Реализацијата на проектот за санација на Споменикот на паднатите борци од НОВ од Велес и Велешко е предвиден со програмата на Министерството за култура. Беа преземени интервенции за превентивна заштита на покривот за да нема прокиснување, што претставува проблем уште од времето на изградбата на објектот.
Изведено е и превентивно санирање на екстериерот и интервенција со инјектирање на сите прозорски отвори, промена на оштетените делови и поставување на нов плексиглас. Надлежните екипи ја завршија и санацијата на изолацискиот слој на споменикот, а се изведуваше и дел од санацијата на завршниот, фасаден слој, за што активностите се во завршна фаза.
Целосната реализација на проектот за санација на Споменикот на паднатите борци од НОВ од Велес и Велешко е предвидено да заврши до крајот на годината, со што конечно ќе биде соодветно заштитен еден значаен споменик на културата.
Споменикот на паднатите борци од НОВ од Велес и Велешко е изграден во непосредна близина на градот во 1979/81 година. Внатрешноста е декорирана со импозантен ѕиден мозаик од пет сцени, дело на современиот македонски сликар Петар Мазев. Овој споменик е своевиден белег на градот Велес.