Претседателот на СКСМ со порака

Азески: Спојувањето на енергетската, финансиската и здравствената криза неминовно бара и единствена државна агенда, сега и веднаш

Единаесет месеци по мојот текст „Комета може и да нѐ промаши, но струјата 'ќе нѐ дрма' во наредниот период", можеме да констатираме дека и кометата сѐ уште се заканува, а струјата нѐ дрма како во рацете да држиме отворен спроводник со висока волтажа.

Во овие 11 месеци издадовме стотици соопштенија, напишавме десетици колумни, одржавме уште толку средби и разговори со Владата и денеска се наоѓаме пред неделата во која мораме да ги знаеме позициите од кои зависат понатамошните одлуки. Значи неделата „Д" е пред нас, ние сме спремни за разговори со потребното ниво на мобилизација и аргументи но и оценки за моменталната реалност кои што се над најпесимистичките прогнози (512 евра за мегават час, цена на HUPEX берзата на 20.8.2022 година).

Но да почнеме по ред.

Прво, прашањето за граѓанството и бизнисот. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика 594.243 лица се вработени во приватниот сектор, што значи тоа не се граѓани на другата страна од бизнисот туку се граѓани кои својата егзистенција ја обезбедуваат во бизнисот. На тој број треба да се додадат вработени кои засноваат работен однос преку Агенциите за времени вработувања или кои работат во АД со мешовита сопственост со што тој број е многу поголем и не може да се спротивставуваат едните на другите. Тоа се истите луѓе.

Второ, сите наши укажувања во изминатите години беа во правец на тезата дека бизнисот е основата на која почиваат сите други работи во државата и плус тоа, тоа е единственото врзно ткиво во сите поделби кај нас и во регионот. Не знам дали е ова доволно јасно, но не би се осмелил да го проверувам затоа што реалноста може да биде многу сурова и да нема враќање назад.

Трето, нам ни треба во овој момент самодоверба затоа што оваа битка може да ја добијат само луѓе што ја сакаат татковината, што имаат срце и многу знаење, а ако такви немаме треба да си „купиме" од странство затоа што за жал светот така функционира.

Четврто, после решавањето, или поточно, обидот за решавање на трите клучни наметнати прашања од страна (името, јазикот, црквата), што нѐ чинеа 30 години стагнација, ние имаме една опција, да ги засукаме ракавите, да се обединиме и да работиме. Тој пат или таа опција Комората јасно ја изрази во Декларацијата по повод 100 годишнината од своето постоење која масовно се поддржува од сите субјекти во државата.

ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ОПШТЕСТВЕН КОНСЕНЗУС
ЗА ЕКОНОМСКИ РЕФОРМИ, ПОЛИТИКИ, МЕРКИ

1. Од осамостојувањето на земјата наваму, македонската економија оствари разочарувачки бавен раст. Во периодот од 1993 до 2021 година, просечно годишно, реалниот раст на бруто домашниот производ изнесува само 1,7%, што не овозможи позначително стеснување на јазот во однос на просекот на Европската Унија.
Македонија не успеа да го реформира својот образовен систем и не продуцира кадри со знаења и вештини што ги бара пазарот и новото време.
Поради отсуство на конзистентен пристап земјата остана високо зависна од увоз на енергенси, а со тоа и подложна на силни ценовни удари без обезбедена алтернатива.

2. Ваквите неповолни состојби во економијата во значаен дел се должат на не функционирањето на правната држава, непочитување на пазарните вредности, севкупната политизација на секоја пора од општеството и доминацијата на интересот на политичките партии над државниот интерес. Затоа бизнисот бара враќање од „партиската" кон „државната агенда", која е образложена во следната точка.

3. Aко се точни ваквите констатации сите одговорни субјекти во државата треба да склучат нов рамковен договор, а тоа е договор за економските реформи, политики и мерки кои треба да се спроведуваат во наредните најмалку десетина години. Само со ваков пристап бизнис секторот во Македонија ќе може да работи во амбиент кој што е стабилен, предвидлив и долгорочно ориентиран. Во вакви околности, ќе има големи инвестиции на приватниот бизнис сектор, отворање на нови работни места и забрзување на растот на македонската економија.

Сега нам ни треба најдобрите претставници на бизнисот да седат на седниците на Владата и Парламентот каде се носат крупните одлуки, да наши и владини претставници заеднички одат во САД и Германија, заедно да побараме помош од нашите стратешки партнери за градба на енергетски објекти што ќе го намалат овој диспаритет а не да ги броиме неуспешните тендери кои достигнуваат двоцифрени бројки.

Петто, 80% од инфлацијата моментално доаѓа од увозот на храна и енергенси. Само за пример храна оваа година ќе увеземе за 700 милиони евра. Што е апсолутен дебакл на нашата 30 годишна самостојност, со потрошени над една милијарда субвенции без конкретна додадена вредност и без стратешка национална свест и визија.

Шесто, Комората со предложените мерки и овие кои денеска ги истакнувам уште еднаш докажува дека е на ниво на нејзината општествена улога. Не дека меѓу нас нема луѓе и компании кои подлегнуваат на искушенијата но ние немаме истражни органи за да интервенираме, државните инспекциски органи треба да си ја работата својата работа.

Конечно да заклучиме, ние не сме луѓе што немаме алтернатива и што нема да најдеме решение за било каков проблем. Точно е дека овие проблеми имаат меѓународен карактер, но дајте ние да си ги решиме нашите.

П.С. Понеделник прес конференција и состанок со потпретседателите на Комората. Вторник, консултации со Управниот одбор. Среда, консултации со Здруженијата, Групациите, Асоцијациите. Четврток, средба со министерот за финансии и состанок на Платформата за јавно приватен дијалог помеѓу Владата и бизнисот.

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе