Изминатите четириесет фестивалски денови во Охрид, според директорката на националната установа "Охридско лето", Наташа Поповиќ, се празнуваше врвната уметност во областа на класичната музика и театарот.
„Уметноста, естетското доживување на врвните концерти и театарски претстави на автентичните локалитети, Античкиот театар, црквата Св. Софија, предворјето на Св. Софија, Долни Сарај, кои ги понудивме на 62-то фестивалско издание се сведоштво дека силата на музиката и театарот го обединува светот, го променува и внесува убавина во него. Бевме пример како треба да се реализира врвна манифестација притоа почитувајќи ја традицијата и влогот на многу генерации пред нас“, рече Поповиќ на свеченото затворање на фестивалот.
Според традицијата „Охридско лето" беше затворено со гасење на фестивалскиот факел кој светеше изминатите фестивалски вечери и спектакуларен огномет.