Интервју

Ангел Анѓушев: Возилата за одржување хигиена на „Грин машинс“ од Велес се продаваат на сите континенти низ светот

Во моментов имаме повеќе од триесет нарачани возила и треба да ги испорачаме во Обединетото Кралство, Полска, Албанија, Обединетите Арапски Емирати, Летонија, Романија, САД, Хрватска, Франција, Грција и Австралија, вели во разговорот за МКД.мк Ангел Анѓушев, техничкиот директор во „Грин машинс“ во Велес.

Ангел Анѓушев од годинава е и технички директор на оваа компанија која од Шкотска се пресели во Македонија и сега е во целост водена од македонски менаџери и инженери. Ангел Анѓушев е дипломиран машински инженер кој дел од образованието го стекнал и на Универзитетот во Ахен за применети науки, еден од најголемите и најважните универзитети за применети науки во Германија. 

Производите од програмата „Грин машинс“ се присутни на сите светски континенти. За помалку од 15 години успеавте да направите светски бренд.

-Во инженерството и индустријата не постојат тајни. Успехот на производите на „Грин машинс“ во целиот свет се должи на една единствена работа – способноста да одговорат на барањата на светскиот пазар.

Пред сѐ, машините мора да имаат долга трајност и со голема ефикасност да го отстрануваат отпадот од градските површини. Моделот ГМ500зe кој се произведува од 2010 е првата електрична метларка во светот и наш најпродаван производ, а примероците кои се продадени пред повеќе од 10 години уште секојдневно ја одржуваат хигиената низ целиот свет. Тој е единствениот електричен модел во светски рамки кој може да се пофали со таква издржливост.

Моделот ГМ414 со дизел мотор е резултат на повеќе од 50 години континуирано подобрување и нема конкуренција на пазарот зашто нуди неприкосновен перформанс во споредба со другите машини од истата големина. Од оваа година тој е достапен и во целосно електрична верзија.

Изгледот и ергономијата се исто така многу важни фактори за успехот на нашите производи, бидејќи за општините и другите купувачи е многу важно да изградат позитивен јавен имиџ и да обезбедат добри работни услови за операторите на машините. Со заштитната зелена боја и уникатниот компактен изглед, возилата на „Грин машинс“ секогаш го привлекуваат вниманието на минувачите. Покрај тоа што ја разубавуваат околината со собирање на отпадот, истото го прават и со самиот свој изглед. Затоа не е никаква случајност што токму нашите машини биле одбрани од врвни режисери да се појават во некои од најгледаните филмови: моделот ГМ636 во Men in Black 3 и моделот ГМ414 во Star Wars: The Phantom Mеnace.

Ергономијата е исто така на највисоко ниво, со интуитивни команди, избор од повеќе видови седишта, радио, блутут, добра звучна изолација на кабината и можност за греење и ладење на кабината за работа во секакви временски услови.

И колку и да се нашите производи добри, нивниот успех би бил невозможен без соодветна продажна мрежа и техничка поддршка. За таа цел „Грин машинс“ има основано свои ќерки-фирми во Холандија, Обединетото Кралство, САД и Германија, преку кои сме директно присутни на пазарите во овие држави. Понатаму, таму каде што не сме присутни директно имаме соработка со овластени дистрибутери кои се обучени да ги продаваат и сервисираат машините на „Грин машинс“. Такви дистрибутери имаме во многу држави: Франција, Португалија, Турција, Грција, Унгарија, Романија, Индонезија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Јужна Кореја, Тајланд, Тајван, Египет, Мексико, Хрватска, Австралија и други. Бидејќи САД е огромен пазар, таму покрај преку нашата компанија во Сан Диего, присутни сме и преку дистрибутер.

Голема предност на „Грин машинс“ во однос на конкуренцијата е тоа што половина од сите делови за нашите машини ги произведуваме самите во Брако, додека нашите конкуренти имаат снабдувачи за секој дел. Тоа ни дава многу поголема флексибилност и агилност и можеме да понудиме пократки рокови на испорака што е во многу случаи пресудно за купувачите, особено во денешните услови каде што синџирите на снабдување се сериозно нарушени заради ковид-19 и војната во Украина.

Зошто вашите машини не се продаваат во Македонија? Скапи сте за македонскиот пазар или...

-Во Македонија веќе се користат возила на „Грин машинс“ во неколку општини каде што нивото на хигиена го имаат подигнато значително, но потенцијалот на македонскиот пазар е се уште огромен и гледам потреба од многу повеќе машини на македонските улици за ја достигнеме хигиената на градовите во Западна Европа.

Кога разговараме за цената на производите на „Грин машинс“, важно е да се знае дека тие во една смена вршат повеќе работа од 25 луѓе кои рачно ги метат улиците. Кога ќе се направи споредба на трошоците може лесно да се увиди дека секоја општина што ќе купи возило од „Грин машинс“ за брзо време ќе го исплати. Затоа купувањето на нашите производи не е прашање на „луксузирање”, туку економски исплатлива инвестиција за подобрување на јавната хигиена.

Како што може да се види во јавните набавки, македонските општини одвојуваат огромни пари за проекти со дискутабилна вредност за нивните жители, па затоа не гледам зошто нашите возила би биле прескапи за нив. Разочарувачки е фактот што годинава општините не покажуваат интерес за подобрување на хигиената преку купување на машините што ги купуваат сите разумни општини во развиените држави.

Како се снаоѓате со кадар? Од бизнис асоцијациите веќе подолго време апелираат на немање квалификуван кадар во Македонија.

-Наоѓањето квалификуван кадар во металопреработувачката индустрија секогаш било предизвик за компаниите. Тој предизвик го има и Брако, а се справуваме така што вложуваме во нашите вработени преку атрактивни плати, обуки, можности за унапредување и обезбедување на сигурна работа во фабрика која речиси 20 години постојано расте и работи на стабилни проекти.

Какви се капацитетите за производство на овие машини? Стигнувате ли со нарачките?

-Максималниот капацитет за производство на возилата на „Грин машинс“ е неколку стотици машини годишно. Бројот на нарачки сега е одличен и сите наши производни линии работат со висок интензитет. Таквото работење е клучно за успехот и растот на една фабрика. Без тоа би било тешко да се организира и оптимизира производството на начин што е профитабилен. Фиксните трошоци на фабриката како што се платите и материјалите мора да се покриваат со стабилна продажба. Во моментов имаме повеќе од триесет нарачани возила и треба да ги испорачаме во Обединетото Кралство, Полска, Албанија, Обединетите Арапски Емирати, Летонија, Романија, САД, Хрватска, Франција, Грција и Австралија.

Брендот „Грин машинс“ во светски рамки важи за лидер во иновации и револуционерни решенија кога станува збор за одржување хигиена. Колку оваа традиција се продолжи по префрлањето на производството од Шкотска во фабриката во Велес?

-Транзицијата на производството од Шкотска во Македонија помина без негативни ефекти врз продажбата, а квалитетот на возилата се задржа во целост. Тоа е благодарение на добрата работа на тимот од инженери и работници кои беа ангажирани за реализација на тој проект. Сепак, колку и да била богата традицијата на „Грин машинс“ пред македонската сопственост, тоа веќе не значи ништо бидејќи пазарот е динамичен и конкуренцијата постојано се движи напред. Тоа за нас значеше дека преземањето на брендот е само почетокот на предизвиците и дека ако сакаме „Грин машинс“ да ја задржи позицијата на пазарот ќе мора да вложиме многу финансиски и човечки ресурси во развојот на нови модели и надградување на постоечките.

Прв голем чекор што го направивме во таа насока е развивањето на моделот ГМ500Х2, кој е првата метларка во светот на погон на водород. „Грин машинс“ во 2010 година беше првиот производител на електрични метларки во светот, а точно 10 години подоцна, под македонско раководство, ја продолжи традицијата така што во 2020 го претстави ГМ500Х2. Примероци од овој модел веќе се продадени во Холандија и Франција, а постои и голем интерес од неколку германски општини.

Следен голем подвиг беше развојот на ГМ955, возило со контејнер од 6м3. За разлика од другите наши модели кои собираат отпад на принцип на вакуум, ГМ955 тоа го прави на механички принцип, преку централна четка и транспортен механизам кој го пренесува отпадот во контејнерот. Со додавање на овој модел во својата гама, „Грин машинс“ значително ја зголеми својата способност да ги задоволи барањата на најразличните пазари низ целиот свет.

Уште еден комплетиран проект е развојот на ГМ400зe врз база на постоечкиот модел ГМ414. Покрај тоа што електричната верзија ги има очигледните еколошки предности, таа нуди и далеку подобри перформанси благодарение на уникатниот систем за ре-циркулација на воздухот. Преку паметно искористување на воздухот кој се собира заедно со отпадот, овој систем ја зголемува всисната моќ на машината до 40%, а го намалува пропуштањето на прашина низ филтер-вреќата за 66%. Подоброто струење на воздухот овозможува машината да собере двојно повеќе отпад пред да треба да се испразни вреќата. Уште еден исчекор е тоа што работните функции на оваа машина се управуваат на допир преку новиот контролен дисплеј.

Во моментов нашиот тим за развој работи на два крупни проекти – подобри кабини за  подобар комфор на операторите и за полесно управување со машината и на нови електрични мотори од најнова генерација кои имаат помала тежина и подобри перформанси.

Паралелно тече развојот на целосно нов модел, чиј концепт беше претставен на саемот во Минхен - електрично возило со контејнер од 2м3 капацитет. Овој модел почнува со производство во 2023 година.

Со сите овие проекти развојот во „Грин Машинс“ се одвива со темпо кое е многу пати побрзо во споредба со годините пред македонското раководство. За нецели четири години развивме четири нови модели, а со истото темпо продолжуваме и понатаму. Сето тоа се разбира дека има цена. За реализација на овие проекти „Грин машинс“ има тим од десетина инженери кои секојдневно работат на развој на нови модели и на надградба на постоечките. Тоа е цена која сме подготвени да ја платиме за да бидеме пред конкуренцијата и да ги произведуваме најдобрите метларки во светот.

Кои се вашите планови за ширење на производството?

-Со оглед на тоа дека „Грин машинс“ веќе има поширока гама од почетокот на производството во Македонија, а во блиска иднина таа ќе биде дополнително проширена. Јасно е дека зголемувањето на производствените капацитети е неизбежно. Тоа ние го имаме во план и веќе е изработен проект за проширување на просториите за монтажа на возилата. Градежните активности ќе се одвиваат во текот на 2023 година и по нивно завршување „Грин машинс“ ќе располага со уште поголем капацитет од претходно.

На почетокот на јули говоревте на овогодинешниот Македонски енергетски форум. Имајќи ја предвид актуелната криза со набавка на енергенси кои се вашите видувања за алтернативите и можностите кои и стојат на располагање на Македонија?

-Ниту една земја не е имуна на актуелните случувања во светот и сите веќе ги чувствуваме последиците. Оваа криза најдобро ќе ја поднесат земјите кои можат да се потпрат на производство на енергија од сопствени извори, а најлошо ќе ја поднесат земјите кои се во најголема мера зависни од увозот на енергенси и од берзата за електрична енергија. Македонија нема извори на традиционални енергенси, па затоа единствен начин да ги ублажиме последиците од кризата е да ги искористиме обновливите извори на енергија најдобро што можеме. Како што зборував и на Македонскиот енергетски форум, потпирањето на обновлива енергија е потешко отколку што изгледа на прв поглед. Инсталирањето на капацитети за производство на енергија е само првиот и наједноставниот чекор.

После тоа со таа енергија мора внимателно да се менаџира бидејќи обновливите извори, за разлика од традиционалните, не ни ја даваат енергијата токму тогаш кога ни треба и во количините во кои ни треба. Затоа вториот и најважен чекор во енергетската транзиција е складирање на обновливата енергија со цел да се балансираат производството и потрошувачката и да се обезбеди стабилно снабдување на потрошувачите по предвидливи цени.

За складирање на енергија постојат два пристапи: складирање во батерии и производство на водород кој подоцна може да биде искористен за производство на струја во горивни ќелии. И двата пристапи бараат големи инвестиции и не се нешто што може да се направи преку ноќ, па затоа е потребна јасна стратегија и брзо делување.

 

А.Д.

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе