Концертот ќе се одржи под мото „Вложуваме во културата која нѐ спојува“ и е под покровителство на Генералниот секретаријат за грчка дијаспора и јавна дипломатија при Министерството за надворешни работи на Грција и со поддршка од Канцеларијата за јавна дипломатија на Амбасадата на Грција во Македонија.
Како што информира ДКУС, на настанот ќе се обрати шефот на Канцеларијата за јавна дипломатија на Амбасадата на Грција во Македонија, Константинос Прокакис, а видеообраќање ќе има и генералниот секретар за грчката дијаспора и јавна дипломатија Јоанис Хрисулакис.
„Северна Македонија и Грција имаат извонредна џез сцена, а фестивалот „Скопско лето“ претставува еден од најпрепознатливите културни настани кој ќе им овозможи на уметниците, на љубителите на музиката и на публиката од двете земји да се спојат на едно место, да се запознаат и да се забавуваат“, соопшти ДКУС. Влезот е бесплатен за посетителите.