МАКЕДОНСКА ОПЕРА И БАЛЕТ

Ана Дурловски ќе настапи во изведбата на оперската претстава „Лучија од Ламермур“

Во Македонската опера и балет, по подолга пауза, на 10 декември (сабота), во 20 часот, ќе биде изведена една од водечките белканто опери „Лучија од Ламермур“ на Гаетано Доницети. Во насловната улога ќе имаме можност да ја чуеме македонската оперска дива Ана Дурловски.

Улогата на Лучија се смета за врв во т.н. колоратурно пеење. Ана Дурловски, добитничка на европски „Оскар“ од германското јазично подрачје за врвна интерпретација, настапува и на престижните оперски сцени во светот, познатата опера „Метрополитен“ во Њујорк, Виенската државна опера, миланската „Ла Скала“ и многу други сцени ширум светот.

Диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, шеф-диригент во Македонската опера и балет за тековната сезона. Во останатите улоги ќе настапат: Марјан Јованоски, Зоран Сотиров, Марјан Николовски, Александар Стефановски (во моментов живее и работи во Германија), Николина Јаневска и Јане Дунимаглоски.

Македонската опера и балет го најави и одржувањето на грандиозниот балетски спектакл на мраз „Лебедово езеро“ во Скопје. Балетот на мраз „Лебедово езеро“, балетско ремек-дело од Петар И. Чајковски, во изведба на Државниот балет на мраз од Санкт Петербург, Русија, ќе биде изведен на сцената на Македонската опера и балет на 16 декември, од 21 часот, и на 17 декември, од 22 часот. Двете претстави беа рекордно брзо распродадени, па беше отворена дополнителна претстава на 17 декември, во 18 часот.

Државниот балет на мраз од Санкт Петербург е основан во 1967 од страна на светски признатиот кореограф Константин Бојарски, кој бил поранешен солист на познатиот балет „Марински“, а во својата балетска кариера има играно со Михаил Баришњиков и Наталија Макарова. Музички директор и коосновач на оваа балетска куќа е Лео Коркин, познат руски диригент.

Исто така, Македонската опера и балет извести дека на 20 декември најпознатата македонска рок-група „Леб и сол“, ќе прослави 40 години од своето постоење и делување, а воедно тоа ќе биде и нејзин последен настап со кој се заокружува една блескава музичка историја. За концертот „Леб и сол симфонија“ е предвидена специјална програма, а составот ќе го придружува симфониски оркестар, за кој се изработени и специјални аранжмани. Првиот концерт закажан за 20 декември е веќе распродаден, а билети можат да се купат за вториот, кој е закажан за наредниот ден, 21.12.2016 година, со почеток во 20 часот, на Големата сцена во Македонската опера и балет.

По спектакуларната светска премиера на балетот „Клеопатра“, со која македонската Примабалерина Александра Мијалкова прослави јубилеј, 25 години уметничка дејност, репризата закажана за 14 декември е веќе распродадена. Следна претстава на „Клеопатра“ која ќе може да се посети е закажана 31.01.2017 година, а билетите веќе се пуштени во продажба, известија од МОБ.

Специјално компонираната музика за „Клеопатра“ е на авторката Нерија Голдберг од Литванија, кореограф е Василиј Медведев од Русија, сценограф/костимограф е Павол Јураш, Словачка, а либретото е на Јана Темиз од Турција. Во главните улоги настапуваат првенците Александра Мијалкова (Клеопатра), Васил Чичијашвили (Цезар) и Бобан Ковачевски (Марко Антоние).

По повод претстојните празници, Македонската опера и балет подготвува специјална Новогодишна претстава за деца, „Работилницата на Дедо Мраз“. Во претставата учествуваат оперски солисти, детски артисти и детскиот хор на МОБ. Режисер на претставата е Љупка Јакимовска, детскиот хор го подготви Теа Богатинова, а соработник на сценариото е Десанка Глигориевиќ.

„Работилницата на Дедо Мраз“ е, всушност, приказна во која се раскажува за изработката на играчките-подароци за децата за Нова Година и брзањето на Дедо Мраз да стаса да ги разнесе до сите деца. Покрај Дедо Мраз децата ќе ги видат и Баба Мразица, Месечината, Ѕвончица, Пинокио, Балерина, Снежната Кралица и многу други интересни ликови. Претставата ќе се одигра на Малата сцена во Македонската опера и балет, на 20 декември, со почеток во 18 часот, а цената на билетот изнесува 150 денари.

Т.Д.

Изразено ниската вредност на вложување во науката и истражувањата во Македонија е јасен знак за отсуство на грижа на државата за овие суштински дејности. 

повеќе

Последните 11 години Македонија е окована во аграрен, ксенофобичен и социо-економски популизам, кој не се однесува на интересите и потребите на граѓаните, туку на оние кои се повинуваат на волјата на елитата.

повеќе

Политичарите изразуваат „загриженост“ за аерозагадувањето на начин што нѐ оддалечува од наоѓањето решенија, наместо да не доближува.

повеќе