НОВО ИСПИТУВАЊЕ, НОВИ ПОРАЗИТЕЛНИ РЕЗУЛТАТИ

„Арсена“: Нова анализа потврди 113 отсто повисока концентрација арсен во гевгелиската вода

Граѓанската иницијатива „Арсена“ нарача ново испитување на водата од гевгелискиот водовод, кое повторно потврди недозволиво количество арсен - на 21,3 микрограми арсен на еден литар вода, а границата е 10 микрограми.  

„Тоа е за 113% повисока концентрација од дозволената граница утврдена од Светската здравствена организација, а прифатена од земјите членки на Европската Унија и Македонија како земја аспирант за членство. Ова се ужасни податоци. Анализата ја нарачавме во март, кога на терен во гевгелиско имавме сува клима без врнежи, а стручњаците укажуваат дека поголеми концентрации на арсен во водата се присутни после обилни врнежливи периоди. Каква ли вода пијат гевгеличани во пролетната и есенската дождовна сезона?“, прашуваат од иницијативата „Арсена“.

Од таму велат дека се решиле да побараат странска анализа во меѓународна лиценцирана лабораторија, бидејќи државните институции во Република Македонија самите се прогласиле за нерелевантни и одбиле да направат инспитување.

Како што објаснуваат од иницијативата, меѓународната лабораторија во Солун, Грција, каде е извршена посочената анализа на примерок вода од Гевгелискиот водовод, поседува Акредитиран метод според стандардот ISO 17025, (Standard methods 22nd Ed, 2012) прифатен според европската легислатива.

„За резултатите ќе ги известиме државните и локалните надлежни тела.Ќе ги чекаме нивните решенија за отровната вода која се дистрибуира низ градскиот водоводен систем веќе триипол години. Ако после ова не реагираат, ќе мора да поведеме постапка за кривична одговорност од Министер за здравство, до директор на јавното комунално претпријатие, без исклучок и на локалната самоуправа која немо го преседе мандатот без било какви мерки за заштита на граѓаните“, соопштуваат во иницијативата.

Документот од новото испитување што го приложи „Арсена“

Инаку, МКД.мк веќе пишуваше дека гевгеличани со години консумираат „арсена“, вода збогатена со специјален токсичен додаток, директно од чешма! Прекумерното количество арсен во питката вода изминативе години ги електрифицираше антените на еколозите и активистите.

Гевгеличани, особено активистите од иницијативата „Арсена“, сè уште со кампањи, донаторски акции и јавни трибини го буткаат проблемот од локалниот простор, преку социјалните мрежи, па низ локалната самоуправа, гевгелискиот совет, со цел да стигне и до централната власт. Да стане државен приоритет.

Но активистите се револтирани што и покрај повеќе испитувања и анализи, кои покажаа дека локалниот „Комуналец“ преку својот систем испорачува вода со поголеми концентрации арсен од пропишаните граници, и тоа, како што тврдат на околу 20.000 луѓе, сепак досега нема одлука за целосна забрана за нејзино консумирање. Од „Арсена“ тврдеше и за нарачан молк низ локалната самоуправа и комуналното претпријатие.

Од општина Гевгелија уште лани летото за МКД.мк рекоа дека ќе го подобруваат водоснабдувањето преку зафаќање на дополнителни количини води за пиење од новите бунари во месноста „Мрзенска Ада" крај реката Вардар. Според изготвениот основен проект, рекоа од општината, од двата бунари ќе се обезбедат 200 литри/секунда квалитетна вода за пиење, кои би биле доволни за водоснабдување на градот Гевгелија. Покрај ова, тврдеа со проектот се предвидува изградба на потисен цевковод, нов резервоар сместен на Мрзенски Рид, доводен цевковод за поврзување со дистрибутивна мрежа и хлорна станица.

Беше речено дека проценетата вредност на проектот, согласно изработениот основен проект од ГИМ, изнесува 2.391.360 евра, но се очекува ревидирање на оваа цена и фазно реализирање на проектот.

Сега станува времето да покаже дали ова воопшто ќе се оствари, а гевгеличани нема да се трујат и конечно ќе пијат питка вода со концентрации на арсен под 10 микрограми на литар вода.

Инаку, арсенот е 20-тиот елемент по застапеност во Земјината кора. Првпат е документиран во 1250 година, а со текот на вековите најде најразлични примени во медицината, во сегменти од градежништвото, па и во уметноста. Неговата токсичност го направи омилен дворски отров, со симптоми слични на колерата, а подоцна често се користел и во политички цели. Се верува дека од арсен умреле Франческо Први Медичи и неговата жена, кралот Џорџ Трети, истражувачот на Африка Чарлс Френсис Хол, но и американската амбасадорка во Италија по Втората светска војна Клер Бут Лејс. Постојат и приврзаници на теоријата за слична смрт и на императорот Наполеон Бонапарта на островот Св. Елена...

И денеска е познат како отров меѓу кралевите и крал меѓу отровите. Арсенот е распространет по балканските почви, па со време е развиен т.н. балкански ендемизам на бубрежни болести. Арсенот е различно токсичен во храната, воздухот и водата. Но секој хемичар, научник и доктор веднаш предупредува за неговото отровно влијание и долгорочните здравствени ефекти кај луѓето.

Историски гледано, професорот Трајче Стафилов потенцираше дека присуството на арсенот во Гевгелиско потекнува од вулканската ерупција што пред 5 милиони години настанала на месноста Алшар. Кога избила максимална арсенизација, под притисок се дистрибуирале минералите на арсен низ целиот Кожувски масив. Показателите се слични и преку границата, на грчко тло, но тоа не значи дека не треба да се реагира и да се спречат труењето и развивањето болести.


Б.Ш.

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и во Македонија и да се дејствува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитите.

повеќе