Денеска почнува МОТ со дуодрамата „Кислород“ на битолскиот театар

Од денеска почнува 47-то издание на Младиот отворен театар – МОТ, еден од најстарите театарски фестивали во регионот со интернационална програма. На сцените на Младински културен центар, „Јавна соба“ и КЦ Јадро во наредните денови до 19 ноември фестивалот ќе донесе 23 продукции односно 25 програмски активности.

„Моќта на театарот и театарот на моќта, по 47-ми пат ќе пркоси и ќе „нервира“ со своето присуство и живост. Во годината на јубилејот „50 години МКЦ“ – Млад отворен театар направи програма со која ќе биде домаќин на театри од Словенија, Грција, Турција, Велика Британија, Србија, Црна Гора и Македонија, со најмал буџет во последните 20 години. Оваа година средствата за реализација на фестивалот ни се намалени за 60%, но нашата одговорност кон безмалку половина век фестивалска историја нè предизвика да направиме уште еден програмски одличен фестивал“, истакна Русе Арсов во името на тимот на МКЦ.

Фестивалската програма започнува со дуодрамата од домашна продукција на Народниот театар Битола со „Кислород“ на Иван Вирипаев, во режија на Иван Јерчиќ, која ја најавува и програмската определеност на фестивалот кон домашната продукција, во чест на повеќедеценискиот програмски уредник и директор на МОТ, Љубиша Никодиновски Биш, кој почина оваа година.

„Годинешниот фестивал е во чест на еден од основачите на МОТ Љубиша Никодиновски Биш, кој почина оваа година. Во негов спомен востановуваме награда БИШ, која ќе се доделува на најдобра театарска претстава од домашна продукција меѓу две фестивалски изданија. За таа цел МКЦ како организатор, отвори повик на кој се пријавија 25 продукции, а на фестивалот ќе бидат прикажани осум селектирани претстави. Оценувањето на претставите го прави меѓународно жири. Инаку на 18-ти ноември имаме вечер токму посветена на Биш“, посочува Арсов.

Меѓународната фестивалска програма на МОТ започнува на 11 ноември со „Можат ли птиците да се забавуваат?“ по текст на Тијана Грумиќ, а во режија на Никола Исаковиќ, претставата на Битеф театар, која не потсетува дека светот не е и не треба да биде антропоцентричен. Луѓето се само дел од природата која исто така има свое право да расте, да цвета, да лета, да пее, да трча, да врие, па и да се забавува.

Соработката на МКЦ со Атина и Епидариус фестивал од Грција, ја носи „Република Баклава“ на фестивалот, како и соработката со Апстракт театар од Велика Британија, кој пристигнува со „Red planet“, а од регионот доаѓаат „Ана Каренина“ од Црна Гора, „Блискост на допирот“ од Србија, „Under Construction“ и „Sad Sam Almost 6“ од Словенија.

Домашната продукција ќе ја претстават „Демони“ на Народниот театар Битола, потоа гостуваат НУЦК „Антон Панов“ – Струмица со „Циркуз Пирандело“, Турскиот театар со „Шопинг и факинг“, „Градот како сцена (Изгубени модернистички утопии)“ на ФРУ/АКТО, „ Скопјани“ на Театар за сите, „Глумици“ на Артопија, „Процес“ на Ивица Димитирјевиќ, „ Создаваме град, градиме иднина!“ на Симона Димковска.

МОТ годинава има и богат танцов театар, меѓу нив „УПМ“ на ИКС на квадрат, „Go figure it out“ на Скопје танцов театар, „Популус“ Филип Петковски, како и „Јас сум ти“ на Искра Шукарова и Тереза Лазарев. Фестивалот завршува со „Антитело“ дипломска претстава на ФДУ.

Зa дизајнот на овогодишното издане на фестивалот е користена фотографија од делото „Отаде црнилото“ на уметникот Велимир Жерновски.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје и Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Почнавме со спротивставени мислења околу Законот за работни односи, со кој недела се прогласува за неработен ден. Завршивме на Уставен суд.

повеќе

Да ги споменеме и другите големи глобални предизвици: големите опасности од еколошка катастрофа; зголемувањето на нееднаквоста во нашите општества; и напливот на нови технологии кои можат да го нарушат светот доколку истите не бидат соодветно користени и контролирани.

повеќе

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе