ЗАГРЕБ

Тешка судбина на големиот Предраг Матвејевиќ

Пред нешто повеќе од година и пол големиот европски и хрватски писател Предраг Матвејевиќ го прими во својот стан во центарот на Загреб дописникот на МКД.мк му подари примерок од својата последна книга „Граници и судбини" со пригодна посвета. Тие денови МКД.мк за македонските читатели ексклузивно пренесе неколку извадоци со најмаркантните реминисценцији на Матвејевиќ. Тогаш тешко можеше и да се претпостави дека само неколку дена потоа, Матвејевиќ ќе доживее тежок мозочен удар кој целосно ќе ја промени и искомплицира неговата животна и книжевна патека.

Кандидат за Нобелова награда

Во мошне тешка здравствена состојба писателот подолго од една година е сместен во соодветна установа за стари и болни лица во Загреб, каде и покрај сериозна деменција и невролошки потешкотии, со помош на стручни лица и неуморната животна сопатничка, сопругата Мирјана Матвејевиќ, се обидува да се прилагоди на новиот живот без можност да чита и пишува.

Паралелно со оваа животна трагедија, Матвејевиќ, кој беше и универзитетски професор во Франција, Италија..., во болница дозна дека уште на самиот почеток на годината група од околу шеесетина италијански професори, академици, писатели, научници и лингвисти го предложиле за овогодишен кандидат за Нобелова награда за книжевност (пред сѐ за „Медитерански бревијар“ и „Крух наш“), а меѓу најмаркантните иницијатори доминираа професорот Николо Карнимео (универзитет во Бари) и феноменалниот Умберто Еко, кој за жал 2-3 месеца потоа почина.

Таа ситуација хрватската јавност веднаш ја оцени како невиден куриозитет, па и срамота за хрватската културна сцена. Имено, Хрватска беше мошне пасивна по прашањето за таа иницијатива, а на листата потписници не се најде име на некој од блиските соработници и колеги од непосредното опкружување на Матвејевиќ, додека институциите длабоко потонати во меѓуесбните пизми воопшто не реагирале, ниту покажале интерес.

Фамозното писмо за оставка на Тито

Од друга страна, такво нешто можеше и да се очекува кога е во прашање Матвејевиќ кој не само во екот на творечката фаза, туку особено последните години беше напаѓан и навредуван од сите можни книжевни и политички опции, од лево и од десно, од верниците и атеистите, комунистите и либералите....

Последните години прогласен е за југоносталгичар, како да е заборавено дека во седумдесетите години, на сега веќе минатиот век, беше обвинуван дека сака да го урне Тито и девастира Југославија. Во тој дискурс многумина се сеќаваат дека токму Матвејевиќ во далечната 1974 година покажа за тоа време вистинска храброст со писмото кое го испрати до претседателот Јосип Броз во кое до небо ја пофали неговата работа и рече дека се гордее со него, но и покрај тоа, отворено и најдиректно му предложи на Тито да се повлече од сите функции за свое добро и за добро на државата чиј е лидер. „Доживотен претседател сепак е термин кој го конзумираат и користат само автократски режими и диктатори, а вие не сте тоа“ - напиша тогаш Матвејевиќ. Да не зборуваме и за годините на „лудило“ кога на поштенското сандаче пред загребскиот стан на Матвејевиќ беше испукан рафал.

„Не, не го уапсија, па ниту влакно од глава не му фалеше“ - вели сопругата Мирјана. Тито го примил писмото и сериозно се замислил. Многу, многу подоцна преку еден висок партиски функционер се дозна дека комплетниот Централен комитет на СК извршил решителен притисок Тито да не се откажува од таа аура – доживотен претседател.

Демократијата родена на југот тешко расте

Слично е и со писмото кое во соодветен момент го испратил до Слободан Милошевиќ на кого му предложил, ниту помалку ниту повеќе – туку да изврши самоубиство како единствен инструмент барем делумно да го симне срамот од себе и српскиот народ.

Во установата во која сега се наоѓа Матвејевиќ го посетиле пред два месеца италијанскиот амбасадор и француската амбасадорка во Загреб. Тие му пренеле поздрави од обете држави и уверување дека секогаш ќе бидат со него и никогаш нема да ги заборават долгите години што професорот Матвејевиќ ги помина на универзитетите Сорбона и Ла Сапиенса.

Неодамна, и дописникот на МКД.мк имаше прилика на сосема кратко да го види Матвејевиќ.

Бидејќи отсекогаш беше голем пријател на Македонија, во најкратки црти му кажавме дека таму е сега во тек голема политичка криза. Го потсетивме на неговата мисла од прочуениот „Медитерански бревијар“: Демократија родена на југот отсекогаш многу потешко таму раснела, отколку демократијата родена на северот.

Матвејевиќ од почетокот несебично ја поддржуваше работата и активностите на невладината организација „Хрватско-македонска тангента“ чиј е почесен член.

      

                                                            Сашо Георгиевски, дописник на МКД.мк од Хрватска

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе