ЛИКОВНА УМЕТНОСТ

Проект на уметникот Томе Аџиевски ќе ја претставува Македонија на 57-то Биенале во Венеција

Ликовниот уметник и скулптор Томе Аџиевски со проектот „Red Carnival“ ќе ја претставува Република Македонија на 57. Венециско биенале на уметноста од 13 мај до 26 ноември 2017. Проектот е поднесен од Дирекцијата за култура и уметност од Скопје, куратор е Бранислав Саркањац, а е избран едногласно од стручната комисија Викторија Васева-Димеска, Станко Павлески и Жанета Вангели, од седум пристигнати апликации на конкурсот на Министерството за култура.

Според мислењето на комисијата, проектот на Томе Аџиевски е соодветен одговор на темата на Венециско Биенале 2017, кое е насловено како „Viva Arte Viva“ и преку кое, уметничкиот директор на овој интернационален настан - светски реномираниот куратор Кристин Масел, симболично ќе ги обедини националните павиљони на 57 земји од целиот свет, и ќе се обиде да ја промовира својата размисла дека „во светот полн со конфликти, во кој хуманизмот е сериозно нагризен, уметноста е најскапоцениот дел од човековото битие“.

„Во таа насока Томе Аџиевски нуди еден оригинален, комплексен и слоевит авторски проект, кој на ироничен и симболичен начин го поставува прашањето за западната, таканаречена беневолентна, глобална хегемонија и нејзината деконструкција. Проектот е провокативен, интригантен, актуелен без никаква стравопочит кон трендовските манири и истиот функцинира како на локално, така и на глобално рамниште, разобличувајќи ги симболите и методите на ретро-гардата“, нагласи министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

„Проектот е комплексен, со повеќе елементи, од кои нагласена ќе биде наративноста зашто денешниот свет и опкружувањето е нарација. Во филм од половина час ќе биде прикажан тајниот агент Џејмс Бонд (метафора на западниот свет) како се наоѓа во Москва за време на парада по повод 100 години од Октомвриската револуција“, раскажа авторот Аџиевски на прес-конференцијата на која беше објавено дека тој ќе биде македонскиот претставник на најголемиот собир на современата уметност на светот.

Кога ќе открие дека девојка му е, всушност, травестит, Бонд ќе реши да бега со бондмобилот, но тогаш група студенти ќе го нападнат неговиот автомобил облепувајќи го со плакати од руските авангардисти. Целта им е да соопштат тајна, која авторот Аџиевски не ја откри.

Сцената со автомобилот (БМВ) на Бонд залепен со плакати ќе биде изложена во павилјонот на Република Македонија во Венеција, а околу инсталацијата непрекинато ќе се прикажува филмот на платно. Локацијата каде што ќе се претставува РМ сѐ уште не е позната, но авторот се надева дека ќе добијат простор во „Арсенале“ каде што, покрај Џардини, се наоѓаат најголем број од павилјоните на земјите учеснички на Биеналето.

„За мене ова е огромна чест и задоволство, бидејќи Венециското биенале е сон на секој уметник. Тој сон мене ми се остварува. Ова е континуитет на мојот ангажман - во моите дела често преку некаков хумор да провејува политиката. Сакам сериозните работи да ги кажувам преку пародија и притоа се навраќам на мислата дека уметноста на Источна Европа е уметност со последици. Тоа мото - уметност со последици - го доживеав лично и со споменикот на Прометеј во Скопје, кој беше напаѓан. Тоа мото беше и за оваа изложба. Манипулацијата во уметноста е огромна, а јас работам токму со манипулацијата. Тоа е мојот материјал за работа“, потенцира рече Аџиевски.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференцијата нагласи дека се настојува Република Македонија секогаш да биде дел од светски етаблираните меѓународни манифестации, каква што е и Биеналето во Венеција, каде што учествуваме од 1993 година.

На конкурсот за учество на Венециското биенале аплицираа и проектите: „Триумф на уметноста“ од Жарко Башевски; „Помеѓу блиску и далеку“ од Јасна Богдановска; „А-рефлексија“ од Марија Павловска; „На плажа: херменевтика на песокот“ од Зоран Поповски; „Изгаснатото сонце и земјиште што се подвижува“ од Нада Прља и „Загуба“ од Пандора Апостолоска-Саздовска. Апликациите на авторките Прља и Апостолоска-Саздовска не ги исполнувале условите од Конкурсот.

Образложувајќи ја одлуката на комисијата, Викторија Васева-Димеска рече дека Аџиевски ѝ припаѓа на најдобрата генерација македонски ликовни уметници кои ја креираат физиономијата на македонската современа ликовна уметност.

„Проектот на Аџиевски произлегува од неговото неколкудецениско континуирано творештво и имајќи го предвид тој факт, како комисија сме уверени дека достоинствено ќе нè претставува на 57. Венециско биенале“, рече Васева-Димеска.

Станко Павлески додаде дека задачата на комисијата не била лесна затоа што имале апликации кои влегле во потесен избор и кои можеле достојно да ја презентираат РМ во Венеција, посочувајќи ги проектите на Зоран Поповски и Јасна Богдановска. Се одлучиле за проектот на Аџиевски зашто имал убава структура и шеговито се однесувал кон високи теми, а притоа бил и добро спакуван.

Мирко Стефановски од Дирекцијата за култура и уметност од Скопје е задоволен што нивната институција е носител на проектот за Венециското биенале 2017 и затоа што со авторот соработуваат од почетокот на „Скопско лето“ пред повеќе од 30 години. Тој рече дека „Red Carnival“ го планирале за годинашното „Скопско лето“.

„Но оценивме дека, сепак, проектот е толку добар и треба да го предложиме за Венеција, прво да го видиме на светско ниво, а потоа и во Скопје“, додаде Стефановски.

Т.Д.

Декемврискиот извештај на Мeѓународната кризна група и платформата на трите партии на македонските Албанци.

повеќе

Изминатите неколку дена Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА) објави неколку милиони документи во врска со нивната работа, меѓу кои илјадници документи се однесуваат на СФРЈ и Македонија. 

повеќе

Искрено, сметам дека Трамп нема многу да се посвети на Македонија и на Балканот, како што некои мислат.

повеќе