Упатства од Министерството за култура како да нема говор на омраза, жестоки реакции на уметниците

Mинистерската за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска се обиде да даде некакво упатство за тоа како да нема говор на омраза според одредбите од Протоколот потпишан меѓу Македонија и Бугарија. Таа најпрво рече за да нема говор на омраза кон Бугарија уметниците треба да гледаат кон иднината, а не кон минатото и да творат во духот на тоа што ќе го расположи народот и публиката. Веднаш потоа следуваше дообјаснување на министерката, но и жестоки реакции на уметниците.

Сѐ почна со изјавата на Костадиновска-Стојчевска за Гласот на Америка на македонски јазик која на прашањето за тоа дали во Протоколот со Бугарија се предвидува и цензура на творештвото, таа рече дека авторите треба да творат слободно, но „во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката“.

„Не нешто што повторно ќе го врати народот назад, кон едни мрачни времиња каде што навистина не видовме ништо добро“, вели министерката.

Во Протоколот на неколку места се споменува спречување на говор на омраза од страна на двете држави, ама никој во Македонија не вели на што конкретно се мисли и кој е тој што ќе кажува дека ова е или не е говор на омраза. Наспроти ова стои членот 16 од македонскиот Устав во кој се забранува цензурата и се гарантира слободата на говорот.

Во Протоколот пишува дека државите треба „…да гарантираат дека државното финансирање на нови книги, документарни изданија и списанија, филмови и друга уметничка продукција, како и на споменици на културата и прослави, ќе се реализира во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и во овој контекст, секој субјект финансиран од државата ќе потврди преку јасна и обврзувачка изјава дека ќе го следи со неопходното внимание прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза и непочитувањето на оваа должност ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање на ваквиот субјект“.

Костадиновска-Стојчевска за ова вели дека Министерството за култура нема да ја има улогата на полицаец и да демне кој што ќе направи. „Слободата на уметникот е голема и тој има право да се изрази и никој нема право тоа да го ограничи во ниту еден момент“, рече министерката и додава дека секој филм којшто ќе ја промовира македонската култура, којшто ќе го помовира македонскиот индивидуалитет какви сме ние како Македонци би требало да има поддршка. „Сепак, мора да бидеме свесни дека мора да одиме напред, мора да се ослободиме и дека историјата не смее повеќе нам да ни биде затвор, треба да ни биде лекција“, рече министерката за култура.

По овие нејзини изјави, во јавноста се појавија бројни реакции. Неколку часа подоцна Костадиновска-Стојчевска почувствува обврска да објасни неколку аспекти.

„Цензурата е одлика на минати општества или минати власти и неа не и е местото во 21век, во земја кандидат за полноправно членство во ЕУ. Цензурата е феномен кој се коси со демократијата и слободата на говор во која денес и тоа како уживаме. Токму затоа, мојата изјава почнува со зборовите „слободно нека творат”. Како министерка, сѐ додека сум јас на тоа место, нема да има цензура во ниту еден проект поддржан од Министерството за култура. Исто така, сакам да сум апсолутно јасна, додека сум јас министерка, нема да има простор да се ограничува или насочува кој било уметник на кој било начин, тоа е против сите мои лични и пред сѐ професионални уверувања. Доколку изјавата која денес е цел на ‘слободни’ толкувања, повредила чувства, порив, мотив и обиди за творење, жал ми е. Намерата апсолутно не е да се насочува или ограничува, напротив, мојата интенција секогаш била и ќе биде поддршка на слободната мисла и изразување. И за крај, би сакала да повторам: Слободата на уметникот е огромна. Таа е неприкосновена. Таа слобода nikoj не може да ја ограничи. И тука, никој не треба да има дилеми“, напиша министерката на Фејсбук.

Сепак, реакциите не стивнуваат. Писателите, уметниците, филмските режисери прашуваат дали ова им ја загрозува креативната мисла и е предвесник за цензура на сето сегашно и идно творештво. Тие се надеваат дека станува збор само за избрзана изјава на министерката, но стравот од владини препораки за тоа како во иднина ќе може да се твори – остана.

Доаѓаат тегобни денови за културата. А за мрачните времиња - тие изгледа ни се и денес судени. гласи еден од коментарите.

А.Д.

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе