Според медиумите, Кинг бил хоспитализиран во почетокот на јануари, откако бил позитивен на коронавирусот.
Ветеранот и еден од најпознатите водители на ток-шоу емисии освои многу награди во текот на својата кариера, скоро 25 години ја водеше емисијата на Си-ен-ен „Лари Кинг во живо“, а потоа се префрли на каналот РТ Америка и ја водеше емисијата „Политика“.
„Со длабока тага, Ора Медиа ја објавува смртта на нашиот коосновач, водител и пријател Лари Кинг, кој почина утрово на 87-годишна возраст во Медицинскиот центар Седарс-Синај во Лос Анџелес“, објавено е на Твитер.
Ора Медиа известува дека цели 63 години преку радио, телевизија и дигитални медиуми, со многу илјадници интервјуа и награди, Кинг оставил сведоштво за неговиот уникатен талент.
— Larry King (@kingsthings) January 23, 2021
„Лари секогаш ги гледаше луѓето што ги интервјуираше како вистински ѕвезди на неговите програми, а самиот себеси се гледаше како врска помеѓу гостинот и публиката, без предрасуди. Без разлика дали го интервјуираше американскиот претседател, некој странски лидер, славна личност, личност притисната од скандал или обичен човек, Лари сакаше кратки, директни и едноставни прашања. Тој веруваше дека концизните прашања даваат најдобри одговори и не згреши во тоа верување“, наведе Ора Медиа во објавата на Твитер.
Како што потсетува Индипендент, Кинг во 1987 година имаше силен срцев удар, а во 2017 година открил дека бил лекуван од рак на белите дробови. Две години подоцна, преживеа и мозочен удар.