ВО „ЈАВНА СОБА“

Со холандска добитничка на европската награда за литература се отвора фестивалот „Букстар“

„Антолог“ и организацискиот тим на Фестивалот на европската книжевност „Букстар“ (Book Star) го најавуваат отворањето на второто издание на фестивалот со гостување на холандската писателка Маренте де Мор. На 24 октомври 2016 година, со почеток во 20 часот, во „Јавна соба“ ќе биде промовиран нејзиниот роман „Холандска девица“, издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го приопшти Ели Пујовска.

Книгата „Холандска девица“ на Маренте де Мор е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на Министерството за култура на Република Македонија.

Романот е добитник на Европската награда за литература во 2014 година и на наградата АКО, највисоката книжевна награда во Холандија, а ќе го промовира писателот и литературен критичар Александар Прокопиев. Делови од романот, заедно со Маренте де Мор, ќе чита Елена Стојановска, која ќе биде и водител на настанот. Студенти од втора година на Факултетот за драмски уметности се задолжени за перформансот на отворањето. По официјалниот дел на промоцијата следува журка со настап на „The Hounds“, алтернативен и прогресивен бенд од Прилеп.

Романот „Холандска девица“ е преведен на 10 јазици, а зборува за едно возбудливо лето во кое 18-годишната Јана ќе тргне сама на енигматично патување во Германија. Татко ѝ ја испраќа кај Егон фон Бетихер, кој треба да ја научи да мечува. Егон е мистериозна личност, но и магнетичен шармер. И Јана едноставно не може да одолее. Но оваа прекрасна книга не е само книга за љубовта и за губењето на невиноста. Лошо е што дејството се случува во 1936 година. Пред Јана се отвора светот на возрасните, полн со прашања и со спротивности. Во нејзините очи се судираат стариот хероизам на аристократската класа и варварството што надоаѓа со ширењето на нацизмот. На раб од големиот историски пресврт на Втората светска војна, Јана ќе доживее индивидуална промена по која нема враќање. Дали ова патување е во еден правец?

Авторката на романот, Маренте де Мор, има објавено три романи, како и книги со колумни и со кратки раскази. Студирала словенски јазици. Во 1990-тите живеела во Русија, пишувајќи за холандски и за руски медиуми. Со авторско дело дебитирала во 2007 година. Од 2009 работи како колумнист во списание за политика.

Маренте де Мор и Жарко Кујунџиски

Таа во Скопје пристигна на 22 октомври и викендов го искористи да посети неколку значајни места во Скопје и околината, од кои беше посебно импресионирана, а најголем впечаток ѝ оставија црквите во манастирите „Св. Андреја“ на Матка и „Св. Пантелејмон“ на Водно.

Фестивалот „Букстар“ е поддржан од Европската Унија, Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Полска. Логистичката поддршка е на „Јавна соба“, а се одржува од 24 октомври до 11 ноември оваа година, известија од „Антолог“.

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе