Појдовен момент за организирање на изложба која има ретроспективен предзнак е посветена на Теофил Шулајковски – Тофе (Дебар, 1934 – Скопје, 2009), еминентен ликовен автор, е фактот што тој е еден од ретките македонски уметници кои до сега немале ваков вид на интегрално претставување. На оваа изложба се презентирани над 150 дела на македонскиот бард на акварелот, а присутни се најрепрезентативните дела од сите творечки фази, од најраните акварели, па се до последниот, до сега неизложен и необјавен.
Ваквиот тип на ретроспективни изложби се само основни поводи преку кои Националната галерија, како институција која над седум децении се грижи за чување и заштита на дел од движното културно наследство од историјата на уметноста на нашата земја, континуирано ги презентира врвните национални културни достигнувања. На оваа примарна функција се надоврзуваат и нашите заложби за константно потсетување и едукација за особените специфики на значајните легати од творештвото на големите уметници од македонската уметност.
Акварелот како сликарска дисциплина која заради специфичностите на оваа техника – брза и сигурна рака и концепт, неможност за корекции итн., бара неверојатно уметничко познавање. Како уметничка форма е присутен во светската историја на уметност почнувајќи од примарно утилитарната намена во папирусите на стариот Египет, Кина, Јапонија, Индија, Персија, понатаму хеленистичката и римска уметност, илуминациите на средновековните црковни книги, па се до денес, како современ уметнички израз со естетска функција.
Теофил Шулајковски – Тофе без двоумење се вбројува во рангот на најзначајните македонски акварелисти. Тој се издвојува од колегите уметници преку доследноста во ликовната дисциплина акварел и преку сопствената современа поетска естетика. Ја продолжува оваа насока, надоградувајќи се на почетокот врз основите и искуствата на нашите големи мајстори – втемелувачи на модерниот македонски акварел од дваесеттите години на минатиот век, но и по светските војни, кои се школувани во балканските центри: Димитар Панилов Аврамовски, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Василие Поповиќ-Цицо, Зага Малинковска. Тој донекаде, сосема логично, ги наследува искуствата од просторите во кои се оформувале и неговите претходници, односно ги впива и искуствата од претходната основоположничка генерација.