ФИЛМСКА ПРЕМИЕРА

Комедијата „Ах, љубов моја“ ја враќа љубовта како тема во современата македонска кинематографија

Програмата на 20. „Скопје филм фестивал“ продолжува со премиерата на новата македонска филмска комедија „Ах, љубов моја“ во режија и по сценарио на Коле Ангеловски, во продукција на „Авард филм и видео“. Премиерната проекција ќе се одржи на 21 април, во киното „Милениум“, во 20.30 часот, а ќе присуствува и филмската екипа.

Премиерата на новата македонска филмска комедија „Ах, љубов моја“ беше најавена на прес-конференција, која се одржа на 20 април во Агенцијата за филм на РМ, и на која присуствуваа директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска-Илиевска, режисерот и сценарист на филмот Коле Ангеловски, продуцентот Горан Стојилковиќ и актерите Жарко Димоски, Роберт Ристов и Марија Кондовска.

Посочувајќи на фактот што „Ах, љубов моја“ е трета филмска комедија во македонската кинематографија, по „Мирно лето“ (1961) на Димитрие Османли и „Викенд на мртовци“ (1988) на Коле Ангеловски, директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска-Илиевска истакна дека филмскиот жанр комедија многу ретко е присутен во македонската кинематографија.

Следејќи го актерскиот и режисерски творечки пат на Коле Ангеловски, Ѓоргоска-Илиевска забележала дека премиерата на филмот „Ах, љубов моја“ се совпаѓа со 55-годишнината од појавата на Коле Ангеловски на филмското платно.

Во однос на поддршката што филмот „Ах, љубов моја“ ја имаше од Агендијата за филм Мими Ѓоргоска-Илиевска потсети дека се доделени средства во висина од 14.300.000 денари на конкурсот во 2015 година, додека филмот се снимаше во април и мај 2016 година. Вкупниот буџет на филмскиот проект изнесува 20.766.537 денари.

Филмската љубовна комедија „Ах, љубов моја“ во режија на Коле Ангеловски е приказна за позната поп-пејачка Сузан, која по успешната турнеја низ Турција и емотивните проблеми предизвикани од раскинувањето на долгогодишната љубовна врска, доаѓа во еден хотел да се одмори во мир и тишина, далеку од јавноста и новинарите. Меѓутоа, во хотелот се појавува нејзиниот поранешен љубовник Селпин, кој сака да се збогува со неа, по што сè тргнува наопаку.

Режисерот Коле Ангеловски истакна дека 30-тина години поминаа од претходната македонска комедија „Викенд на мртовци“ и дека за разлика од другите филмови, кои имаат историска и социјална тематика, одлучил да сними комедија која ќе го третира тоа што најмалку е присутно во македонските филмови, а тоа е љубовта.

„Мислам дека направивме филм за публика. Не знам дали ќе оди на Кан или на други филмски фестивали, но сигурен сум дека публиката ќе сака да го гледа и ќе ужива, ќе биде среќна и задоволна по проекцијата на филмот“, рече Коле Ангеловски.

Продуцентот Горан Стојилковиќ објасни дека филмот е снимен во продукција на „Авард филм и видео“ во копродукција со „Квазар Филм“ и „КТ Филм и Медиа“. Директор на фотографија е Роберт Јанкулоски. Сценограф е Илина Ангеловска. Костимографи се Лира Грабул и Раде Василев. Монтажата е на Блаже Дулев. Дизајнер на звукот е Дарко Спасовски - Пацки. Музиката е на Венко Серафимов и Џенгиз Ибрахим. Продуцент за „КТ Филм и Медиа“ е Димитар Николов, додека извршен продуцент е Владимир Стојчевски.

Во главните улоги настапуваат, главно млади актери од Театар Комедија, како Нина Деан, Атанас Атанасовски, Александар Микиќ (МНТ), Соња Стамболџиева, Роберт Ристов, Жарко Димоски, Крсте Јовановски, Марија Кондовска (Драмски театар), Ердоан Максут, Кристина Ласовска, Валентин Костадиновски, Ева Скендеровска, Едмонд Сотир, Андон Јовановски.

Актерот Жарко Димоски посочи дека во актерската екипа повеќето се дебитанти на филмското платно, но дека убаво се забавувале за време на снимањето.

Роберт Ристов додаде дека да се биде во екипа каде режисер е Коле Ангеловски значи да се игра на сигурна карта, односно да се има сигурен адут во рацете, бидејќи Ангеловски прави филмови со вистински динамика и ритам, и потсети дека филмот е правен после изведбата на истоимената претстава со речиси истата екипа на сцената на Театар Комедија.

Актерката Марија Кондовска рече дека ако треба некого да земе на пуст остров, тоа ќе биде Коле Ангеловски, бидејќи е нешто неверојатно да го имате него покрај себе и дека од обични случки прави да чувствувате бескрајна среќа.

По премиерата во рамките на „Скопје филм фестивал“, комедијата „Ах, љубов моја“ од 27 април ќе се прикажува на редовниот кино-репертоар во „Милениум“ и „Синеплекс“, како и во киносалите низ Македонија.

Во текот на прес-конференцијата, директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска-Илиевска извести дека во текот на 2017 година се очекуваат премиерите на уште пет нови македонски играни филмови, меѓу кои „Година на мајмунот“ во режија на Владимир Блажевски, „Жртва“ на Марија Џиџева, „Тајната состојка“ на Ѓорче Ставрески, „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши и „Чекај ме/Сведок“ на Митко Панов.

Долгометражни играни филмови на македонски автори кои се планира да се снимаат оваа година се „Здивот на ангелот“ од Јани Бојаџи, „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи, „Дедо и внук“ на Илија Пиперковски, „Ако утре го снема сонцето“ на Александар Русјаков, „Господ постои и се вика Петрунија“ на Теона С. Митевска и „Цар Самоил“ на Антонио Митриќески.

Т.Д.

Доколку и се избере влада на РМ без формално определен мандатор Уставниот суд на РМ нема да има правна можност за никаква интервенција.

повеќе

Таквата федерализација, како што нѐ учи балканското искуство е само преодна фаза која води кон распад на земјата.

повеќе

Во Македонија мора да се случи мирен премин на власта. Така мора да биде и по изборите од 2016 година. Во спротивно, земјата ќе се третира како „пиратска“ или како „разбојничка“ држава.

повеќе