Интервју

Никола Пијанманов: Уметноста е вечна младост!

Постојаното преиспитување и сомнежот постојат во секој нов обид да се обликува едно уметничко дело. Понекогаш дури и страв. Што ако не успеам? А што е тоа успех? Кое е мерилото според кое едно дело е успешно или не? Тоа само времето мислам дека може да го процени, со прецизна мерка. Времето што изминува е кројач на вредностите, вели во интервјуто за МКД.МК еден од најплодните македонски уметници Никола Пијанманов.

 

Кога некој во долгиот и исклучително продуктивен разговор, меѓу другото, ќе ви каже дека „творењето, откривањето на вистините и смислата на тоа да се биде жив тука и во овој миг, преку преобразување на ништото во нешто и на себеси во поинаков јас, се моите вера, надеж и љубов“, тогаш повеќе од јасно е за каков творец, автор и уметник станува збор. За животописот на Никола Пијанманов ќе биде забележано дека „во целост инкорпориран во уметноста и сликарството и не може одвоено од нив да се набљудува“. Дека „тој ја живее уметноста, а многу често и уметноста го живее него. Понекогаш двајцата се имаат себеси меѓусебно, и без животот, макар оној живот по кој трча и за кој пека современиот човек. Над сѐ, во своерачно направениот дом во селото Раборци, тука веднаш над Струмица, во куќа, поточно во уметнички манастир, кој претставува приказна сам за себе, Пијанманов го одмерува и дозира своето присуство во реалниот свет. Конечно, како што потенцира белградскиот книжевник Далибор Плечиќ, „иако е често присутен меѓу луѓето, неретко е и на разни случувања, резиденции или патувања, Пијанманов е сепак најдалеку во своето патување и најдлабоко во комуникацијата, токму во своето ателје, опколен со природа и тишина“.

И, уште малку фактографија. Роден во 1981 година во Струмица, тој своето ликовно образование го почнал во Средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“, а го заокружил на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Првата изложба „Илуминации“ ја работел инспириран од поезијата на Михаил Ренџов во 2007 година во НУБ „Св. Климент Охридски“, потем со „Крст од Топола“, во март 2008, се претставил во МКЦ, за да „Мирисот на времето“ се случи едно лето подоцна во Националната галерија на Македонија, во објектот Мала станица. Истата 2009 година своите слики ѝ ги претставил и на ликовната публика во родниот град, а во Скопје, во Музејот на градот, се во 2012 со „Исчезливо“. Следуваат едно подруго „Ризата на Саломе“ во Ликовниот салон на Народен музеј Велес, „Илуминирани книги“ во Галерија на музеј – Струмица и „Остатоци“ во НУЦК „Антон Панов“. Учесник е на повеќе групни поставки и колонии во земјава и во странство, а неговиот творечки печат може да се сретне и во сликарските проекти во претставите „Досие Стринберг“ на Владо Цветановски (НУЦК „Антон Панов“, 2010, Струмица) и „Бесови“ на Златко Славенски (МНТ Скопје, 2011), а потписник е и на сценографијата за „Второ пришествие“ на режисерот Васил Михаил. Пијанманов е автор и на монументални јавни дела: „Секира“, слика што се наоѓа во фоајето на МОБ, „Дрво на животот“, монументална скулптура од железо поставена во градскиот парк во Струмица, „Бршлен“, слика посветена на жртвите од карцином и „Старецот и морето“ – монументално дело поставено на фасадата на библиотеката во градот под Царевите кули...

И, овде некаде доаѓа сегашноста. И, разговорот за актуелниот момент од неговото творештво и живот.

„Можеби звучам донкихотовски, но навистина верувам дека уметноста е една од последните сили кои можат да го спасат човештвото и синтезата на убавото и вистинитото“. Ова се зборовите со кои го проследивте поставувањето на вашата скулптурата од рециклирано железо „Штркот и змијата“ во септември 2020 година во струмичко Колешино. Две години подоцна, по двомесечниот престој во Париз и искуствата стекнати таму, деновиве во Босилово го исправате проколнатиот титан Атлас кој на своите рамења ја носи тежината на земјата. Каков е вашиот Атлас? Која е вашата творечка, човечка порака со неговото поставување? Верувате ли и натаму силно дека „уметноста е една од последните сили што сепак можат да го спасат светот“?

- Овој современ Атлас со последните сили сака да се ослободи од товарот на светот, земјата на неговите рамења и раце е веќе во распаѓање, останале шилки и пукнатини што го расчеречуваат, како некое распетие, вечна болка со тоа трајно проклетство да се носи тежината на светот, секојдневно. За разлика од Христос, на овој проколнат човек како да не му се навестува Воскресение. Има една дупка, една тешка празнина во кругот, сферата, земјата, кои ги носи Атлас, тоа е вечната празнина на човечкото постоење, неможност за потполна реализација. Додека ја создавав оваа скулптура од отпадни железа (400 кг. материјал) постојано мислев на луѓето кои мораат да ја носат тежината на целиот свет на своите плеќи. Непознати, анонимни и измачени луѓе без чие тивко постоење нема да постои светот каков што го познаваме.

Уметноста можеби нема да го спаси светот, но со сигурност знам дека ќе спаси многу човечки души. Ќе ја даде смислата на ова бесконечно кружно повторување на злото и омразата. Дупката во кругот на Атлас е истовремено и пукнатина низ која ќе издише маката! Ќе помине бурата...

Ѝ благодарам на манифестацијата „Босилово културно лето“, која ми ја довери задачата да реализирам такво дело. Атлас ќе стои пред Домот на културата во Општина Босилово.

Д-р Ана Витанова – Рингачева во своето писание кон поставувањето на вашата скулптура „Хамлет“ пред две години во Велес ќе забележи дека „вашата скулпторска поетика ја градите преку рециклирањето отпаден метал и неговото пресоздавање во уметничко дело“, дека така всушност „моделирате една општочовечка судбина, набљудувана низ призмата на егзистенцијалните прашања“, односно дека создавате „дело ослободено од клишеа“. Кој е одлучувачкиот момент со кој медиум ќе ја пратите пораката?

- Материјалот со кој секој ликовен уметник создава е одлучувачки фактор во прецизната материјализација на неговата мисла. Првин го разбираш материјалот, зборуваш со него, го милуваш, го засакуваш, после доаѓа уметноста. Со материјали кои не сме ги засакале и со кои немаме разговор, не можеме да створиме дело. Делото е фантастична синтеза на природата на материјалот и духот на авторската идеја. Кога ќе се наруши тој баланс, немаме компактно дело, туку експеримент кој не секогаш обликува дело. За мене е предизвик што апсурдните форми од секојдневието најдени на отпад за метали, се преобразуваат во нов живот. Ретко ги користам како редимејд елементи (иако најчесто така се употребуваат во современата железна скулптура), сакам да се обезличат до непрепознатливост и од нив да се створи нова форма, нова ликовна смисла. Во сите скулптури досега главна е внатрешната борба на ликовите што се претставени. Штркот со змијата, Хамлет со сеништата од задгробниот свет, Атлас со проклетството на светот, Пинокио со дрвото од кое никако да излезе, да се ослободи.

Ана како книжевник прецизно ја прочита таа Хамлетовска судбина на разградувањето на ликот со преобразба на повторно градење, или надградување со деструкција на постоечките канони. Хамлет не е истиот „принц од бајките“ откако преку олицетворението на татковиот дух ќе ја сети сета неправда и хипокризија на проколнатиот светски поредок.

Режисерот Дејан Ангелов, пак, во текстот пишуван за изложбата во Париз кој беше резултат на вашиот двомесечен престој во Градот на светлината, вели дека „во уметноста на Пијанманов, па и во оваа серија слики, нема никаква материјалност, сѐ е потчинето на духот, повторувам: на духот, а не на душата. Тој го слика духовното – метафизичкото, последното. Кај него видливото секогаш е во служба на невидливото“. Каков беше творечкиот пат на уметникот до себе? Како тој го градеше својот уметнички, ликовен израз? До каде слегол во себе во артикулацијата на сопствената творечка поетика и јазикот на изразување?

- Со режисерот Дејан Ангелов имаме заеднички јазик и сродно читање на книжевните, философските и социјалните моменти кои нѐ опседнуваат. Долго дискутираме, секогаш барам совети од него за моите дела, тој поинаку го гледа визуелниот свет, преку театарски поглед на светот. Воопшто со неколку уметници (актер, сликар, музичар, книжевник) се советувам кога ќе осетам дека нешто се склопчило и заглавило во процесот, ми требаат објективни, необременети очи кои можат чисто да го видат и согледаат она кое го работам. Не е срамота да примите совет, да учите од вашите блиски, од колегите кои на ист начин како вас секојдневно се преиспитуваат себеси преку своите творечки дисциплини. Жално е што во овој свет денеска постои голема изолација и страв, сомнеж од мислата на ближниот, страв од плагијат, од тоа да бидеш дефиниран како „несовремен“, заостанат. Суета на лажен перфекционизам би рекол. Порано стравот доаѓал од тоа да не бидеш разбран, да не биде согледано и разбрано твоето дело. Денес најголемиот страв е од тоа да останеш неприметен, иако алатките за промоција на делата се толку лесно достапни, како никогаш досега во историјата. Но, во тоа море од визуелни информации, како да одделите што е добро и вредно а што не? Просто очите болат од толку многу слики! Малите деца можат по сто пати да гледаат еден ист анимиран или игран филм со иста возбуда и изненадување, и секогаш како првпат да го гледаат, а возрасните? Не ретко добиваме коментари – Па ние ги видовме овие слики. Негде на ФБ видено ни е, нема потреба да отидеме на изложбата.

Да се вратам на суштинското ваше прашање, да, режисерот Дејан Ангелов го согледа она што и јас ретко го согледувам, а интуитивно го знам од некаде. Дека дематеријализацијата на човечката фигура во сликарството зависи од енергијата која ги согорува телата, од моментот кога фигурата е во служба на духот, а не обратно. Затоа тој прецизно забележал дека човекот во моите слики е транспарентен до срж, проѕирен, низ него минуваат сите простори, пејзажи, сеќавања, кошмари и мечти. Дури и во скулпторски медиум со крут материјал како железото, се чувствува таа начнатост на фигурата, нагризеност на формата. Така ја работевме и претставата „Кротка“.

Во изминатиот период Никола Пијанманов со своите слики, со својата уметност, беше нагласено присутен и во Белград, на Поетска ноќ во Велестово, потем во Струга, деновиве со „Напуштени предели“ сеуште си НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп... Какви се одгласите од ваквите средби со публиката, со критиката? Колку ваквиот „егзил“ од вашето ателје во Раборци, од Струмица, може да придвижи некои потиснати немири за ново преиспитување на авторскиот ракопис, на вашата улога во творештвото, во уметноста, духовноста... во нашата стварност?

- Не знам, спонтано се наредија камењата како мозаична сложувалка оваа година која веќе изминува, да имам неколку самостојни претставувања (за мене многу значајно беше и групното претставување со ДЛУМ на Зимскиот салон и Голем формат). Најважно ми беше претставувањето и изложбата во Cite des Arts Paris, каде делата беа работени според просторот кој го зацртав за презентација на мојата уметност во Париз. Рефлексиите од тој град си го направија своето. Можев лично да сведочам и компарирам со работите на колегите од целиот свет кои изложуваат таму. Се осеќам како да сум завршил уште една академија за уметност со сите искуства и виденија кои ги доживеав. Дел од тие слики ги изложив на изложбата во убавата уметничка галерија во Прилеп, градот на нашите најголеми ликовни творци. Во Велестово изложбата беше долго планирана и преку поетскиот фестивал таа се реализира на едно чудесно место, во тремот на средновековна црква, која пак беше опкружена со гробници. Не можеше да постои поидеално место за мојата серија слики „Плачот на Адам“.

Инаку делата секогаш се создаваат во изолација и тишина, дури и да се наоѓате во мегалополис и најурбаното место на светот. Моето ателје е во планинско место на југот од земјата, но истата тишина можев да ја осетам и во Белград и во Париз. Тишината е во нас, како и хаосот.

Постојано преиспитување и сомнежот постојат, во секој нов обид да се обликува едно уметничко дело. Понекогаш дури и страв. Што ако не успеам? А што е тоа успех? Кое е мерилото според кое едно дело е успешно или не? Тоа само времето мислам дека може да го процени, со прецизна мерка. Времето кое изминува е кројач на вредностите.

Вашето здружение за култура ТРАНЗЕН низ годиниве наназад е потписник на многубројни творечки зафати, изложби, монографски објави (како онаа на Ниче Василев – сликарот на човечката присутност, на пример), театарски претстави, концерти... Речиси да се смета за генератор на скоро сите прогресивни уметнички зафати во овој дел од Македонија? Колку напор беше и е потребно за да се функционира на овој начин ако се знае на кое дереџе ни е културната политика и дека малку е видлива прокламираната децентрализација на културата? Конечно, сите бевме сведоци на струмичката „културна буна“ кога во тамошниот Центар за култура за директор беше поставен „партиски кадар“ и човек кој од искуство во оваа област го имал само „учеството на некоја локална празијада“? Како уметник и идеен творец на значајни збиднувања во овој сегмент кој е вашиот став кон креирањето на една поинаква државна стратегија во областа на културата?

- Транзен е приказна што ја сочинуваат повеќе креативци, луѓе жедни за творење и слободни умови што мислат поинаку од шаблонските институциски инструменти за функционирање на културата. Институциите од културата се зарѓани со години, тие се како заринкан брод кој никако да се помести од дното на океанот. Верувам дека успеавме со десетици успешни проекти да го раздвижиме креативниот потенцијал на многу млади луѓе, но и луѓе што се чувствуваат постојано млади, затоа што уметноста е вечна младост. Несовршениот простор е ликовна групна изложба која стана традиционална. Преку неа го славиме ликот на професорот Владимир Георгиевски. Театарската лабораторија произведе четири претстави последните три години. Поддржавме музички алтернативен фестивал на авторска музика. Снимаме документарци за современи ликови - херои, наши современици кои се големи борци на секој можен план. Монографиите пак, го чуваат од заборав ликовното творештво на нашите постари колеги.

Децентрализацијата на културата во Македонија, добро знаеме веќе, дека е нешто кое опстојува само како приказна или легенда, запишана некаде во некоја стратегија за култура која никако да се преточи во стварност. Единствена надеж и решение може да се бара преку зголемувањето на општинските буџети за култура или отворање и пристап до меѓународни фондови. Но сега прашањето е кој и како ќе ги менаџира тие средства во локалните средини? Некои градови веќе отворија годишни конкурси, некаде тоа паушално се доделува, без никаква организација и одлука од стручни комисии, ниту пак со јавен конкурс за годишните културни програми.

Творечкиот акт во суштина е аинституционален, тој е чиста спротивност на организираната култура. Но денес, со недостиг од мецени и благородни личности што инвестираат во културата, па и фондации што донираат во уметноста, сѐ потешко е да се најде вистинскиот извор за продуцирање во независната сцена. Тоа важи посебно за групните уметнички дисциплини, како театарот, филмот, музичките концерти...

Празијадата стана симбол на нашата општествена трагедија! Би рекол, можеби не успеавме да го поместиме, но успеавме да го тестираме заглавениот систем. Ги обзнанивме пред јавноста начинот и методите на кои се местат раководните функции во јавните институции, во случајот културата. И по „празот“ ништо не е изменето за жал, работите одат само по надолна линија. Но, ќе остане запишано во историјата дека една министерка за култура во изборот за раководител на културна државна институција, наместо културен менаџер со десетици реализирани проекти зад себе и магистерски труд на Унеско катедра во Белград, избра наставник по фискултура со единствениот врвен дострел во културата, добитник на награда за учество во денот на празот по повод активностите на некое село од југоистокот од земјата. Големите одлуки кај нас се носат од ниските, најдолните центри, кои пак го контролираат целиот систем. Локални шерифи и марионетски централни раководители.

Да не заборавиме, тука постои и една ужасна фобија од страна на јавните институции кон алтернативната култура, кон луѓето кои не се вработени таму, кон слободните уметници. Страв од слободна мисла. Како да стравуваат дека ако влезат независните уметници, ќе им се одземе комфорната зона која ја чуваат со пасивност. Тоа само докажува дека тие културни институции постојат само заради себе. Како и што, зошто, која е смислата на нивното постоење? Тоа не е воопшто важно.

Во овој контекст, несомнена е вашата улога и во подготовката на неколку значајни театарски претстави како „Кротка“, „Каин“ и „Викторија“ на режисерот Дејан Ангелов со Стојан Велков Трн, Сашо Урдевски и Мирна Трпкова како актери ... потем документарецот „Трн“ што заеднички го потпишавте со Столе Ангелов и кој премиерно беше прикажан на годинешното издание на фестивалот АСТЕРФЕСТ... тука се и ангажманите на подготовка на кориците на дискографските изданија на Климе Ковачевски ( еден од основачите на групата АНАСТАСИЈА) и на македонската храброст МИЗАР... кога сево ова ќе се спомене, на човек не му останува друго освен да праша од каде му толку енергија на Никола за вака да се движи и остава делчиња од сопствената душа по патиштата на уметностите? Знаете ли Вие, Пијанманов, за одмор или можеби работата и само работата ве движи напред кон високите духовни дострели?

-Творењето, откривањето на вистините и смислата на тоа да се биде жив тука и во овој миг, преку преобразување на ништото во нешто и на себеси во поинаков јас, се моите вера, надеж и љубов. Кога ќе ги ускладам нештата и видам, кога ќе ги допрам, тогаш верувам дека хаосот и таа мрачна незауздана слобода да се прави не само убаво туку и грдо и не само добро туку и зло, се претвора во склад и хармонија. Убеден сум дека убавите слики, музички композиции, романи, стихови, прекрасните филмови, нѐ прават големи луѓе, сите нас, поголеми од тоа што сме. Преку пејзажите на Ван Гог како да се вљубуваме во природата одново, преку скулптурите на Роден, во човечкото тело. Не можете по прочитот на „Клетници“ од Виктор Иго да не станете подобар човек. Пред да почнам да сликам, читам, гледам, истражувам, бдеам пред некои дела со недели. После само им возвраќам за дадената светлина со еден зрак. Колку можам и успевам. Можеби го немаме огнот на Гоја или Ел Греко, но и тоа мало пламенче што го имаме, треба да го одржуваме. Грев е да го угаснеме. Уметноста е комуникација на духовите, затоа за неа не постојат времиња, заробеност во епохи. Уметноста е вечна! Многу често разговарам со некои уметници од пред нашето време, како што Мештровиќ разговараше со Микеланџело халуцинирајќи во затворот или Андриќ со Гоја. Се советувам со нив, им се жалам и пробувам со цел напор да ги разберам нивните дела и скриени тајни. Во еден од есеите кои ги пишувам за списанието Премин, запишав еден мој долг разговор со шпанскиот сликар Ел Греко. Една моја визија. За мене тие се сите современици, живи и присутни. Оти на крајот на краиштата, Сѐ е едно!

Пред извесно време, говорејќи за годинешните проекти, спомнавте дека во последните месец и половина од летово Господово 2022 ќе си дадете одмор. Или можеби повторно ќе се повлечете во тишината на сопственото ателје за да ги пуштите од вас да заживеат на платното новите слики. Сепак, каде ви дофрлаат мислите во иднината? На кои проекти, изложби, претстави, книги, музики... ќе им се намерачите и ќе им се радувате? До каде е снимањето на новиот документарец „Лука“ на режисерот Ице Виранов и ТРАНЗЕН?

- Одмор од изложби, не од творење. Дрвото мора да пушта корења за да не се сруши од првиот ветер. Професорот Рубенс Корубин ни велеше, „изложби можете колку сакате да имате и правите, но нови дела потешко. А тоа е најважното“. Затоа не секоја изложба е знак за успех. Понекогаш повеќе ме радува кога едно дело ќе биде успешно реализирано, една единствена слика или скулптура, па и цртеж, повеќе од цела самостојна изложба. Додека го читам „Дервишот и смртта“ на Меша Селимовиќ, секогаш се навраќам на сцената кога главниот лик е затворен во темните дупки под земјата, чекајќи ја својата судбина, и во едно откровение разбира дека всушност сѐ е обратно, можеби тие горе што замислуваат дека се на слобода се всушност заробените, а овие доле во занданите се слободните. Овие од горе врескаат во ноќта – Ослободете нѐ, пуштете нѐ кај вас!

Како еден од најплодните автори кај нас, но и како веќе искусен творец кој минал и сито и решето во определениот културен простор, со новостекнатите сознанија размислувате ли да тргнете кон освојување на нови пространства? Си пожелувате ли вашата уметност, вашите слики, претстави, филмови... да остварат средби со други неба, други индивидуи и некој сосема поразличен во нив да го најде сопственото спасение?

- Токму тоа го осетив ова година. Новите пространства. Пак ќе кажам, најважните простори се освојуваат внатре и во ателјето на уметникот. Сѐ понатаму е рефлексија на тие освојувања. Ако имате создадено значајни дела, ако успеете органски без никакви трикови и кокетирања да ја искажете својата приказна и вистина, таа ќе биде препознаена. Поважно од тоа да бидете допаднати е некој да ја осети енергијата, она невидливото во делото. Еден посетител на изложбата во Белград ми рече: вашата уметност ми е најспротивно нешто од тоа што го сакам, толку е мрачна и тешка, а сепак не можам а да не ја гледам, како магнет ме прилепува нешто со неа.

Во однос на публиката? Таа е сѐ помалку присутна на изложбите. Ликовната сцена не е популарна. Не навлегувам зошто е тоа така. Но секогаш ќе го имам предвид тоа дека додека беше жив Винсент ван Гог, имаше само еден човек што ја гледал и разбрал неговата уметност – неговиот брат Тео. Можеше ли по нивната смрт некој да ја сопре таа вулканска енергија да се разлее низ светот? Што се сто, двесте години за едно уметничко дело? Како неколку минути.

Што е потребно за пробив надвор од домашнава, па ако сакате и регионалната ликовна сцена? Си пожелувате ли такво нешто и конечно, од она што е ваше спознание, каде сте вие, каде е генерално македонската уметност во однос на она што денес се твори во светот? Успевате ли да им се доближите на големите од минатото или, пак, денес е време „на трендови и кратки минливи сензации“?

Книжевникот Плечиќ во освртот за изложбата во Белград меѓу другото напиша: Наративот во ликовниот опус на Никола Пијанманов не може да се сведе на едноставен дебатен рефлекс за уметноста и времето во кое живееме. Не може во потполност да се сведе ни на дискусија за општеството и отсуството на духовност на новиот дигитален човек, во кој полека се престоруваме. Имено, ликовниот израз на овој македонски уметник, во својот поттекст успеал да ја вткае суштината на нашето постоење. Иако може да се забележи неговата дистинктивна и рафинирана естетика, изразена во меланхолија, тага и измечтаеност, сепак, речиси во истиот миг се наметнува силината на неговата поетика прикажана преку заситеноста на неговите бои. Во прашање е ликовна поетика која својата еклектичност ја крие во комуникацијата со авторовите долги и темелни размислувања за уметноста, верата, општеството и природата, односно за човековиот крај.

- Македонската уметност, како и секоја друга е таму каде што се нејзините уметници. И на физички и на духовен план. Достоевски повеќето од своите романи ги напиша во странство, на руски јазик. Денеска тие се симбол на руската уметност. Тоа е за физичката димензија. А за духовната, Егон Шиле најдобро кажа – „Уметноста не може да биде модерна, таа е вечна и бесмртна“! Во секој случај ситуацијата денеска е таква каква што е. Не се ценат индивидуалните творештва и истите не се репер при презентацијата на нашата култура надвор од земјата. Се оди на инстант решенија, нешто видено, недоречено и секако во склад со кураторските светски трендови. Истото е секаде во светот, не само кај нас. Тенденциозни и претенциозни проекти направени по рецепт, за еден настан или проект. За на крај, гледајќи го триумфалното и импозантно 50 годишно творештво на Кондовски кое беше шест месеци изложено во Националната галерија, да разбереме дека само личноста со својот богат дар и искуство може да ја претстави достојно националната култура. Тука нема трикови. Веднаш се чувствува големината! Во Париз највидливо нешто кое веднаш паѓа во очи е односот кон француските уметници, но и оние странци кои останале да живеат и творат таму до крајот на својот живот. Нема дело, ателје, сѐ што можело да се сочува и конзервира, а да не е изложено во трајни поставки, дали низ парковите, низ градските, или во приватните и националните музеи и галерии.

Писателот Далибор Плечиќ ја согледа есхатолошката природа на моите слики. Посебно за делата од изложбата „Самрак“, која ја реализирав во Белград. Да! Во моите дела се чувствува крајот на нештата, едно црно сонце кое виси над празните и напуштени предели и потсеќа дека еден ден сѐ ќе заврши. Еден луд човек кој се смее над човечките амбиции и кариери. Имам фобија од градските предградија, од тие полуурбани и уништени структури на човечките живеалишта. Како ли само овде ги поминуваат своите животи луѓето? Имам страв и од недефинирани средини, неестетски композиции во кои сме осудени да се движиме и постоиме. Нашите мали градови сѐ повеќе наликуваат на Твин Пиксови предградија во кои трепкаат придушените улични ламби, а по местата што некој архитект ги одредил за зелени површини, сега имаме безбројни минидепонии. Мрачни провинциски гратчиња во кои навечер функционираат само коцкарниците и спортските кладилници.

И за крај, како слободен уметник и член на ДЛУМ, со свое дело неодамна учествувавте на изложбата на Голем формат во Национална галерија каде со колегите по којзнае кој пат го изразивте незадоволството од нерешените горливи проблеми на Друштвото – сопствен простор и галерија... и така со ред. Нештата што и покрај сите ветувања и натаму се провлекуваат низ времето. Верувате ли дека ќе дојде време за нивно решавање, за поинаков третман на уметноста кај нас? За видливост на творештвото и на творците. За културата и културните работници чии дела ги градат мостовите на пријателство во времево на силни атаки на македонскиот идентитет и држава.

-Верувам. Знам и дека новата претседателка на ДЛУМ со љубов и искреност го зема тој тежок камен, одговорност во најтешките времиња за друштвото. Верувам и во новите генерации ликовни автори кои се активни во друштвото и на сцената. Реално, времињата секогаш биле тешки за ДЛУМ, а уште потешки за оние што го водат. Тешки и за секое здружение на ликовни уметници во државата, посебно последните три децении. Но, ДЛУМ не е само еснаф на ликовните творци туку и код на македонскиот идентитет. Е сега, не знам колку тоа им значи на одговорните. А на крај, ние сме оние кои сме одговорни за сите состојби во државата. Ние уште зборуваме за функционален галериски простор, за патни трошоци, за свои простории каде друштвото би егзистирало, би се претставувало пред јавноста. За ателјеа... Како е можно тоа? Зар не треба веќе да зборуваме за презентации на изложбите во светските метрополи, а не за молење по скопските галерии?!

И пак, секое друштво и заедница ќе опстои само ако има силни личности и успешни индивидуални творечки приказни во нив. Оти што претставува една куќа без луѓето што внатре живеат?

Љупчо Јолевски

Почнавме со спротивставени мислења околу Законот за работни односи, со кој недела се прогласува за неработен ден. Завршивме на Уставен суд.

повеќе

Да ги споменеме и другите големи глобални предизвици: големите опасности од еколошка катастрофа; зголемувањето на нееднаквоста во нашите општества; и напливот на нови технологии кои можат да го нарушат светот доколку истите не бидат соодветно користени и контролирани.

повеќе

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе