Од ДКСК велат дека ги испитуваат сомневањата и ако се потврдат ќе бараат од Тунески да биде разрешен од член на РКЕ.
Во пријавата се вели дека Тунески како член на РКЕ, е должен да учествува во работата и одлучувањето на седниците на Комисијата, а истовремено има увид во работата на Макпетрол АД каде поседува акции. Прашањето е дали го прекршил Законот за спречување на корупција и судир на интереси прикривајќи дека има приватен интерес во енергетска компанија кој не го навел прецизно во анкетниот лист. Тунески во изјава за МКД.мк вели дека акциите ги купил во 2008 година, многу пред да стане член на РКЕ и додава дека ако тоа биде побарано од него, тој ќе ги продаде акциите.
Согласно законот, членовите и претседателот на РКЕ ги именува и разрешува Собранието на Македонија, на предлог на Владата, а функцијата член на РКЕ се врши професионално и е неспоива со извршувањето на друга јавна функција или функција во политичка партија или работно место.
Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги велат дека се отворени за соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата во однос на барањето на Макпетрол АД Скопје за смена на нивниот член проф д-р Атанаско Тунески, со цел да се отстранат сите шпекулации и дилеми во врска со ова барање.
„Тунески во изминатиот период даде значен придонес во работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и очекуваме дека Државната комисија за спречување на корупцијата ќе му даде можност да ги изнесе своите аргументи наспроти барањето на Макпетрол АД Скопје за негова смена. Се до затворањето на предметот РКЕ нема дополнително да се произнесува јавно во врска со истиот се со цел да се заштити интегритетот на функцијата член на комисијата“, велат од РКЕ за МКД.мк.
А.Д.