Заради потранспарентно трошење и планирање на парите

Фајнанс тинк: законскиот текст за буџетите треба да се доработи

Со исклучок на постапките за планирање и извршување на буџетот, предлог Законот за буџетите може да се оцени како општ, без специфични чекори и потребно е да претрпи доработка, смета Фајнанс тинк. Организацијата предлага финансиските импликации од носење на закони да бидат јасно наведени, а тие да бидат пресметани и при проекти на буџетските корисници и при управувањето со инвестициите.

Фајнанс тинк го поздравува изготвувањето на предлог Законот за буџетите и потсетува дека уште во август ја нагласи потребата од ваков закон со кој треба да се зајакне управувањето со јавните финансии, преку имплементација на најавените структурни реформи.

Сепак,со исклучок на постапките за планирање и извршување на буџетот, Законот може да се оцени како општ, без специфични чекори и потребно е да претрпи доработка. Фајнанс тинк смета дека во законскиот текст при предлагањето на други закони треба да се избегне простото наведување на финансиските импликации со термините „има" или „нема", без соодветна елаборација и конкретни пресметки.

„Предлог Законот за буџетите треба да придонесе за надминување на оваа пракса, што делумно е сторено со барањето за оценка на ефектите од предлозите врз приливите и одливите во буџетот во временски распон од четири години. Но, неопходно е предлог Законот да бара доволна елаборација на фискалните импликации, како и да даде одреден формат на позадинска анализа. Со оглед дека ваквата анализа на фискалните импликации не може да биде шаблонска, предлог Законот треба да предвиди можност Министерството за финансии да асистира со експертиза на предлагачите на законите во процесот на проценка на буџетските имликации, особено кога тие се долгорочнии особено кога вклучуваат родово-сензитивни прашања", наведува невладината организација Фајнанс тинк.

Оценката за фискалните импликации треба да се прошири и на предлог-проекти од буџетските корисници и управувањето со инвестициите да се потпира врз програма за јавни инвестиции, со соодветни оценки за долгорочните фискални импликации.Оттука, се препорачува Фискалната стратегија, како документ предвиден со предлог Законот за буџети, да се надополни со Програма за јавни инвестиции.

Организацијата смета дека среднорочното буџетско планирањетреба да се подигне на повисоко ниво, во поглед на неговата прецизности деталност.

„Моментално, при подготовката на Фискалната стратегија, буџетот се планира во својата агрегирана форма за следните три години, покрај за тековната година (годината во која се изготвува Фискалната стратегија). Оваа пракса е коректна и таа треба да се рефлектира во предлог Законот за буџетите како законска обврска, со задолжително наведување на основните трендови и политики кои го оправдуваат предложениот среднорочен буџетски план. Стратешкото планирање треба да вклучува распоред на трошоците по години и активности, какои таргети за постигнувањата и оправдување на отстапувањата".

Во таа смила, наведува Фајнанс тинк, фискалните правила може да бидат поставени во однос на среднорочната буџетска рамка, односно да предвидуваат дека отстапувањето од неа нема да надмине определени претходно-дефинирани граници. Тоа го решава и проблемот на поставување фискални правила според мастрихтските критериуми, кои изгубија релевантност во тековната криза поради ковид-19.

„Среднорочното буџетско планирање треба на недвосмислен и транспарентен начин да ги отслика сите инвестициски проекти чија реализација се протега низ повеќе години. За таа цел, оценката на долгорочните фискални импликации кога вакви проекти се предлагаат е клучна и таа треба да биде посебно отсликана во предлог Законот за буџети", наведува организацијата.

Предложеното формирање Фискален совет е позитивен и очекуван чекор. Сепак, предлог-процесот на формирање на Фискалниот совет остава простор за сомнеж дека најсоодветните профили ќе имаат можност да бидат земени предвид за членови во овој совет, смета Фајнанс тинк и нагласува дека тоа е оневозможено со тоа што процесот се олигополизира кај три институциии и целосно се исклучува улогата на граѓанскиот сектор.

„Притоа, нејасно е како наведените институции ќе ги предлагаат кандидатите за членови, односно дали од редот на своите вработени и, доколку не, дали надворешни лица ќе избираат на отворени конкурси. Отворена и транспарентна процедура во која ќе бидат земени предвид за разгледување сите профили кои се сметаат за релевантни на предметната проблематика треба да биде императив во македонското општество. Во таа смисла, апелираме предлог Законот за буџети да предвиди избор на Фискалниот совет ќе овозможи отворено пријавување кандидати од страна на институции и организации и со самопријавување", предлага оваа организација и наведува дека критериумите треба да бидат јасно дефинирани, да се базираат на стручност и отсуство на судир на интереси и изборот да биде транспарентен.

Граѓанската организација Фајнанс тинк наведува дека предлог Законот за буџети треба да цели кон воспоставување унифициран систем –по принципот на МАКСТАТ при Државниот завод за статистика–од кој ќе може да се добиваат сите податоци на едноставен и унифициран начин.

Каракачанов: На Бугаринот паметот му доаѓа следниот ден...

повеќе

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе