Изложбата ќе биде поставена во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ од утре до 11 декември.
Изложбата ќе ја отвори министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, а ќе се обрати и холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп.
Во рамките на изложбата кураторката од фондацијата World Press Photo, Марика Цукровски ќе одржи предавање во Кинотеката на Македонија во сабота 26 ноември во 11 часот. Предавањето е наменето за сите љубители на фотографијата, а влезот е слободен.
До 7 декември Македонскиот центар за фотографија организира фотоработилница за документарна фотографија на тема „Човекови права" на која учествуваат 11 студенти по фотографија.
Изложбата е организирана од страна на Македонскиот центар за фотографија во партнерство со Националната галерија, а финансиски поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија.
Родовата еднаквост и правдата се основно човеково право од клучно значење за поддршка на кохезијата на едно општество. Сепак, жените ширум светот се соочуваат со длабоко вкоренета нееднаквост и сѐ уште се недоволно застапени во политичките и економските сфери. Во 2021 година, жените во светот претставуваа само 26,1% од околу 35.500 места во парламентот, само 22,6% од над 3.400 министри и 27% од сите раководни позиции. Насилството врз жените се наметнува како сериозен глобален проблем за нивното здравје и сигурност. Во просек, една од три жени ќе доживее физичка или сексуална злоупотреба во текот на својот живот.
Оваа заедничка изложба ја афирмира посветеноста на Холандија на правата на жените и родовата еднаквост и правда. Повеќе гласови, документирани од 17 фотографи од 13 различни националности, нудат увид во прашања како што се сексизмот, родовото насилство, репродуктивните права и пристапот до еднакви можности. Изборот на приказни истражува како женските и родовите прашања во 21 век еволуирале и како фоторепортерството ги менувало начините на кои тие се прикажуваат.