка во пост-ковид опоравувањето и поради безбедносната/економската криза;
в) зголемени трошоци на клучните енергенси/суровини кои преставуваат инпут во скоро секој производ -тука е и енормното зголемување на транспортните трошоци;
г) намалената доверба кај потрошувачите (на моменти и паника) од глобалните/безбедносните случувања;
д) постепеното затегнување на меѓународните финансиски пазари.

Бурата за да биде совршена може да придонесе натамошното зголемувањето на платите на јавниот сектор да е без реална основа. Ова делумно се отвори по политичката одлука на владата за зголемување на минималецот на 18.000 денари. Треновски вели дека ако дополнително и значајно се зголемуваат платите во јавниот сектор, тоа ќе има двоен удар.

Првиот е дополнително поттикнување на побарувачката и во услови на ограничена понуда – инфлацијата и второ, поради дополнителните буџетски расходи, ќе расте фискалниот товар кој ќе мора некој (сите ние) да го платиме.

Само за илустрација, за плати и надоместоци на 133.000 вработени во јавниот сектор, од буџетот на државава годинава се планира да се издвојат 531 милиони евра или 12 отсто од вкупниот буџет. Ако се зголеми оваа сума за ветените 10 отсто, за плати и надоместоци ќе се одвојат дополнителни 53 милиони. Инаку, само оваа година буџетскиот дефицит ќе биде 600 милиони евра, пари кои што ќе мора да се најдат со задолжување.

„Оттука логичен економски след е дека секое позначајно зголемување на доходот/платите (или друго фискално трошење) во констелацијата на односи спомнати погоре, ќе влијае на поголема побарувачка на определени стоки /услуги и дополнително зголемување на нивните цени. Тука треба да се имаат предвид и спротивните фактори (кои може да ја сменат малку оваа логика) кои благо почнуваат да се чувствуваат кај дел од населението во моментот - поради најавената економска нестабилност да се чувствува воздржување од трошење, намалено кредитирање и дел штедење, што пак може да го ублажи ефектот на побарувачката и цените,“ вели Треновски.

Износ на плати и надоместоци од буџетите

И од Светската банка велат дека треба внимателност со покачувањето на платите.

„Зголемувањето на платите на јавната администрација ќе бара или собирање повеќе даноци или зголемување на долгот за покривање на новите обврски за трошење. Во ситуации како оваа, каде што фискалната ситуација е веќе тешка, секое зголемување на долгот веројатно би ја зголемило премијата за суверен ризик и со тоа и трошоците за задолжување за сите актери во економијата. Исто така, порастот на платите над стапката на инфлација и без пропорционален пораст на продуктивноста би довел до натамошен пораст на инфлацијата.“

Од Светска банка велат и дека новата методологија за усогласување на пензиите по два основа, со инфлацијата и со порастот на платите, ќе го направи прилагодувањето уште поскапо во времето кога фискалната ситуација е веќе комплицирана.

Инаку, и Министерството за финансии, но и Меѓународниот монетарен фонд одбија да одговорат на серија прашања на www.samoprasaj.mk околу најавеното задолжување од 900 милиони евра кај оваа меѓународна институција. Не кажаа колку би била сумата, каматите и условите за овој заем.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии


 

 

Потписниците на нотарските изјави дека нема да гласаат за измените на Уставот се подложни на промени за материјално благо.

 

повеќе

Здруженост, сплотеност и поврзаност на луѓе, друштва, организации и институции кон една заедничка цел или поради заедничка причина. 

повеќе

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе