Осврнувајќи се на безбедноста којашто е гарантирана за потрошувачите, при користењето на новите иновативни апликации за онлајн плаќања, Јанкоски истакна дека и кај нас ќе се применат најдобрите практики на Европската Унија во однос на безбедноста на онлајн плаќањата. Со новитетите ќе се воспостави дополнително ниво на заштита преку примена на засилена идентификација, каде што идентитетот на корисникот се потврдува со биометриски податоци, внесување код, ПИН (добиен преку СМС) или со мобилниот телефон којшто го поседува корисникот. Ќе се применува и анализа на ризикот на трансакцијата, односно напредни системи коишто банките ќе ги имаат со цел да се открие невообичаено однесување на корисникот на платежната услуга. Примената на овие концепти на безбедност помагаат да се избегне можно злонамерно или измамничко однесување.
Усогласувањето со законите и регулативите на ЕУ извршено преку новиот Закон за платежни услуги и платни системи се однесува на поголема сигурност и безбедност на потрошувачите, како корисници на новите напредни платежни услуги.