ТЕАТАРСКА ПРЕМИЕРА

Галин Стоев: Имаме сериозен проблем кога лицемерието ќе се претвори во норма

Во Македонскиот народен театар, на 20 декември (вторник), во 20 часот, премиерно ќе биде изведена премиерата на претставата „Тартиф“ од Жан Батис Молиер во режија на славниот бугарски и европски режисер Галин Стоев. Насловната улога ја толкува Драган Спасов - Дац, негов партнер е Ѓорѓи Јолевски, а фокусот на претставата е ставен на лицемерието на поединецот, како метафора за хипокризијата во општеството.

По 17 години од поставката на „Антигона во Техноленд“, прочуениот бугарски и европски режисер Галин Стоев повторно режира на сцената на Македонскиот народен театар. Овојпат со „Тартиф“ на Жан Батис Молиер, драма напишана во 17 век и едно од капиталните дела во театарската литература, текст со кој секој еден театар и режисер ја тестираат својата зрелост затоа што се занимава со една безвременска тема – лицемерието на поединецот како метафора за хипокризијата во самото општество.

Режисерот Галин Стоев за релативно кратко време по вторпат го поставува „Тартиф“, откако во 2014-та го направи на сцената на парискиот „Комеди Франсез“, славниот Дом на трупата на класикот Молиер. Доследен на сопственото авторско кредо, Стоев нималку немал намера да ја копира првичната поставка, туку како и секојпат се приспособил на спецификите на екипата, на можностите на театарот и најмногу на потребата претставата да се вклопи во локалниот контекст.

„Лицемерието како многу интелигентна бактерија е многу тешко да се дефинира и уште потешко да се умртви затоа што тоа патува вкрстено – од едно до друго место, заразува и се развива и израснува претворајќи се во норма. А кога лицемерието ќе се претвори во норма тогаш имаме многу сериозен проблем за кој е добро конечно да почнеме да говориме. Мислам дека театарот не би можел да го разреши тој проблем во општеството, но тој е едно од малкуте места каде што може да се отвори едно пространство каде дискусијата за лицемерието може да тече на едно поразлично, повисоко ниво и да ни каже да станеме свесни многу повеќе отколку да не тера да се конфронтираме. Ете тоа ми е битно“, вели Стоев.

Галин Стоев

Двете постановки, онаа во Париз и оваа во Скопје, се разликуваат по сценографијата и по естетиката, додека односите се малку поразлични бидејќи во Париз се занимавал со тоа стихот да биде убав, а во оваа сегашна верзија во Скопје ги терал многу повеќе актерите не да го играат стихот, туку ситуациите.

Галин Стоев е роден во Бугарија, каде ја започнал својата кариера како режисер. Моментално живее во Брисел, Париз и Софија. Дипломирал на Државната академија за театарски и филмски уметности – Софија. Од 1991 година работи како режисер и актер во Софија, каде поставил голем број претстави, најмногу во Државен театар. Започнал со поставување класични автори (Корнеј, Стринберг, Ајсхил, Бихнер, Брехт, Мисе итн.), а подоцна се отвора и за посовремен репертоар (Мишима, Харолд Пинтер, Том Стопард, Филип Рајдли итн.).

Во 2007 година Стоев започнал својата соработка со „Комеди Франсез“, каде ги поставил „Ла феста“, француска верзија на текстот на Спиро Скимоне (2007), „Слатка одмазда и други скици“ на Ханох Левин (2008), „Театарска илузија“ на Пјер Корнеј (2008), „Игра на љубовта и случајот“ на Мариво (2011) и „Тартиф“ на Молиер (2014).

Во вториот „Тартиф“ во МНТ, кој доаѓа по оној од средината на 1980-те години, потпишан од Љубиша Георгиевски со актери како Кирил Ристевски, Ацо Ѓорчев, Мими Таневска, насловната улога му е доверена на Драган Спасов – Дац, кој во оваа национална куќа неодамна премина од Драмски театар, а Оргон го толкува неговиот пријател, колега и другар од студентските денови Ѓорѓи Јолевски.

„Овој пат го играм Оргон. Две целосно различни претстави и два различни пристапа. Да се биде од другата страна, од страната на лекомислениот или заблудениот Оргон, кој во суштина е доста празен, рамнодушен и без чувства, како и секој политичар и бизнисмен на современоста, кој се обидува преку Тартиф да дојде до нешто суштинско. Се разбира, лицемерието кое е главна тема на оваа претстава, е единствено возможно и може да никне само ако постои плодна почва. А тоа е едно потполно труло семејство во кое секој е преполн со ништо, празнотија и површност“, ќе рече Јолевски, кој пред една декада го играше „Тартиф“ во видувањето на режисерот Владо Цветановски и во продукција на Штипскиот театар.

Во претставата освен нив двајца играат Даница Георгиевска (Елмира), Владимир Јачев (Клеант), Тања Кочовска (Дорина), Катина Иванова (Госпоѓа Пернел), Оливер Митковски (Дамис), Дарја Ризова (Марјана), Никола Ацески (Валер), Александар Микиќ/ Томе Витанов (Господин Лојал), Кире Ѓоревски (Лоран и Полицаецот), Тања Ивановска (Флипот) и осум помлади актери во улогите на слуги и агенти.

Сценограф е Венелин Шурелов („просторот го осмислил следејќи неколку аспекти - од сакралното, преку индустриското до актуелниот консумеризам“), костимограф Елица Георгиева, а композитор на оригиналната музика е Саша Карлсон.

Премиерата на новиот „Тартиф“ во МНТ е на 20 декември, во 20 часот, додека истата ќе биде изведена и на 21 и 24 декември.

Т.Д.

Изразено ниската вредност на вложување во науката и истражувањата во Македонија е јасен знак за отсуство на грижа на државата за овие суштински дејности. 

повеќе

Последните 11 години Македонија е окована во аграрен, ксенофобичен и социо-економски популизам, кој не се однесува на интересите и потребите на граѓаните, туку на оние кои се повинуваат на волјата на елитата.

повеќе

Политичарите изразуваат „загриженост“ за аерозагадувањето на начин што нѐ оддалечува од наоѓањето решенија, наместо да не доближува.

повеќе