Министерство за финансии

Бесими: 2021 на заштита на здравјето, економско заздравување и реформи

Министерот за финансии, Фатмир Бесими денеска изнесе Белешка за годинава, за следната и очекувањата за македонската економија во следниот петгодишен период.

Белешката на министерот ја пренесуваме во целост.

2020-ТА ГОДИНА НА ПАНДЕМИЈА И КРИЗА 

Во 2020 година се соочивме со пандемија и најголемата економска криза на векот

Измина една навистина тешка година – и на општествен и на економски план. Се случи најголемата светска економска и здравствена криза во изминатото столетие. Нејзиниот ефект е многукратно поголем од светската финансиска криза во 2009 година. За споредба, тогаш светскиот бруто-домашен производ се намали за 0,1%, а зафатени беа главно развиените економии. Годинава се очекува светската економија да контрахира за -4,4%, додека речиси и да нема економија, која е поштедена од кризата.

Кризата се рашири низ сите подрачја во светот со различен интензитет, но без разлика, секаде најпогодени беа најранливите категории, како домаќинствата со низок доход, мигрантите, работниците во неформалната економија и жените. Импактот на кризата беше најголем во неколку сектори – туризмот, голем дел од индустриските гранки, како и трговијата на големо и мало, а од аспект на големината – микро, малите и средните претпријатија, кои вработуваат многу ранливи групи. За првпат после 22 години стапката на сиромаштија во светот порасна.

Кризата предизвикана од Covid-19 е најголемата здравствена и економска криза со која се соочила нашата земја, воопшто. Благодарение на четирите пакети на економски мерки не дозволивме поголем пад од проценетите -4,4% во 2020 година. Дури и да биде поголем падот, ударот ќе биде помал отколку кај нашите главни трговски партнери. Досега, заклучно со третото тримесечје, економскиот резултат е -5,9%, со најголемиот квартален пад од 14,9% во второто тримесечје. Значителното влошување на глобалното економско окружување и падот на надворешната побарувачка предизвикан од здравствената криза влијаеше врз активноста на домашните извозни компании и индустриското производство, приливот на приватни трансфери од странство, а ограничувачките мерки за спречување на ширење на коронавирусот во земјата имаа влијание врз дел од дејностите во рамки на услужниот сектор, како трговијата, транспортот, угостителството и туризмот.

Сето ова се одрази и на државниот буџет, како и фискалната политика која се водеше во текот на годинава. Од една страна, поради значителното забавување на економската активност приливот на приходи беше намален, а од друга страна поради потребите и мерките за соочување со ковид-кризата неопходно беше продлабочување на расходната страна, впрочем, како и кај сите останати економии во светот.

Одговоривме брзо, ефикасно и со значителен износ на средства

Во март 2020 година, административните забрани со цел преземање на мерките за заштита од ширење на Ковид-19, за да се стави здравјето на граѓаните на прво место, делуваа на намалување на економската активност, што очекувано почна да се рефлектира на полнењето на буџетската каса. Почнувајќи од 20 март, односно кога почнуваат да се чувствуваат ефектите од здравствените мерки преземени за спречување на ширење на корона вирусот, се забележува остар пад на даночните приходи од околу 25% на дневно ниво. Ова доведе до пад на вкупните даночни приходи за 11% во однос на претходната година и пад на вкупните приходи за 5,3% во март.

Како што изминуваа месеците, мерките влијаеа се’ повеќе на економијата, а со тоа и реализацијата на буџетот, особено во делот на приходната страна. Во април наплатата на приходите беше помала за 20% споредено со април минатата година, со пад на даночните приходи од 31%, додека во мај за 24% пониска наплата на приходи во однос на 2019 година, со пад на даночните приходи од 28%.

Со доаѓањето на летните месеци и умереното подобрување на епидемиолошката слика, наплатата на приходите се подобри. Исто така, во меѓувреме беа донесени и се спроведуваа три сета на мерки во вредност од околу половина милијарда евра, кои исто така го амортизираа влијанието на здравствените мерки. Во мај беше направен и ребаланс на буџетот со цел да се обезбедат дополнителни средства за економските и здравствените мерки. Имаше низа мерки кои директно вбризгуваа ликвидност во стопанството, како финансиската поддршка за исплата на плати која поддржа околу 20 илјади компании со над 120 илјади вработени, бескаматните линии и евтините кредити кои поддржаа преку 1.500 фирми, поддршка на различни ранливи категории на преку 300 илјади граѓани, даночни олеснувања итн.

Сето ова придонесе да се ублажи падот на економијата, што се одрази и врз приходната страна во јуни кога приходите забележаа пад од 9,6% во однос на лани. За првото полугодие од 2020 година, наплатата на приходите беше за 9% пониска во однос на лани.

Во јули беше забележан првиот месечен раст на приходите во однос на лани од 1,2%, додека приходите во август забележаа пад од 14%.

Во меѓувреме, во септември, беше донесен нов четврт сет на мерки, најобемен досега, со што проценетата вредност на обезбедените антикризни пакети се подигна над милијарда евра. Направен е и втор ребаланс со кој се обезбедуваат средства за дел од мерките кои имаат буџетски импликации. Со новиот пакет на мерки е повторно предвидена поддршка за фирмите за исплата на плата на вработените и досега со мерката се поддржани преку 13 илјади компании со преку 60 илјади вработени. Исто така, во тек е пријавувањето за новата бескаматна линија од 31 милион евра со грант-компонента од 30%, како и формирање на државен гарантен фонд за полесен пристап до кредити за компаниите. Со овој сет на мерки ќе се поттикнува и приватната потрошувачка преку доделување на 6.000 денари на 250.000 граѓани од ранливите категории.

Мерките придонесоа за ублажување на последиците од кризата

Главно, мерките беа фокусирани кон заштита на здравјето и животите на граѓаните и зајакнување на здравствениот сектор, поддршка на стопанството и спасување на работните места, како и заштита на загрозените категории од општеството кои беа најпогодени од кризата. Вкупниот износ на сите обезбедени пакети во 2020 година изнесува околу една милјарда евра, или приближно 10% од нашиот БДП. Се обезбедија бесплатни тестови, средтва за ваксини, поддршка на медицински персонал, финансиска поддршка за околу 500,000 граѓани кои беа најпогодени со кризата преку директно префрлување средства на нивна трансакциска сметка, околу 100.000 работни места се здржаа преку подршка на околу 15.000 претпријата погодени од кризата со финансирање на дел од платата на два пати по три месеци, обезбедување на поволни кредити за претпријатијата и низа други мерки за ублазување на ефектот од кризата.

Мерките продолжија да даваат резултати што се забележа и од економскиот резултат за третото тримесечје од 2020 година, кога по високите 14,9% пад на БДП во второто тримесечје, се забележа ублажување на падот од -3,3%. Доколку се анализира по компоненти ќе се забележи дека по високиот пад на бруто-инвестициите од 34,4% во вториот квартал, во третиот квартал има раст од 4,2%, што се должи на растот на инвестициите во градежни работи, како и во машини и опрема. Исто така, во третиот квартал падот на потрошувачка е ублажен на -1,2%, од високи -9,1% во претходниот квартал. Тоа главно се должи на фактот дека јавната потрошувачка забележа раст од високи 13,5% на реална основа, што пак се должи на зголеменото трошење за поддршка на најпогодените категории со пандемијата.

Во однос на приходната страна, следните месеци падот е повторно помал, со септември -2%, октомври -5,6% и ноември -4,6%. На крајот на годината, иако истата се’ уште не е завршена, веќе може да се каже дека буџетот е реализиран во рамки на проекциите.

Фискалната интервенција за ублажување на последиците од пандемијата спречи проценет пад на економската активност од приближно 7% или повеќе во 2020 година, ако имаме предвид дека во првите три квартали јавната потрошувачка имаше 1,2 процентни поени придонес врз растот на БДП, односно го намали падот на БДП од 7,1% на 5,9%.

2021-2025 ПЕРИОД НА ЗАЗДРАВУВАЊЕ И РАСТ

Следната 2021 година ќе биде во знак на заштита на здравјето, економското заздравување и реформи за забрзан раст на среден и долг рок

Следната 2021 година треба да биде година на економско заздравување. Во светот преовладува оптимизмот во врска со имунизацијата, која би спречила нови бранови на вирусот и нови затворања на економиите.

Во 2021 година, економијата на ЕУ е предвидено да порасне за 5%, а глобалниот економски раст е проектиран на 5,2%, согласно октомвриските проекции на Меѓународниот монетарен фонд. СР Германија, земја во која е насочен најголемиот дел од извозот на нашите домашни компании, се очекува да забележи раст на економската активност од 4,2% во 2021 година, по проектираниот пад од 6% во 2020 година.

Согласно основното сценарио, кое претпоставува слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети, поволни ефекти од економските мерки, како и зголемена доверба кај потрошувачите и инвеститорите, економскиот раст кај нас се очекува да премине во позитивната зона во 2021 година. Се очекува закрепнување на инвестициите, на потрошувачката и надворешната побарувачка, при што е проектиран раст од 4,1%. Очекувањата се дека извозот ќе забележи раст од 14%, бруто-инвестициите раст од 7,7%, приватната потрошувачка реален раст од 3,5%, јавната потрошувачка од 4,3%, додека бројот на вработени е проектирано да порасне за 1,9%, а невработеноста да се намали.

Сепак, предвид го имаме и непредвидливиот карактер на оваа криза и покрај позитивните случувања во насока на нејзино решавање. Песимистичкото сценарио се базира на претпоставка да се случат нови бранови на здравствена криза, зголемување на бројот на новозаболени во текот на 2021 година, што ќе повлече мерките за социјално оддалечување да продолжат и со евентуално подобрување постепено да се укинуваат во текот на 2021 година. Ограничувачките мерки пак, би имале реперкусии врз глобалните синџири на снабдување и надворешната побарувачка, влошени очекувања на деловните субјекти и домаќинствата, намален прилив на инвестиции и парични дознаки од странство и оттука, негативни последици врз севкупната домашна економска активност.

Согласно ова сценарио, проекциите за европската економија се двојно намалени на 2,5%, а со оглед дека тие се најголемиот трговски партнер за земјава, и нашите проекции би се движеле околу оваа бројка.

СМАРТ финансии со среднорочна буџетска рамка во услови на непредвидливост

За да се справиме со неизвесноста, треба да ги дефинираме сите можни исходи и да дадеме соодветен одговор на секој од нив. Буџетот за 2021 година е одговор на можните сценарија догодина. Со фокус на здравството, социјалата, но и јавните инвестиции, како и предвидени таканаречени „бафери“ или резерви во случај на нов бран криза, буџетот треба да даде соодветен одговор на претстојните случувања. Клучен збор за буџетот за 2021 е зборот „здравје“, бидејќи она што е најважно и најприоритетно е здравјето на граѓаните, здрава економија и здрави финансии и општество воопшто.

Стратешки приоритети во 2021 година се обезбедување забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните, справување со светската пандемија предизвикана од коронавирусот, владеење на правото, независност на правосудството, доследна и неселективна борба против криминалот и корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност, квалитетно образование достапно за сите согласно побарувачката на пазарот на трудот, модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти и заштита на животната средина, „зелен“ развој, намалување на аерозагадувањето и влијанието на климатските промени.

Исто така, за постигнување на подобар перформанс – од аспект на планирањето, треба да гледаме малку подалеку од „денес за утре“. Од првиот ден во Министерството за финансии настојувам да го воведам концептот на СМАРТ-финансии. СМАРТ е акроним од стратешко, одржливо, мерливо реформски ориентирано и транспарентно работење (S-strategic, M-maintainable, A-accountable, R-reform-oriented, T-transparent). Со овој начин на работа, со вакво дејствување, ќе имаме јасни цели кои ќе бидат мерливи, план за работа, механизми кои ќе го следат извршувањето и резултатите, ќе ги мерат резултатите и нивното влијние врз економијата и при целиот процес ќе има висока фискална транспарентност.

Буџетот за 2021 година е еден од првите чекори од СМАРТ-финансиите. И покрај тоа што се соочуваме со една од најголемите и најнепредвидливите кризи, ние отидовме чекор понатаму со планирањето и проектирањето од една фискална година и отидовме со петгодишни проекции за растот, дефицитот и планот за јавни инвестиции.

Очекуваме на среден рок, со спроведување на политиките, мерките и реформите, кои понатаму ќе ги наведам, да се удвои економскиот раст во споредба со просекот од изминатите години кој се движеше помеѓу 2-2,5% раст на БДП на стапки на раст кои ќе се движат помеѓу 4 и 5%. Тоа ќе значи и двојно забрзување на подобрувањето на стандардот на граѓаните и воопшто условите за живот во земјава. Проектираме по 2021 година, растот да забрзува на 4,6% во 2023, 5,6% во 2024 и 5,9% во 2025 година. Во периодот од 2026 до 2030 година се предвидува стабилизирање на просечната стапка на економски раст на 5,75% годишно. Се разбира, ќе настојуваме што е можно повеќе граѓани да уживаат во придобивките на овој раст.

„Абецеда“ на среднорочната буџетска рамка за економски раст

Кризата носи големи ризици, но носи и можности да излеземе од неа како пофункционално општество и порезистентна економија. Секоја научена лекција е добивка, а на оваа криза треба да гледаме и како на појдовна точка од која работите ќе ги правиме подобро.

Поставивме три платформи врз основа на кои ќе делува фискалната политика во следниот среднорочен период. Тие платформи се практично АБЦ на моделот на економски раст: А. Попаметен раст 2021-2025 стратегија за закрепнување на економијата и одржлив раст (SmartER Growth), Б. Фискална консолидација 2021-2025 година, и Ц. План за јавни инвестиции 2021-2025 година.

Првиот предизвик е стабилизација и креирање на нов фискален простор преку постепено стеснување на буџетскиот дефицит, односно јазот помеѓу приходите и расходите, а притоа да не делуваме врз економскиот раст. Проектираниот дефицит за 2021 година е на ниво од 4,9% што е за 3,6 процентни поени пониско во однос на буџетскиот дефицит проектиран за годинава. Согласно нашиот план и нашите очекувања секоја година буџетскиот дефицит постепено ќе се стеснува во насока на планирата фискална консолидација, така што во 2022 тој ќе достигне -3,8%, во 2023 -3,2%, во 2024 -2,9% и во 2025 година -2% и ќе биде под мастришкиот критериум од -3% од БДП.

Планираната фискална консолидација ќе ја спроведеме така што ќе делуваме на подобрување на наплатата на буџетските приходи, на намалување и реструктурирање на буџетските расходи и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.

Подобрувањето на наплатата на буџетските приходи ќе се спроведе главно преку мерките за намалување на неформалната (сивата) економија. Еден од приоритетите на Министерството за финансии во следниот петгодишен период ќе биде зајакнување и креирање на нови механизми во борбата против сивата економија.

Намалувањето и претструктуирањето на буџетските расходи ќе се одвива, пред се’, преку намалување на неприоритетните и несуштинските трошоци, како патни и дневни расходи, трошоци за репрезентација и договорни услуги. Кратењето на тековните расходи ќе се постигне преку воведување на стандарди за материјалните трошоци по буџетски корисници и рационализација и ревидирање на програмите за трансфери и субвенции. Понатаму, ќе се дејствува и преку мерки за оптимизација и зголемување на ефикасноста на јавната администрација, оптимизирање и реорганизација на јавниот сектор, дигитализација на добар дел од јавните услуги, воведување на критериуми за користење на канцелариски простор од страна на буџетските корисници, преку вредносни лимити при набавката на мебел, на службени возила и службени авионски патувања исклучиво во економска класа.

Во насока на оптимизирање на расходната страна, ќе се работи на зголемување на уделот на капиталните расходи во вкупните расходи, како и подобрување на нивната реализација. Ако просечното учество на капиталните во вкупните расходи во 2017-2019 година изнесува 8,1%, во 2021 е 9,4%, односно од секои 1,000 денари наменети за буџетско трошење, 94 денари ќе се наменат за инвестиции, а тенденцијата е овој процент да расте. Исто така, во изминатите 10 години, капиталните расходи се реализирани во просек од околу 70% од планираните средства во иницијално донесениот буџет. Покрај планирањето на повисоки капитални расходи, се преземаат и ќе се преземаат мерки во насока на подобрување на реализацијата. Така од следната година почнува да функционира КАПЕФ механизмот за „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи. Понатаму се воведува методологија за оценка на ефектите од инвестициските проекти врз економскиот раст наречен ПИМА, како и методологија за оценка на реализацијата на капиталните инвестиции преку Smart Key Performance Indicators. Ќе се воспостави и единица за следење на реализацијата на капиталните расходи во рамките на Министерство за финансии и единица за поддршка на ниво на Влада, а воспоставен е Национален Инвестициски Комитет и на ниво на Владата, со кој претседава премиерот.

Инаку, за намалување на долгот и дефицитот, од исклучителна важност се и изворите на финансирање. Во насока на нивна поголема диверзификација, ќе се оди кон репрограмирање на јавниот долг преку издавање на развојна обврзница, како и приватизација на државен капитал како претпријатијата загубари или дел од земјиштето во државна сопственост. Исто така ќе се пормовираат опции за мобилизирање на приватниот капитал во развојни проекти преку ЈПП или развојни фондови по примерот на Планот на Јункер за време на големата финансиска и должничка криза во Европа.

Покрај заздравување, потребно е да се стимулира економската активност во насока на повисок и одржлив раст. Тоа е целта на втората платформа, Стратегијата за закрепнување на економијата и одржлив раст, која е составена од пет столба: (1) економско заздравување, (2) брз и одржлив економски раст, (3) зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, (4) развој на човечките ресурси и еднакви можности, и (5) дигитална (смарт) економија.

Економското заздравување од Ковид-19 ќе се спроведе преку мерки за заштита на здравјето на граѓаните и социјалната заштита на најзагрозените категории, како и поддршка на економијата, приватниот сектор и заштита на работните места.

По економското заздравување, предвидени се мерки и политики за забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. Тие ќе бидат во насока на добро управување – односно владеење на правото, реформи во јавната администрација, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите. Од исклучителна важност ќе биде обезбедување на фискална одржливост и макроекономска и финансиска стабилност. Тука се и мерките за обезбедување на локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина.

Истовремено ќе се работи и на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, на зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири. Понатаму ќе се дејствува во насока на подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, на подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите и модернизација на земјоделството.

Инвестициите во човечки капитал остануваат меѓу врвните приоритети и во Стратегијата за ревитализација и забрзан раст. Ќе се работи на  развој на еднакви можности, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образование, наука и здравство, поттикнување на поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување.

Дигитализација на економијата и јавните услуги ќе бидат важни за претпријата да се прилагодуваат на новата нормала, а воедно да ја зголемат нивната конкурентност и квалитет на услуги и производи..

Во контекст на забрзаниот раст и подобрувањето на стандардот и условите за живеење во земјава е и третата платформа – Планот за јавни инвестиции 2021-2025 година. Тој се фокусира на имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина. Поточно, во периодот од 2021 до 2025 година година се планираат капитални проекти во вкупен износ од 3,2 милијарди евра, од кои со буџетски средства би се финансирале 1,28 милијарди евра, од донации (преку ИПА фондови) 112,8 милиони евра, а со средства од меѓународни финансиски институции/билатерални кредитори капиталните инвестиции би се финансирале со износ од 1,84 милијарди евра.

Реформски закони и стратегии

Во насока на спроведување на политиките, активностите и мерките од трите платформи, веќе се подготвени стратегии и реформски закони кои ќе овозможат сето тоа да се ефектуира.

Од исклучителна важност е новиот Закон за буџети кој предвидува поставување фискални правила и воспоставување Фискален совет – во насока на поголема контрола, среднорочно буџетирање и воспоставување интегриран систем за управување со јавни финансии – во насока на подобро планирање и креирање регистар на јавни субјекти и зголемување на транспарентноста. Овој закон се вклопува во концептот СМАРТ финансии, односно истиот е креиран да обезбеди рамка за водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика како и зголемување на буџетската дисциплина и одговорност. Со Законот се оди и чекор понатаму од аспект на дигитализација на јавните финансии, односно воведување Интегриран систем за управување со јавни финансии ИФМИС, преку кој ќе се подобри контролата на извршување на приходите и расходите, од нивното планирање до конечната реализација.

Подготвена е и петгодишна Стратегија за управување со јавниот долг, со која се дефинираат лимити за висината на трите нивоа на долг, државниот, гарантираниот како и на вкупниот јавен долг во следните пет години, како и за структурата на долгот, во насока на прудентно управување со истиот. Согласно стратегијата и во насока на политиките за фискална консолидација коишто ќе се спроведуваат, заклучно со 2025 година јавниот долг треба да се сведе под мастришкиот критериум, односно да се намали на 58,8%. Државниот долг, пак, согласно Стратегијата, ќе се движи до 53,7% од БДП, по што ќе се стабилизира и ќе се сведе на 51% во 2025 година. Стратегијата има за цел преку прудентно управување со јавниот долг истиот да се задржи на одржливо ниво. Таа предвидува финансирање на потребите на државата со најнизок можен трошок, идентификација, следење и управување со ризиците на кои подлежи портфолиото на јавниот долг и развој и одржување ефикасен домашен финансиски пазар.

Преку спроведување на петгодишната Стратегија за реформа на даночниот систем треба да се обезбеди поголема праведност и ефикасност во даночниот систем којшто ќе поттикне инвестиции и иновации а со тоа и економски раст, поголема даночна одговорност – подигнување на свеста за потребата за плаќање даноци, повисока даночна транспарентност, поголем квалитет на услугите, дигитализација и зелено даночење. Оваа стратегија е составен дел на пошироката среднорочна политика на забрзан раст. Таа ги утврдува генералните насоки за реализација на приходната страна на Буџетот и внимателно дизајнирање на даночното оптоварување. Поточно, како да постигнеме некои од суштинските цели, односно намалување на неформалната економија, намалување на економската нееднаквост, надминување на тешкотиите во собирањето јавни приходи, адресирање на софистицираните техники за избегнување и затајување на даночните обврски, како и одговор на предизвиците за заштита на животната средина и новите технологии, и воопшто креирање даночен систем којшто ќе ги поддржи инвестициите и иновациите, а со тоа и економската активност и забрзан раст. Целта на оваа Стратегија, во синергија со другите стратегии и политики, е да понуди одржливи решенија за овие проблеми. Во насока на обезбедување поголема транспарентност предвидени се активности за размена на информации помеѓу даночните органи и други субјекти, којашто во прв ред ќе се заснова на електронски услуги. Истовремено ќе се подобрува и квалитетот на услугите на начин којшто ги поедноставува и забрзува постапките и го намалува административниот товар. Во таа насока ќе се реализира и приоритетот за дигитализирање на процесите. Оваа стратегија која во иднина ќе значи и дефинирање на оптимална даночна политика, која ќе се постигна преку сеопфатна стручна анализа и широк консултативен процес и вклученост на сите чинители во економијата и општеството, односно стопанските комори, синдикатите, експертската јавност и граѓанскиот сектор.

Други реформски зафати ќе бидат намалувањето на неформалната економија, оптимизирање на јавниот долг во однос на рочноста и трошоците, како и програма за финансиска консолидација и подобро управување со јавните фунансии од страна на општините.

ПОСВЕТЕНИ КОН ЦЕЛТА

Наша крајна цел на долг рок е со реализација на сите овие планирани активности е да постигнеме економски развој кој ќе биде на ниво на ЕУ просек, што би значело подобар животен стандард од половина од земјите во Унијата. Со добра стратегија и план за имплементација, како и со постојаност во напорите тоа може да се постигне. Како што би рекол светлиот ум од минатиот век, Алберт Ајнштајн: „Во средина на тешкотијата, стои можноста.“ 

Да бидеме реални: регионот на многу начини сè уште е претежно (погрешно) разбран и (погрешно) третиран и меѓународно се нарекува „бурето барут на Европа“.

повеќе

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе