Шеесет и едно дело, масло и акрил на платно, кои ќе бидат изложени во изложбениот салон Империјал 1 и 2, се насликани во периодот од 2020 до 2022 година и го прикажуваат патот на еден автор во откривањето на сопствениот свет и пронаоѓањето на својот личен ликовен израз.
Изложбата ќе остане во КИЦ-Скопје сѐ до 10 февруари и ќе биде отворена секој работен ден од 10 до 20 часот и сабота од 10 до 14 часот.
За внатрешниот импулс и ритуалот на сликањето Огњановска вели:
„Водена од страста кон уметноста, сликам спонтано, емоциите ме носат и никогаш не знам каде ќе ме одведат. Едноставно четката ги испишува мислите, чувствата, спомените, копнежите... Тоа е мојот спонтан, но, всушност, длабоко интимен свет. Некогаш сликам како што се чувствувам, некогаш како што сакам да се чувствувам...
Сликањето ме радува затоа што е непресушен извор на магија во која се будат сетилата, се надминува реалноста, се остваруваат фантазиите, се отвора патот од невозможното кон возможното. Тоа е мојот простор каде што нема никави ограничувања. Платното е нежна обоеност на душата со сите бои на светот, апстракција на она што било, е, и ќе биде, тука и некаде.“