Ова е прва книга за есеистиката на Стефановски, со детално анализирање и вреднување на овој сегмент од неговиот творечки опус, што неодамна ја објави издавачката куќа „Полица“, по повод 70 години од раѓањето на Стефановски.
Промотор на книгата беше професорката Марија Ѓорѓиева-Димова, а водител на промоцијата актерот Благоја Чоревски, кој има остварено улоги во речиси сите драми на Горан Стефановски на нашата театарска сцена. Тој сподели и дел од своите спомени за големиот автор.
„Oва е првиот системски и систематизирачки пристап кон есеистичкиот опус на Горан Стефановски, обезбедувајќи го неопходното формално-критичко вреднување на еден заокружен корпус којшто е неформално валоризиран преку цитатното сеприсуство во дигиталниот и во културниот простор. Следствено, тоа е значаен влог и во рамките на она што авторот Антоновски го именува како горанологија“, истакна во промотивната беседа книжевната критичарка Марија Ѓорѓиева-Димова.
„Кога често се навраќам на многуте изведби на драмските текстови на Горан во кои имам играно, една од репликите што први ми доаѓаат на ум е една од „Диво месо“: „Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино.“ Но денес, овде, на штандот на издавачката куќа „Полица“ има нешто навистина вредно – книга важна за сите нас“, нагласи Чоревски.
Фрагменти од есеи на Стефановски читаа актерите Енџи Николоска и Никола Настоски. Беа прочитани и фрагменти и од последниот, тестаментален есеј на Горан Стефановски – „Искрата што се измолкнува (наративи помеѓу чеканот и наковалната)“, објавен меѓу кориците на „Идентитетот е приказна“.
На промоцијата беше прочитан и освртот за оваа значајна книга од универзитетскиот професор, писател и книжевен критичар, Венко Андоновски, во кој тој нагласува дека конечно се случи едно не само пионерско, туку и професионално, методолошки точно поставено проучување на Горановата есеистика. „Со еден збор, сјајно напишана научна студија за светлината на нашата драмска книжевност и театар – Горан Стефановски“, истакнува Андоновски во освртот.
Со изведба на фрагменти од театарската претстава „За нашиот Горан“, на промоцијата учествуваа и деца од Актерската школа на Весна Петрушевска.
Објавувањето на оваа книга е остварено во соработка со Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Горан Стефановски, а со поддршка на Министерството за култура.
„Книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски се смета за исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура, а со оваа нејзина промоција ќе се оствари уште едно чествување на значајниот јубилеј – 70 години од раѓањето на Горан Стефановски“, соопшти издавачот.