Најпрвин премиерно ќе биде прикажан филмот во режија на Дора Кокољ, а во кореографија на Дора Кокољ и Миа Штарк, насловен „2 0 2 0“ (Во потрага по оптимизам и други чудовишта). Директор на фотографија е Марко Далич, монтажата на Дора Кокољ колор и корекција на Марко Далич, на музика на Лука Томан. Настапуваат Дора Кокољ и Миа Штарк, а илустрацијата е на Орла Бирд.
Потоа ќе следува „VITRO“ на Филип Петковски – филм кој е инспириран од македонски ритуали и легенди кои ја опфаќаат природата. Витро ги истражува живоста и трансформацијата како суштински аспекти кај движењето на човечкото тело и движење во природата. Режијата и кореографијата се на Филип Петковски, а настапуваат Адријана Данчевска, Мими Поп Алексова, Дејан Битровски, Матеја Јанковска и Филип Петковски. Камера и фотографијата се на Марко Марјановиќ, Теодор Ангеловски и Жарко Чулиќ, а монтажата на Кирил Манчевски. Користена е музика на Борис Харфман, Хрвоје Црниќ, Ерик Сати и Пјтор Илич Чајковски.
Третиот филм кој публиката ќе може да го проследи е „Home/the movie“ (последен пресек, консензусна реалност), во режија и кореографија на Адријана Данчевска, а визуелен уметник е Ивана Мојсовска. Камерата е на Марко Марјановиќ и Тео Ангеловски, музиката на Claude Debussy, Fierce, Wolfgang Amadeus Mozart, Виктор Филиповски, Бојан Филиповски. Пост продукцијата е на Адријана Данчевска, Тео Ангеловски, Ивана Мојсовска, а настапуваат Наталија Теодосиева, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Сара Цветковска, Ивана Мојсовска, Адријана Данчевска, Филип Петковски, Стела Поповска, Рената Несторовска, Иван Ангелковски, Александра Велкова.
Дора Кокољ е алумни на Скопје танцовиот театар. Таа е танчерка, изведувач и кореограф со седиште во Загреб. Дипломира на Скопје танцовата академија, а магистрира педагогија и историја на уметност на Филозофскиот факултет во Загреб.
Со Скопје танцовиот театар гостува на фестивалите „ИТС“ во Амстердам, Холандија во 2103 година и „Средба во Пекинг“ во Пекинг, Кина во 2015 година.
Филип Петковски е кореограф, режисер и доктор на науки по културолошки студии и изведбени уметности. До 2020, тој работи како асистент на Катедрата за светска уметност, култура и танц на УКЛА, како и на Катедрата за историја на уметност. Тој е добитник на неколку престижни стипендии и грантови како Moss Scholars Award, The Tambruritzans Grant in Aid и стипендија од Европската комисија. Низ годините, Петковски се јавува како режисер на 9 театарски претстави режирани во Македонија, Норвешка и САД, како и танцовиот филм vitro. премиерно прикажан на Танц Фест 2021. Тој е и автор на мултимедијалната изложба vita. која беше прикажана во неколку галерии низ Франција и на Photo Vogue фестивалот во Милано, организиран од Vogue Italia.
Како кореограф, Филип црпи инспирација од танцовото наследство на заедниците кои го населуваат Балканот, нивните култури, ритуали и секојдневни животи.
Адријана Данчевска е дел од првата генерација млади кореографи на Скопје танцовиот театар, првата официјална компанија за современ танц во земјава, предводена од Рисима Рисимкин.
Како танчерка настапувала на повеќе фестивали низ светот.