ПОЧНА 39. МОТ

Отворањето ветува убава атмосфера и суптилно избрана програма на годинашниот МОТ

Во киното „Фросина" во Младинскиот културен центар - Скопје, синоќа со музичката претстава „Ла МаМа кантата" на њујоршкиот експериментален клуб „Ла МаМа" официјално беше отворен 39. Интернационален театарски фестивал „Млад отворен театар 2014".

Пријатна, топла и пријателска вечер приредија организаторите на фестивалот Млад отворен театар. Отворањето на 39. МОТ привлече градски ликови кои со години ја следат фестивалската програма. Очигледно беше присуството на голем број актери, режисери, новинари и луѓе кои гравитираат кон театарската уметност. Организациски вечерта помина како под конец. Директорот на МКЦ, Златко Стевковски, не го криеше своето задоволство што отворањето помина во знакот на актерската екипа на култниот театар „Ла МаМа“ од Њујорк, САД, изјавувајќи дека со тоа се исполнил долгогодишниот сон на организаторите на фестивалот.

Композитор и режисер на претставата „Ла Мама кантата“ е Елизабет Свадос, која, користејќи ги зборовите и искуствата на Елен Стјуард, основач на експерименталниот театарски клуб „Ла МаМа“, ја раскажува приказната за нејзиното долго и чудесно патување низ животот, како и за 50-годишната историја на театарот. Со претставата се отелотворени страста, духот и визијата на легендарната Елен Стјуард, а се претставени како музичка приказна.

Младата актерска екипа од Њујорк лесно ги освои симпатиите на публиката. Нивните прекрасни гласови, едноставноста во пристапот, непретенциозните музички композиции, снимените видеоизјави на Елен Стјуард, бројните фотографии и историски факти за театарот „Ла МаМа“ создаваат музички перформанс кој е базиран на духот на театарот, а ги открива фантастичните квалитети на младите изведувачи. Претенциозно ќе биде да се каже дека тоа беше спектакл, но сигурно е дека „Ла МаМа кантата“ беше еден од најсуптилните и најпродуховените проекти што бил изведен на сцената во МКЦ.

Во рамките на свеченото отворање на 39. МОТ свое обраќање имаа и претставници на институциите кои директно овозможуваат фестивалот да се случи.

„Сакал да ви посакам добредојде на ова 39-то издание на Младиот отворен театар, фестивал што секоја година поставува нови театарски граници и што во своето четиридецениско постоење израсна во своевиден бренд на овој град. Сакам да им честитам на сите кои се вклучени во реализацијата на овој значаен скопски културен настан. Би сакал да ги поканам граѓаните да присуствуваат на бројните театарски претстави и перформанси и да уживаат во 8-те фестивалски вечери коишто и годинава се во организација на МКЦ-Скопје“, истакна градоначалникот Коце Трајановски.

„Би сакал да им упатам честитки на сите оние кои секоја година вградуваат еден дел од себе во овој фестивал, како и до сите оние коишто 39 години се дел од верната публика на  МОТ, а сигурен сум дека и ова издание на сите нас ќе ни понуди многу творечки катарзи“, рече заменик-министерот за култура на Република Македонија, Драган Недељковиќ, кој и официјално го прогласи годинашниот МОТ за отворен.

Во текот на викендот МОТ, исто така, нуди богата програма. Во сабота, 20 септември, во 20 часот во МКЦ ќе биде изведена претставата „Алексис. Грчка трагедија“ на „Мотус“ од Италија. Проектот „Сирма Антигони“, започнат во 2008 година, произлегува од идејата за анализирање на врската/конфликтот помеѓу генерациите преку земање на трагичната фигура на Антигона како архетип за борба и отпор. „Мотус“ е трупа формирана во 1991 година од страна на Енрико Казагранде и Даниела Николо во Римини. Замислена како лабораторија и отворена за најразлични уметнички содејства, „Мотус“ ги истражува креативните интеракции кај различните форми на изразување.

Истата вечер во 22 часот, на малата сцена во Драмски театар, ќе биде изведена „The Beautiful“ на Петар Милошевски, морничава, исклучително визуелна, физичка, постдрамска и постбрехтовска претстава која се занимава со модерното разбирање на убавината на метафоричен и симболичен начин.

Петар Милошевски е актер, изведувач и режисер со седиште во Лондон, кој е на сцената од осумгодишна возраст. Роден е во Македонија, со формално образование по актерска игра се стекнал на Националната академија за театар и филм во Софија, а потоа се преселил во Лондон, каде што магистрирал на Кралската школа за говор и драма. Во последниве години, работата на Петар е фокусирана на создавање на индивидуални проекти. Тој самиот ги смислува текстовите, звукот, светлото, сценографијата, и неговите претстави се значајни поради иновативното комбинирање на говорот и физичкиот театар.

Во сабота, 20 септември, по 22 часот, во МКЦ концерт ќе одржи белградската група „Stray Dogg“, која за првпат доаѓа во Македонија. Бендот кој постои три години веќе има одржано над стотина концерти и е препознатлив по интерактивноста со публиката и умешноста да играат со атмосферата и стиховите.

Во недела, 21 септември, на МОТ ќе бидат прикажани четири претстави. Во 18 часот, во автобус на ЈСП ќе се одржи претставата „Контрола“ на Теа Беговска. Патници со своја приказна и свој проблем. Едни со билет, други без билет. Затекнати од контролата со која се обидуваат да се соочат или да не се соочат. Перформансот зборува за контролата воопшто. Колку знаеме да се исконтролираме во дадени ситуации, да не заплачеме или да не се насмееме? Колку успеваме да се контролираме самите себе во системот што е контролиран сам по себе? Ако слободата и контролата се двете крајности на една личност, тогаш што е средината? Перформансот е, всушност, вистинско возење со автобус во кој се случуваат вистински случки и каде што публиката е лик (причинител, а воедно и сведок на една вечна тема – контролата).

Во 19 часот во МКЦ на програмата е „Јас сум...“, перформанс на танчери од насоката за модерен и џез балет ДМБУЦ, „Илија Николовски Луј“, Скопје.

Во 20 часот, во Театар за деца и младинци, фестивалската публика ќе може да ја види претставата „Нашиот клас“ на режисерот Владимир Милчин. Група ученици, Евреи и католици, ги откриваат своите амбиции: еден сака да биде пожарникар, друг филмска ѕвезда, еден пилот, друг лекар. Ја учат азбуката. Полска, 1925-та. Како што растат децата, нивната земја ја распарчуваат странски војски, прво советската, а потоа нацистичката. Додека национализмот незапирливо се шири, внатрешните неправди се продлабочуваат; пријателите се предаваат едни со други; насилството ескалира. „Нашиот клас“, кој Слобоѓанек го објавува во 2009 година, е потресна приказна за комплицираните полско-еврејски односи во 20-от век, за колективниот срам, за вистината што никому не му е потребна и за историјата на која не може да ѝ се суди, не може да се реконструира, ниту, пак, може да се објасни.

Во 21 часот на сцената „Зебра“ ќе биде изведена претставата „О(ТЕЛО)“ на „Скопје танцов театар“ и кореографот Рисима Рисимкин. Како што вели самата Рисимкин – најновата премиера на „Скопје танцов театар“ се занимава со формата, телото и енергијата. Го истражуваме односот, за да дојдеме до суштината. И добро се забавуваме. Бидејќи имаме нешто што сакаме да го кажеме. За нас. За вас, потенцира Рисимкин.

Т.Д.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе