„Првиот ваков заеднички настап го имавме минатата есен во Скопје, после тоа следеа вакви концерти во Охрид, во Битола, фестивалот ЛЕНТ во Марибор во Словенија. Ваквиот настап значи есенција и е најдоброто што можете да го чуете од Северна Македонија. Јас ги пратам Танец уште како дете и верувам дека членовите на Танец ме пратат и мене и мојот музички пат, така што се сретнавме заедно на мое огромно задоволство, а верувам и на задоволсто на публиката“, изјави Влатко Стефановски пред одржување на концертот во Белград.
Како што оцени, покрај спортот од ова подобра презентација во странство за Македонија нема.
На концертот пред преполната сала можеа да се слушнат интересни комбинации на традиционални нумери од богатиот фолклор на македонската музика, вокали, инструментални нумери и импровизации, со нивна фузија и свртување кон џез музиката.
„Ова е многу добра и исклучителна можност, луѓето од Белград и од поранешните југословенски републики да го доживеат овој проект со Влатко Стефановски, затоа што и Танец, самиот по себе и Влатко, самиот по себе, преставуваат еден бисер на македонската култура и заедно тие значат многу и за целиот Балкан, со самото тоа што го докажуваат со преполнетите сали“, изјави Мартин Вучиќ, директор на „Танец“.