„Пoради џезот“ – изложба на фотографии на Оливер Белопета

Утре во 19 часот во Галеријата на МКЦ ќе биде отворена изложбата на фотографии на Оливер Белопета „Поради џезот / Because of Jazz“. Оваа изложба, под кураторство на Жига Коритник, беше поставена во 2017 година, во Галеријата на Цанкарјев дом во Љубљана. Станува збор за селекција од 30 дела од богатата ризница фотографии на Оливер Белопета, направени во период од 2009 до 2016 година, на различни локации и музички фестивали ширум светот.

Изложбата, дополнета и повторно курирана од Жига Коритник, а реализирана во соработка со Младинскиот културен центар и Скопскиот џез фестивал, ќе биде поставена во Галеријата на МКЦ до 23 декември.

„Освен неговата љубов за добрата музика и дизајн (во мноштвото други интереси), јас особено се гордеам со Оливер како фотограф. Свесен сум за богатството на неговиот живот, што го почуствував уште од почетокот на нашата соработка. Дури уште тогаш му се понудив да му ја разгледам архивата и да му одберам фотографии за изложба. Сепак, помина многу време додека конечно ме покани да ја курирам неговата изложба на Љубљанскиот џез фестивал во 2017 година. Се изненадив кога ја добив неговата поширока селекција на фотографии, коишто покажуваа техничка и содржинска перфекција. Ги одбрав овие фотографии за убаво да се впијат во галерискиот простор, што се покажа како тешка задача, бидејќи ги имаше толку многу и толку интересни! Потоа го предложив насловот на изложбата. Мислам дека имаме среќа што можеме да погледнеме макар и само мал дел од фотографскиот живот на Оливер.“ (Жига Коритник, фотограф)

„Само еден краток поглед кон фотографиите на Оливер Белопета од бројните светски подиуми ја открива токму таа сјајна разноликост и непредвидливост на музицирањето, на хетерогеноста на талентот што тој умее во целост да ја почитува и да ја промовира на неговите концерти. Ликовите на фотографиите се, главно, познати музичари, млади и стари, сосредоточени и спонтани, разиграни и задлабочени, посебни, но истовремено и толку обични во уметничкиот и во приватниот живот. А сепак, нивната подготвеност да го направат следниот чекор е очигледна – желбата да креираат нов звук и да зачекорат во нови музички пространства.“ (Ичо Видмар, новинар)

„За изложбата на фотографии 'Поради џезот' познатиот фотограф од Љубљана Жига Коритник курира избор од богатата колекција на црно-бели фотографии на Оливер Белопета, направени низ годините на различни места. Оливер Белопета е директор на Џез фестивалот во Скопје, а некое време беше и уметнички директор на фестивалот во Љубљана. Ја има привилегијата лично да контактира со многу музичари. Неговите фотографии покажуваат фасцинантна комбинација од респект кон познатото и возбудливи, изненадувачки проникнувања.“ (Хенинг Болте, All About Jazz)

Веднаш по отворањето на изложбата, во сабота, со почеток во 21 часот, вo Кино Фросина (МКЦ), ќе биде прикажан музичкиот документарец „Summer of Soul (...Or, When the Revolution Could Not Be Televised)“, чијашто домашна премиера се случи во октомври, во рамките на 41. Скопски џез фестивал. Ова претставува уште една ексклузивна можност овој култен документарец да се ужива на големото платно. Станува збор за филмско деби остварување на познатиот американски хип-хоп артист Амир „Квестлав“ Томпсон, кој претставува дел музички филм, дел историски запис - посветен на еден епски настан што ја прослави афроамериканската историја, култура и мода. Во текот на шест недели во летото 1969 година, на само сто милји јужно од Вудсток, беше одржан и снимен The Harlem Cultural Festival во паркот „Маунт Морис“ (сега парк „Маркус Гарви“). Снимката беше одамна заборавена - сè до сега. „Summer of Soul“ ја истакнува улогата и важноста на историјата за нашата духовна благосостојба и претставува цврст доказ за исцелителната моќ на музиката во време на немири, како во минатото, така и денес. Документирани се концертни изведби на Стиви Вондер, Нина Симон, Sly & the Family Stone, Gladys Knight & the Pips, Махалија Џексон, Би Би Кинг, The 5th Dimension и многу други. Филмот освои голем број награди, меѓу кои и Оскар за најдобар документарен филм и Греми за најдобар музички филм.

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе