Министерката вели дека мерките се во „финална верзија“ и ќе значат поддршка на најранливата категорија на граѓани.
„Овие денови до вторник ги финализираме заедно со министерот за финансии и економскиот тим на Владата. Следната недела многу скоро ќе биде објавено кои групи ќе бидат опфатени и колкава ќе биде поддршката што граѓаните ќе ја добијат во следниот период се со цел да излеземе во пресрет на сите ранливи категории на кризата“, изјави Тренчевска при вчерашната посета на Штип.
Како што истакна, се разгледува опцијата дали ќе бидат делени ваучери или средствата за поддршка ќе бидат уплатени на сметките на граѓаните или пак ќе има ваучери за купување на домашни производи.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вели дека Владата работи на тоа да продолжи економската активност, да се поддржат најранливите категории граѓани, да се одржи ликвидноста и на Буџетот и на стопанството воопшто.
Тој најави и дека во наредните денови ќе има позитивна вест од преговорите со Меѓународниот монетарен фонд и другите меѓународни институции и кредитори со кои се разговара за обезбедување финансии поради енергетската криза.
Компаниите, пак, во неколку наврати укажаа дека чекаат поддршка од Владата, а доколку продолжи енергетската криза и стопанството не ја добие потребната помош, најавија дека ќе следи намалување на бројот на вработени од 30 до 50 проценти.
Миле Бошков од Конфедерација на работодавачи, пак, смета дека Владата нема да си дозволи отпуштање на 350 000 работници. За него опасна е претпоставката дека поради енергетската криза ќе се отпуштат од 30 до 50 отсто од вработените во компании или 350.000 работници.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија и вчера повторија дека Владата доцни со мерките и потенцираа дека инфлацијата достигна 18,7 отсо, а синдикалната минимална кошница 50.224 денари.
„Инфлацијата излезе надвор од контрола и таа според последните пресметки достигна високи 18,7 проценти, а Владата не презема ништо во изминатиот период да се спречи ваквиот галопирачки раст. Трендот на осиромашување на работниците и граѓаните никој не го спречува, туку напротив газдите се закануваат со откази“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Не може, укажуваат од ССМ, да се справувате со зголемените трошоци за живот без зголемување на платите на работниците, поради тоа ССМ инсистира платите во државата да го следат порастот на инфлацијата од 18,7 проценти, но и порастот на синдикалната кошница.
Од ССМ ги повторија барања за доследна примена на одредбите од колективните договори за усогласување на платите согласно порастот на инфлацијата, продолжување на важењето на досегашни анти-кризни мерки со замрзнување на маржата кај досега определените продукти, како и проширување на повеќе прехранбени продукти, но и бесплатен градски превоз до и од работа. Исто така, ССМ бара да се воведе повторно мерката за право на платежна картичка за купување домашни производи и плаќање на сметките за електричната енергија за одредена категорија на работници и граѓани кои се најзагрозени и најпогодени од економската криза односно да се поделат вредносни картички за купување храна и плаќање на сметките за електрична енергија на одредена категорија на семејства, особено на оние чиј вкупен приход е во износ под просечна плата (31.812,00 денари) во едно четиричлено семејство во висина до разликата од синдикалната минимална кошница (50.224,00 денари).