Почнува шестото издание на Медиумскиот Фестивал Скопје, во фокусот медиумскиот третман на животната средина

Шестото издание на Медиумскиот фестивал Скопје, посветено на медиумскиот третман на животната средина, ќе се одржи од утре до сабота (22 до 24 септември) во Кинотеката, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи. 

Фестивалот се отвора утревечер од 20 часот со дискусија за покриеноста на прашањата врзани со животната средина и климатските промени во македонските медиуми, по што следи проекција на документарецот „Длабоко во мразот", патешествие на тројца истражувачи низ ледените предели на
Гренланд.

На годинешната фестивалска тема ќе зборува и германската новинарка Сара Шурман, која во онлајн-гостување од 15 часот во петок ќе сподели насоки за ефективно новинарско известување за климатската криза.

На последниот фестивалски ден од 18 часот во Кинотека ќе се одржи дискусија за горливото локално прашање за зелените површини и урбаниот развој.

Вториот фестивалски ден пак, започнува со дискусија за медиумската покриеност на правата на лицата без државјанство, бегалците, мигрантите и барателите на азил.

Почнувајќи од самото основање на ПИНА, организацијата посветено ги следи проблемите и предизвиците кои ги засегаат новинарките во Македонија, што продолжува да биде во фокусот и на ова фестивалско издание. На 23 септември во Кинотека премиерно ќе биде прикажан краткиот документарен филм на ПИНА „Опасни мрежи" и ќе биде презентирана публикацијата „Од нормализација до самоцензура" за онлајн вознемирувањето на жените новинарки во земјата.

Ова е прва публикација на ПИНА и истата претставува темелно истражување и анализа во која беа анкетирани над 100 новинарки од домашната медиумска сцена, со цел да се соберат нивните искуства за влијанието на онлајн вознемирувањето врз нив и нивната работа.

По дискусијата следи проекција на „Убиството на еден новинар" кој ги документира напорите на новинарите да го расветлат свирепото убиство на словачкиот новинар Јан Куцијак и неговата партнерка Мартина Кушнирова.

Филмот кој ја разоткрива мрачната страна на словачките моќници е во режија на Мет Сарнецки кого имавме прилика да го видиме во Скопје на второто фестивалско издание.

На затворањето на фестивалот од 19 часот ни гостуваат основачите на РАФФ – Филмскиот фестивал на Раб во Хрватска, Роберт Зубер и Силвија Јоњиќ, кои ќе го претстават нивниот фестивал. Филмската програма на МФС ги носи и „Оваа моја украдена земја" за корупцијата во Еквадор што води кон современ колонизација на тамошните природни ресурси од страна на моќната Кина; „Територијата" за борбата на домородното население против узурпацијата на заштитеното подрачје во Амазонската прашума; „Тигре хенте" емотивно обелоденување на шверцот со јагуари во Боливија, како и „Сторм Лејк" за опстанокот на локалните задници под притисок на глобалните промени.

Сите настани на Медиумскиот фестивал Скопје се бесплатни, а филмовите што ќе се прикажуваат во Кинотека во истите термини ќе имаат и онлајн проекции.

Целосната програма за шестото издание на фестивалот може да се погледне на веб сајтот www.mfs.mk.

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе