ФИЛМСКА РЕВИЈА

Во тек е третото издание на Неделата на современиот израелски филм

Програмата на Неделата на современиот израелски филм опфаќа три играни филма, два документарни филма и две епизоди од телевизиска играна серија. Отворањето на ревијата се одржа во Киното „Милениум“ на 15 декември, а од 16 до 19 декември проекциите се одржуваат во Кинотеката на Македонија.

„Веќе трета година заедно ја одбележуваме Неделата на современиот израелски филм во Македонија. Израелскиот филм е извонредна можност за одблиску да нè запознаете нас, Израелците. Тој е прозорец кон израелското општество, кон сè што нè вознемирува, што ни е блиску до срцата, што нè прави среќни, кон нашите стравувања и копнежи - сето тоа прикажано низ откршоци од нашата израелска сказна“, истакнува амбасадорот на Државата Израел во Македонија, Дан Оријан.

Годинава ревијата беше отворена со исклучителниот филм „Свадбена кукла“ на сценаристот и режисер Ницад Гилади, кој веќе се здоби со бројни награди и оствари светски успех.

„И со право“ – истакнува Игор Анѓелков во поговорот од брошурата за фестивалот, и продолжува „бидејќи се работи за филм правен според сите параметри на квалитетната европска кинематографија. Третирајќи тема од предградието, во која главна (анти)хероина е девојка со посебни потреби која се обидува да се вклопи во околината, која во многу наврати е и поуспешна во тоа од другите членови на заедницата полни со предрасуди, пристапот и филмскиот јазик на Гилади во многу нешта наликуваат на славните белгиски браќа Дарден, неколкукратни освојувачи на престижната ’Златна палма‘ во Кан. Долги кадри без рез, прецизен мизансцен, дијалог онолку колку што треба, авторот на ова малечко ремек-дело на моменти маниристички ја следи својата замисла и во целост како публика нè освојува со својата непретенциозна сторија, користејќи притоа и силна симболика, сместувајќи го дејствието на работ од пустината, како пандан на празнината во душата на дел од карактерите, со филмска фотографија како во сликите на еден Едвард Хопер.

Приказната за Хагит, одлично интерпретирана од актерката Моран Розенблат, е огледало за човечкиот однос кон Другиот, за ’нормалното‘ наспроти ’посебното‘, за секојдневната потреба во овој свет да се чувствуваме засебни, можни, посакувани. Тоа е таа димензија која овој филм со целото свое срце ни ја нуди, и колку и на моменти да изгледа болно неосвоива и недопирлива, сепак, надежта е онаа која последна умира, нели“, загатнува Анѓелков.

Неделата на современиот израелски филм ја организираат амбасадорот на Државата Израел во Република Македонија Н.Е. Дан Оријан, Еврејската заедница во Република Македонија и Кинотеката на Македонија во соработка со Градот Скопје, Младинскиот културен центар и АТГ.

Нашите умни, работливи и чесни граѓани заслужуваат да имаат излез на „море" што се нарекува светски пазар.

повеќе

Како што транспортниот систем ја дефинира структурата на урбаното „ткиво", така половата поделба ја дефинира структурата на општеството.

повеќе

Киев не може да дозволи, ниту од морална, ни од правна гледна точка, нејзини претпријатија да бидат конфискувани.

повеќе