Прес-конференција во Владата

Гасење на светлата врз фасадите, климите да не ладат под 27 степени, ќе се штеди струја

Владата донесе мерки за заштеда на струја до 15 отсто – за домаќинствата и компаниите се предвидени препораки, а за државните институции конкретни задолженија кои мора да се испочитуваат зашто во спротивно ќе следуваат санкции. Мерките ќе стапат во сила од 1 септември годинава, а ќе важат до 31 март 2023 година. Рестрикции на струја не очекува министерот за економија, но сепак е во контакт со колегите од Србија и Бугарија. РЕК Битола ќе работи со трите блока.

И Владата ќе се „затемни“

„Пред нас е една од најтешките зими на енергетски план. За полесно да се справиме со она што нѐ очекува, за непречено снабдување со електрична енергија, рационално трошење и пониски сметки, подготвивме план и препораки за заштеда на струја. Мерките се поделени во повеќе категории, зависно дали се работи за домаќинства, компании или објекти, институции и претрпијатија во државна сопственост. Целта е намалување на потрошувачката за 15 отсто споредено со истиот месец лани. Ако не се постигне оваа цел, ќе следуваат санкции согласно етичкиот кодекс и сите уредби за сите раководители на институциите“, рече министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција во Владата.

Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, во сезона на ладење климите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, да се исклучуваат компјутерите по работата, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела и клима уредите, да се принтаат само потребните материјали, да се заменат прозорците со енергетски ефикасни, се само дел од препораките за државните институции.

Рестрикции на струја нема да има, ниту се очекуваат ако сé оди според планот на ЕСМ, изјави Бектеши.

Според Бектеши, во тек се редовни разговори со министерствата за енергетика на Србија и Бугарија, за да нема запирање на прекуграничните капацитети и проблеми со снабдувањето.

„И само, секако, да не се случи некоја хаварија. Разговараме и со раководствата на министерствата во Србија и Бугарија за да нема запирање на  прекуграничните капацитети како во 2009 година, за да нема проблем во делот на снабдувањето на потрошувачите на слободниот пазар, а тоа се поголемите компании кои прават трговија преку интерконекторите со соседите“, истакна Бектеши.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски рече дека компанијата работи со максимален капацитет и оти потребите за струја на ЕВН хоум се задоволуваат исклучиво од сопствено производство.

„Во планот за производство на АД ЕСМ се предвидува од ноември да профункционираат трите блока во РЕК Битола. Годинава ќе направиме обид да не правиме класични ремонти со застои од 30, 60 или 90 дена, туку да ги вршиме во периоди кога ќе има намалување на снагата, односно простор за санација“, информира Ковачевски.

Нагласи дека сите вработени се во функција и оти ремонтни активности се извршуваат во РЕК Битола и во РЕК Осломеј, но, како што кажа, се прават и технолошки активности за санација и подготовка на ископите на јаглен.

„Блок 3 во РЕК Битола е во застој заради изгорен трансформатор од надворешно влијание во текот на декември минатата година и јануари годинава. Во моментов постојниот трансформатор се наоѓа на сервисирање во Белград, а истовремено извршена е и јавна набавка за купување на нов трансформатор што не е направено 40 години од пуштањето во работа на РЕК Битола. Очекуваме на крајот на септември или на почетокот на октомври еден од трансформаторите да пристигне и на крајот на октомври да бидеме во полна капацитетност со РЕК Битола за да може еден од блоковите да влезе во краток ремонт, рече Ковачевски.

Потоа, од почетокот на ноември до 30 април додека трае грејната сезона, како што рече, ќе може РЕК Битола да работи со три блока, односно со максимален капацитет.

 

Легенда под Главна слика

И Владата ќе се „затемни“

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе