ГОСПОДИНОТ „БАРОК“ ЧУКА НА ПОРТИТЕ ОД УНИВЕРЗИТЕТСКИОТ КАМПУС

Договорот „нарасна“ на 16,8 милиони евра: понудата на „Бетон Штип“ најпогодна за барокните факултети во УКИМ

Продолжуваат сагата и контроверзиите поврзани со изградбата на двата „барокни“ факултети што ќе никнат во зеленилото во универзитетскиот кампус „Св. Кирил и Методиј“. Фирмата „Бетон Штип“ дала најниска понуда за изведба на ФИНКИ И Факултетот за физичко образование, а договорот со Министерството за образование (МОН) од предвидените 13,6 „нарасна“ на близу 16,8 милиони евра, тендер за кој ВМРО-НП пред само две недели тврдеше дека наводно е наместен. 

Милионските суми за новите домови на двете високообразовни институции можеби немаше да кренат толкава врева и реакции низ јавноста доколку не владееше толкав молк од надлежните од ресорот на министерот Абдилаќим Адеми. Инвеститорот (МОН) досега целиот процес за изградбата на двата факултети во склоп на УКИМ го водеше во тајност, со штури информации.

Целиот процес беше неодамна „размрдан“ и со тврдењата на ВМРО-народна партија дека нетранспарентно и незаконски била спроведена тендерската постапка при изборот на изведувачот. Обвинија дека фирмата што понудила најдобри услови и најниска цена, незаконски била предвреме елиминирана со образложение што целосно е спротивно со одредбите од Законот за јавни набавки.

„Сето ова е направено со цел да се спречи учеството на лицитацијата и заради најповолно понудени услови да не го попречи изборот на однапред утврдениот победник на тендерот“, соопштија од ВМРО-НП.

ВМРО-народна партија укажуваше дека се пробиени сите законски рокови за обврската на спроведувачот на тендерот да ги извести понудувачите и јавноста, која фирма е избрана за изведувач, под кои услови и што е најважно, по која цена ќе се градат објектите.

„Изградбата на факултети претставува општ јавен интерес на граѓаните на Република Македонија и тие имаат право да знаат кој, како и во колкава мера ги троши нивните пари. Зачудени сме што ваквата нетранспарентна практика при спроведувањето на тендерските постапки продолжува од страна на владејачката структура, кога се знае дека во изминатиов период реакциите од јавноста и од меѓународната заедница беа жестоко критички, насочени токму за нетранспарентно спроведување на тендерите. Исто така, беше посочено дека пристрасното одлучување е жариште што отвора простор за понатамошни коруптивни дејства, со кое се загрозува правниот систем во државата“, соопшти ВМРО-народна партија.

Но ВМРО-НП изминативе две недели не се појави пак да образложи кои се другите заинтересирани фирми и дали е точна шпекулацијата дека фирма блиска до лидерот Љубчо Георгиевски му конкурирала на „Бетон Штип“. Само „пуштија водичка“.

Бирото за јавни набавки објави дека „Бетон Штип“ на електронска аукција поднела понуда со најниска цена - 366.898.030 денари за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, а 664.950.500 денари за подигнување нов објект на факултетот ФИНКИ со подземни гаражи и партерно уредување при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во „превод“ - тоа се вкупно 16.763.633 евра, што е за 3 милиони повеќе од првично проценетата вредност на МОН.

На сајтот на Бирото за јавни набавки пишува дека датумот за одлука е 30 јули, а во огласот за јавното отворање на понудите на градежни фирми како датум стои 6 јули, на 11. кат во зградата каде што е сместено МОН (бивша НИП Нова Македонија). Меѓутоа, до МКД.мк не стигна одговор од ресорот за образование да кажат колку понуди стигнале, од кои фирми, што е следно во постапката, дали има датум кога би почнале да се градат факултетите... Не вратија ниту дали има официјален записник од јавното отворање на понудите, чија обрска, пак, е во рацете на посебната Комисија за јавно наддавање (согласно со Законот за јавните набавки).

Она што јавноста моментално единствено може да го дознае преку Јавни набавки е „Конечната одлука за оваа постапка ќе ја донесе одговорното лице, за што ќе бидете дополнително информирани“. И толку.

Не е тајна дека фирмата „Бетон Штип“ е блиска до бизнисменот Јордан Камчев. Односно „Орка Холдинг АД“ на Камчев заедно со „Ексико ДООЕЛ“ и уште неколку компании е акционер во „АД Бетон Штип“. За „Ексико“, чија сопственост завршува во Швајцарија, БИРН истражуваше кој се крие зад оваа компанија што се јавува како купувач на вредно земјиште на Водно, а НоваТВ претходно објави дека е акционер во „Евробалкан хотелс ДОО“, фирма што подоцна го менува називот во „Хотел Ибис ДОО“. Тоа е фирмата што близу плоштадот „Македонија“ (на улица „Орце Николов“) го градеше хотелот „Ибис“.

За „Бетон Штип“ на нивната страница стои дека ги имаат изградено Музејот на ВМРО-ДПМНЕ и Македонска борба, Меморијалниот центар на холкаустот и Народниот театар. Исто така и објектот на Инвест-банка, катната гаража „Макоил“ зад Универзитетска библиотека, хотел-казиното „Фламинго“ во Гевгелија... „Бетон Штип“ во проектот „Скопје 2014“ како изведувач учествува и во МЕПСО, зградата на Уставниот суд, Државниот архив и Археолошкиот музеј и партерното уредување кај МНР. За потребите на „Скопје 2014“ досега „Бетон Штип“ добила 34.343.706 евра.

Проблемот е што досега изградбата на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование се одвиваше во мрак, тајно и со неколку одлуки што повлекоа реакции. Двата високообразовни објекти се предвидени на простор од 11.238 квадратни метри, поточно ќе никнат покрај булеварот „Гоце Делчев“, наспроти „Мавровка“, во зеленилото на УКИМ.

Градот Скопје за да придонесе во реализацијата на проектите и нивната изградба, оцени, а потоа и донесе одлука инвеститорот да биде ослободен за 60 отсто од надоместоците за уредувањето на земјиштето, по што МОН ќе може да извади Одобрение за градба. Градот му прости на министерството 59.733.220 денари, или близу милион евра.

Она што најмногу го привлече вниманието на јавноста, а внесе револт кај архитектонската фела, беше конкурсот за избор на идејно решение на двата факултети. На конкурсот за изгледот на Факултетот за физичко образование беа доставени 10, а за ФИНКИ - 7 труда. И за двата беа избрани делата на Жарко Чаушевски, кој поради претходните барокни решенија во духот на „Скопје 2014“ доби „титула“ на „владин архитект“. Имено, Чаушевски и неговото студио „Архитектоника“ се автори на барокната зграда на „Водовод“, барокниот ГТЦ, фасада на Владата, новата Административна зграда на Државното станбено претпријатие што се гради покрај МОБ...  Исто така, голем број од „барокните“ фасади на зградите (само од предна страна, задната остана запуштена) низ скопското централното подрачје се реконструирани токму по идејно решение на Жарко Чаушевски.

И по повеќе месеци од објавувањето на резултатите од конкурсот, ресорното министерство молчеше околу организирањето на целокупната постапка за проектната документација за идните згради на факултетите. Службите од МОН не беа расположени да ја споделат одлуката на жирито во која се образложува изборот на победничкиот авторски труд од Конкурсот.

Засега не се организираше соодветна изложба, што е нормално за поразвиените земји, каде што пошироката јавност би се запознала со визијата на сите 17 вклучени труда за факултетите од кампусот на УКИМ, особено што се работи за објекти од исклучително јавно значење. Нема ниту информации дали воопшто МОН контактирала со авторот на универзитетскиот комплекс, словенечкиот архитект и академик Марко Мушич, со оглед на тоа што двата факултети ќе влезат во постојниот архитектонски и изворен концепт на УКИМ.

За несоодветниот Конкурс за објектите во УКИМ прв јавно реагираше Дејан Ивановски, дел од студиото „Архитектри“ и член на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Тој појасни дека во барањата за конкурсот во ниту еден момент не бил споменат архитектонскиот стил барок. Па, со тоа, помислиле дека е логично во рамките на Универзитетот, како независна институција, да биде распишан и независен конкурс.

„Цртавме 30 дена, надевајќи се дека конечно дојде време да нацртаме зграда со која ќе се гордееме. Но згрешивме. Во тимот работеа и млади луѓе, патем одлично одговорни личности, кои се надеваа на некаква награда за својот сработен труд , признание за тоа што заедно со своите постари колеги одлучиле дека на самото место треба да застане современа зграда што ќе биде репрезент на младите луѓе што утре ќе се борат за своите права“, рече Ивановски.

Архитектот потенцираше дека работеле на зграда што со своите карактеристики ќе одговара на местото и на контекстот во кој е поставена, почитувајќи ја изворната идеја. Гледале примери од локации што им биле референтен пример, главно од Европа, како географска одредница.

„Потоа, легално, во рокот што беше предвиден од комисијата (во која нема ниеден проектант, баш ниеден) добивме одговор дека победник на легалниот конкурс во кој вистински, веруваме за последен пат, победил некојси Жарко Чаушевски. Не на едниот, на двата победил човекот! Истиот оној што ја поправи зградата на Владата, истиот оној што сака да го промени и ГТЦ...“, рече претходно Ивановски.

Проф. д-р Влатко Коробар од Архитектонскиот факултет, пак, во текст за Окно се осврна на просторот и автономијата на Универзитетот. Потенцираше дека Универзитетскиот сенат по предлог на ректорот, со мнозинство гласови одлучил од Владата да побара средства за изградба на објект за потребите на Универзитетот, без прецизна намена и програма за објектот и без потребните детали вообичаени за ваква одлука. Иако имало барања за тоа, одлуката останала неусловена, односно не било утврдено под кои услови би се искористиле евентуално доделените средства. Така, на крајот на оваа авантура, сепак, како што рече, нема да се добијат средства за изградба на објекти, туку изградени објекти.

„По неколку месеци од одлуката, предлагачот немаше одговор како универзитетскиот орган одлучил во комплексот на објекти за општествени науки да се изградат токму објекти за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, иако веќе беше завршен конкурсот за избор на идејно архитектонско решение за објектите распишан од МОН, а според медиумите, членови на оценувачката комисија биле и деканите на овие факултети. Вообичаено, процедурата беше нетранспарентна, без увид на јавноста во пристигнатите и наградените трудови. Во духот на ’остваруваме’ пред неколку дена беше објавен јавен повик за избор на изведувач на двата објекта. По ова следува изградба на објектите.

Така се најдовме во ситуација Универзитетот да добие два нови објекта без притоа да е позната процедурата низ која Универзитетот ја реализирал својата автономија во управувањето и самостојно одлучувал за изградба на објектите. Што е овде спорно? Сè! Од почетната одлука за барање средства за изградба на објект до последниот чин на избор на изведувач. Во целиот процес не е почитувана ниту автономијата во одлучувањето, ниту универзитетскиот простор. Учесници во тој упад во неповредливоста на универзитетскиот простор овој пат не се органите за безбедност, туку парадоксално, тоа се самите органи на универзитетот и неговите единици што си го суспендираа правото самостојно да одлучуваат.

Упадот на две згради во кампусот на Универзитетот без автономна одлука на универзитетските органи е фактичка повреда на универзитетскиот простор. Згора на тоа - две грди згради. Иако е некоректно да се суди за објектите само врз основа на два објавени прикази на фасадите, тие слики и обемната евиденција распослана низ центарот на Скопје од истиот автор и во слична процедура, ни дава право да судиме и врз основа на толку штури информации“, напиша Коробар.  

Бојан Шашевски

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе