БАЛЕТСКИ НАТПРЕВАР

Злато за Македонија на меѓународниот натпревар „Млади балетски ѕвезди“ во Романија

Реномираниот натпревар „Млади балетски ѕвезди“, кој се одржа од 21 до 23 октомври во Романија, беше исклучително успешен за македонските идни балетски играчи, младите балетски ѕвезди Мартина Димовска и Виолета Карајанова, претставници од Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски Луј“, Скопје.

Под менторство на еминентниот балетски педагог Соња Здравкова-Џепароска, Карајанова и Димовска подготвија програма според строгите пропозиции на натпреварот. Тие, покрај задолжителниот заеднички сегменти зададени од организаторот, се претставија со класични варијации и модерна кореографија.

Виолета Карајанова изведе две варијации на главните ликови од балетите „Заспаната убавица“ и „Ѓаволеста девојка“. Мартина Димовска ја изведе варијацијата на носечкиот лик Китри од балетот „Дон Кихот“, како и модерна точка во кореографија на извонредниот македонски кореограф Игор Киров. Оваа точка предизвика извонреден одек кај публиката, но и кај жирито што резултираше со добивање на максимален број поени при бодувањето.

Во конкуренција од над стотина учесници од различни земји од Европа и Азија, ова беше можност за презентација на македонската балетска едукација и култура. Ваквите настани се одлична можност за да се одмерат силите и да се создаде слика за македонските достигнувања во однос на останатите балетски центри, но едновремено да се претстави и националната култура.

За квалитетот на натпреварот може да се процени и од составот на жирито составено од Штефи Шерцер, директор на Танцовата академија во Цирих, Аманда Бенет, директор на Националното балетско училиште во Базел, Грегор Зајфат, уметнички раководител на Националната школа во Берлин, Јан Броецки директор на Националното балетско училиште во Минхен, Педро Карнеиро, директор на Националниот танцов конзерваториум во Лисабон, Алан Дибруел, кореограф од Велика Британија, и Ирена Ситникова од Академијата за балет во Санкт Петербург.

Од Романија македонските млади балетски надежи во своите категории се вратија со Златен медал, кој го освои Мартина Димовска, како и стипендија за традиционалната летна школа која се организира во градот Бари, Италија. Виолета Карајанова за својот настап освои награда - платено учество за меѓународен балетски натпревар во Италија следната година. Со тоа се потврди квалитетот на идните балерини и потенцијалот кој го поседуваат во делот на танцовата уметноста.

Педагогот Здравкова-Џепароска истакна: „Талентот, надополнет со правилно насочена работа секогаш резултира со успех. Но за овој вид натпревари не е потребен само квалитет, туку и особености кои ќе ве издвојат од групата на секогаш одлично подготвени конкуренти. Тоа се врвните технички перформанси кои се над останатите, сценскиот шарм и харизматичност, елеганцијата и индивидуалниот играчки сензибилитет. Имено тоа ни ги донесе наградите за Димовска и Карајанова на овој натпревар, кој не се само награди за учениците, класата, училиштето, туку се награди и за македонската култура.“

Доколку и се избере влада на РМ без формално определен мандатор Уставниот суд на РМ нема да има правна можност за никаква интервенција.

повеќе

Таквата федерализација, како што нѐ учи балканското искуство е само преодна фаза која води кон распад на земјата.

повеќе

Во Македонија мора да се случи мирен премин на власта. Така мора да биде и по изборите од 2016 година. Во спротивно, земјата ќе се третира како „пиратска“ или како „разбојничка“ држава.

повеќе