ИНТЕРВЈУ

Лазе Трипков: Музејот на современата уметност може да се носи со сериозни предизвици

Со Лазе Трипков се познаваме и соработуваме десетина години наназад. Најчесто комуникацијата се одвиваше во однос на активностите со графичкиот дизајн и реализацијата на „Скопје постер“. Од почетокот на оваа година, откако стана директор на Музејот на современата уметност во Скопје, нашата комуникација фати нов правец.

Во Музејот на современата уметност во Скопје, познат и како Музеј на солидарноста, во текот на 2016 година се случија кадровски промени на директорското место, реновирање на депото, многу изложбени активности и неколку пладневни уметнички матинеа. Во разговор за МКД.мк, Лазе Трипков, директор на Музејот на современата уметност, открива многу детали за тоа што се случуваше и што ќе се случува во МСУ.

Од април 2016 година сте директор на Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје. Пред сѐ, кој беше вашиот предизвик да се јавите на конкурсот на Министерството за култура за оваа убава, но комплексна функција?

Музејот на современа уметност е една од најзначајните институции во Македонија. Историски прв Музеј на современата уметност во бивша Југославија, прв музеј на солидарноста во светот. Музеј кој располага со најбогата колекција на дела, односно околу 5.200 дела од најзначајните светски уметници, подарени на музејот. Каква само енергија носел тој музеј во времето кога првиот директор, Борис Петковски, го обиколил целиот свет и тропнал на вратите на Пикасо, Сулаж, Калдер, Хартунг и многу др. Таа иницијатива значела многу за Македонија и за Југославија. Голем предизвик е да се биде дел од овој музеј, а посебно да се води.

Лазе Трипков

Меѓу првите проекти во Вашиот мандат, за кои ја информиравте јавноста, беше реновирањето на депоата на МСУ. Што точно беше направено со депоата?

Јас тој проект го затекнав со моето доаѓање, кој веќе втора година се реализираше во МСУ. Со колегите ги согледавме сите сегменти за неговата сериозна реализација и пристапивме кон спроведување. За мене лично беше најважно истиот да го спроведеме бескомпромисно и да ги искористиме сите средства кон вистинските и најзначајните потреби. Со него, всушност, завршивме еден многу битен сегмент на докомплетирање на заштитата на културното наследство.

Речиси истовремено потенциравте дека планирате да ја тргнете дотогаш постојаната поставка, што и го направивте, и да го отворите музејот за публиката, односно почесто да се менуваат изложбените поставки. Колку и кои изложби со дела во сопственост на музејот поставивте во овој период од околу осум месеци?

Пред да се пријавам на конкурсот направив сериозна студија и истражување за музејот. Постојната поставка беше одлично сработена концепција која го одбележуваше јубилејот – 50 годишнината од формирањето на Музејот, која на најдобар начин ја презентираше колекцијата и богатството со кое располагаме. Тоа е многу значаен проект за нашата современа историја, но во исто време го ограничуваше функционирањето на истата. Еднаш ако ја посетите изложбата, немате потреба повторно да се качите горе. Драго ми е дека колегите го прифатија мојот став за ’отворање‘ на музејот и тргањето на поставката одеше во фази. Последата фаза, која пред Нова година ќе ја промовираме, е поврзана со четвртата сала, односно ревидирана скратена поставка.

Во соработка со Британски совет Македонија во МСУ во текот на летото беше поставена изложбата „Нова религија“ на еден од најзначајните светски уметници Демијен Хрст. Колку Македонија, со тоа и МСУ, може да си дозволи гостување на ексклузивни изложби од тој ранг?

Тоа беше навистина сериозен потфат. Речиси една година проектот висел и беше неизвесна неговата реализација... Многумина се сомневаа дека ќе успееме. Морам да признаам дека тоа беше вистинскиот предизвик за мене лично, и покрај краткиот период како бев назначен на позицијата директор, и краткото време кое го имавме на располагање - нецели 2 недели за подготовки. Се работеше напорно, со поддршка на Министерство за култура и мојот тим, како и Британскиот совет. И успеавме.

Верувам дека покажавме повторно дека музејот може да се носи со сериозни предизвици и дека не постојат невозможни работи. Постои само добра волја, мотивација и желба. Лично сатисфакцијата е голема, поминуваме низ тешки времиња, културно да влијаеме на средината, додека сите се оптоварени со други проблеми. Пресреќен што на нашата публика и го дадовме најзначајниот британски и светски уметник.

Колку, од друга страна, МСУ е подготвен да ги прифати таквите изложби, во смисла на простор и обезбедување? Практично, со колкав активен простор располага музејот во овој период?

Музејот располага со 4 сали. Првите три сали се предвидени за привремени изложби, а четвртата сала, односно катот во втората зграда, како што и предходно напоменав, е предвидена за дела од постојаната поставка. Се соочуваме со технички проблеми како и секоја институција, но проблемите се тука за да се решаваат.

Во септември ја отворивме и изложбата „Основоположниците на македонската модерна“, која е првпат реализирана од отворањето на музејот. Ние имаме среќа да бидеме следбеници на големите имиња кои зад себе оставиле длабоки траги, како Личеноски, Пандилов, Мартиноски, Коџоман, Владимирски... Нивната уметност е безвременска, а ние во МСУ имаме голема колекција на нивни дела кои сметаме дека треба да бидат несебично изложени на македонската и светска публика. Голем дел од публиката не знаеше дека тоа се дела од нашата колекција. Затоа сакам колку што можеме повеќе да го доближиме културното наследство до сегашните и идни генерации, бидејќи навистина имаме со што да се гордееме.

Размислувате ли за нови проекти/изложби кои би произлегле од депото на МСУ, а на одредена тематика? Дали таквите изложби се сведуваат на вадење на делата од депото и изложување во галеријата, или има многу покомплексен процес на создавање на изложбите?

Депото располага со неверојатна колекција, дела кои доколку ги разработувате и класифицирате по медиуми, стилови или континенти, ќе ви овозможат сериозна изложувачко-истражувачка активност. Стојат предизвици како Азиската колекција, колекцијата од Латинска Америка, кои никогаш не биле изложени, збирката од скандинавските држави и сл. Секако, секој нов проект е посебен предизвик и бара посебен сериозен пристап и подготовки.

Со колкава екипа работите во МСУ, во кој правец планирате да ја насочите нивната креативност во однос на новите проекти?

Во МСУ сме малку, ама вредни сме J јас ја наследив состојбата од предходниот менаџмент без планови за нови вработувања во изминатите години. Одреден дел од кадарот замина во пензија, без да се искористи предходно нивното искуство за пренесување на знаењата. Така што се наоѓаме на пресвртница, веројатно исклучително историска, исто како на почетокот кога музејот се формирал. Новите времиња носат нови предизвици и млада енергија, надополнета со искуството на преостанатите постари колеги, кои се спремни да дадат сериозна поддршка во новиот почеток.

Мошне успешно почнавте со реализацијата на идејата за пладневни матинеа во МСУ. Колку неформалните дружења успеваат да ја вратат публиката во музеите?

Матинеата или дружењата во МСУ се активност која има за цел да ја врати публиката и се покажа како многу успешна иницијатива. МСУ секогаш ќе ги има широко отворени вратите за сите добронамерни пријатели кои сакаат да уживаат во уметноста и да не мотивираат.

Сакам овде и официјално да ја најавам и веста која дополнително ќе ја стимулира публиката и самоодржливоста на музејот, а тоа е отворањето на кафетеријата, за која добив согласност. Публиката и новата енергија ми дава поттик за работа и се надевам дека уште многу изненадувања ќе имам многу скоро. Многу млади нѐ посетија, родители со бебиња во колички се паркираа и ужививаме сите заедно во убавините на музејот. Луѓето не сакаа да си заминат до 7 попладне, цело време доаѓаа пријатели, посетители.

Иако музејот работи во саботите до 17 часот, што секако ќе се промени многу скоро и ќе работиме како сите останати музеи од вторник до сабота до 20 часот и во недела до 17 часот.

Годинава максимално ги отворивте вратите на музејот и за активности на други организации, како проекции од програмата на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Имаше ли и други такви активности? Дали планирате да продолжите со тој тренд?

Со „МакеДокс“ успеавме да најдеме заеднички јазик за она што мене ми беше предвидено како дел од стратегијата за развој на институцијата и веќе наредната година ќе одиме со заедничка кино програма и фестивалски денови. „МакеДокс“ се сели во МСУ. Со Кинотека на Македонија ќе работиме на програма за филмски проекции, а пред сѐ, ставам акцент на заборавената и мошне активна домашна продукција поврзана со македонските уметници, како Мазев, Личеноски, Мартиноски и др... Добив голема поддршка од МРТВ и ни обезбедија дел од документарните филмови од нивната архива, кои на следното матине ќе ги проектираме.

Кино-салата на МСУ некогаш беше фреквентно место со бројни филмски циклуси. Во каква состојба е сега и што планирате во тој правец?

Кино салата е многу значен сегмент од музејот. Располага со 100 седишта, и исполнува услови за одредени кинопроекции согласно опремата со која располагаме. Дополнително во јуни обезбедив и одличен проектор за покривање на проекциите кои ги планираме. Со Агенцијата за филм во 2017 година би сакал да ја осовремениме кино салата со соодветна аудио и визуелна опрема за да влеземе подготвени во нови предизвици.

Имајќи го предвид вашиот бекграунд, графички дизајнер со специјалност плакат, колку оваа област на ликовната уметност би ја ставиле во плановите за следни изложби во музејот?

Многу луѓе така ме препознаваат, но јас, исто така, имам магистратура и по сликарство J По моето враќање од Полска бев фокусиран кон решавање на проблемите на дизајнот во Македонија, со кој јас лично не бев задоволен. Сега во музејот сум фокусиран на институционализирање на истиот во рамки на музејско-кураторската работа.

Огромен предизвик за мене беше систематизацијата која од моето доаѓање ја подготвував и каде планирам отворање на нови одделенија, покрај веќе постоечките, односно одделение за дизајн, одделение за архитектура, одделение за нови медиумуи и аудио-визуелни уметности. Како и одделение за истражување и унапредување на работата и центар за меѓународна соработка. Тоа ќе бидат новини за нас, но ќе овозможат сериозен пристап во одредени гранки кои не биле соодветно кураторски разработувани. Веќе имаме донации од многу мои пријатели од Европа како графички решенија и плакати.

Дали однапред би можеле да најавиме некои од случувањата во МСУ за 2017 година?

Во 2017 година Музејот ќе има многу сериозна програма и ќе биде доста активен. Ќе се фокусираме на Биеналето на млади, со цел да креираме соодветна платформа на млади таленти, неколку меѓународни автори и ќе започне циклусот наречен „заборавените“ уметници. Не чекаат подготовки за надворешни изложби, кои веќе ги договорив за 2018 година во МСУ Загреб и Музејот на Уметност во Лоѓ.

Засега би ги поканил сите љубители на уметноста да повелат на нашето следно Матине, на 24 декември (сабота), и со убаво дружење да ја затвориме оваа 2016, а за сите дополнителни проекти во 2017 година публиката ќе биде редовно информирана преку нашиот вебсајт, како и од медиумите.

Тони Димков

Фотоизвор: МСУ

Веројатно е најдобро претседателот Иванов да не го дава мандатот додека не се даде на увид законот за употреба на албанскиот јазик и другите планови на новата коалиција

повеќе

Изразено ниската вредност на вложување во науката и истражувањата во Македонија е јасен знак за отсуство на грижа на државата за овие суштински дејности. 

повеќе

Последните 11 години Македонија е окована во аграрен, ксенофобичен и социо-економски популизам, кој не се однесува на интересите и потребите на граѓаните, туку на оние кои се повинуваат на волјата на елитата.

повеќе