Апели од власта да се штеди струја, бизнисот бара помош

Во пресрет на очекуваната тешка зима поддршката на земјоделството и менаџирањето со енергетската криза остануваат врвни приоритети на Владата, најави премиерот Димитар Ковачевски, додека во исто време лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара надлежните да произведуваат струја која, ќе завршува како помош во стопанството.

Премиерот Ковачевски вчера по пуштањето во употреба на системот за наводнување „Славишко поле“ во Општина Ранковце најави дека Економскиот совет ќе ги разгледа барањата на бизнис секторот за ублажување на ударот од високите цени на струјата за компаниите и штом ќе ги имаат пресметките, Владата ќе интервенира во тој дел.

Сепак, според него, евентуално дополнителното намалување на ДДВ-то не би имало големо влијание на цената на електрична енергија, бидејќи таа на слободниот пазар е над 1.000 евра.

 „Во однос на намалувањето на ДДВ-то, тоа е веќе намалено за електричната енергија. Ако треба ќе се намалува повторно, но тоа не би имало големо влијание на цената на електрична енергија, кога знаеме дека таа е над 1.000 евра поставена на слободниот пазар. Што се однесува до маржите на трговците со електрична енергија, прво треба да се направи анализа и тоа од страна на Регулаторната комисија, да видиме колку се големи тие маржи и дали воопшто има маржи на овие цени на електричната енергија“, изјави Ковачевски.

Премиерот посочи и дека клучно во следниот период е да се направат заштеди на електричната енергија секаде каде што е можно.

„Се наоѓаме во период кога цените на електричната енергија се највисоки и се повисоки од која било економска логика, зборувам за целиот европски континент, а она што го имаат како задача сите ресори во Владата и компаниите кои што се во државна сопственост, тоа ќе мора да го испорачаат со цел да имаме непречено снабдување со електрична енергија“, додаде премиерот Ковачевски.

Од друга страна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски од Берово обвини дека македонските бизнисмени плаќаат повисока струја од нивните колеги во регионот и упати апел до надлежните да произведуваат струја која „ќе завршува како помош во стопанството“.

„Апелирам до надлежните… да му овозможат на бизнисот и стопанството во овие тешки времиња да преживеат бидејќи тоа се хероите на ова време кои што секој месец се борат да обезбедат егзистенција за вработените. Да се зафатат за работа, да произведуваат струја и таа струја да завршува како помош во стопанството и на тој начин да го направат македонското стопанство конкурентно“, изјави Мицкоски.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, пак, оцени дека седум месеци од почетокот на војната во Украина, економските изгледи и понатаму остануваат со висока доза на неизвесност, со надолни ризици поради растечката инфлација, можноста за запирање на испораката на гас од Русија, растот на цената на електричната енергија и затегнувањето на условите за финансирање.

Во колумна Бесими нагласува дека цените на енергијата за европските домаќинства и фирми ќе биде повисока од претходните очекувања.

„Ова ќе повлијае на довербата на потрошувачите, која ќе опаѓа и се помалку ќе бидат подготвени да ги трошат своите заштеди, што ќе се одрази на потрошувачката во втората половина од годината. Цената на енергијата ќе има влијание и врз инвестициите. Зголемените трошоци и послабите изгледи за финална потрошувачка ќе повлијаат на фирмите да скратат на несуштествените проекти“, додава Бесими.

Тој потсетува и дека природниот гас поскапе на над 3.300 долари за 1000 кубни метри, што е раст на неговата цена во според со средината на 2021 година за 700 отсто.

„Рекорди руши и цената на електричната енергија. На германската берза на крајот на август цените достигнуваа над 700 евра за мегават час за едногодишна испорака, додека на француската берза над 800 евра за мегават час. Така овие пикови се одразија и на сите регионални берзи и цената достигна и до 600 евра за мегават час. Инаку, во 2021 година, на европските берзи цената над 75-100 евра за мегават час се сметаше за висока, додека на регионалните берзи цените се движеа не повеќе од 50-75 евра“, додава Бесими.

Тој наведува и дека очекувањата на енергетските експерти се дека до крајот на зимата оваа состојба нема да се менува многу, освен во случај на прекин на војната во Украина и одлука на Германија да увезува руски гас преку Северен поток 1 и 2.

„Додека пак, ако Германија, која доминантно влијае на цената на струјата на европските пазари продолжи со намерата за престане со користење на рускиот гас, високите цени на енергијата ќе потраат неколку години“, потенцира Бесими.

Во вакви услови, додава министерот, Владата презема и ќе презема мерки за амортизирање на растечките цени на електричната енергија, преку субвенции на производството на ЕСМ и намалувањето на ДДВ-то за електрична енергија од 18 на пет проценти, што на годишно ниво го чини Буџетот на државата околу 50 милиони евра помалку приходи од ДДВ.

„Цената на електричната на енергија на регулираниот пазар кај нас е пет пати пониска во однос на пазарната цена на струјата – тоа е поддршката која ја даваме за домаќинствата и дел од компаниите кои се мали потрошувачи. Разликата во цената на чинење и продажната цена на електричната енергија што се обезбедува од државната компанија ЕСМ на регулираниот пазар за домаќинствата, како и за загубите на преносната и дистрибутината мрежа, надминува 200 милиони евра годишно“, додава Бесими, апелирајќи итно да се преземаат мерки за штедење на електрична енергија од сите институции во јавниот сектор и субјекти во приватниот сектор, како и во секое домаќинство, едноставно секој граѓанин треба да даде свој придонес.

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе