КНИЖЕВЕН ФЕСТИВАЛ

Отворено е второто издание на фестивалот на европската книжевност „Букстар“

Со актерски перформанс, промоција на книгата „Холандска девица“ на Маренте де Мор и настап на „The Hounds“ вчеравечер во „Јавна соба“ и официјално беше отворено второто издание на Фестивалот на европската литература „Букстар“ (Book Star), кој од 24 октомври ќе трае до 11 ноември 2016 година.

Вечерта започна со перформанс на студенти од Факултетот за драмски уметности, кои преку актерска игра се обидоа да дадат резиме на книгата што се промовираше, по што следуваше и обраќањето на Жарко Кујунџиски, директорот на фестивалот.

„Велат дека секој почеток е тежок, но ние од нашиот тим не мислиме така, веројатно бидејќи имаме ваква прекрасна публика како вас. Овој фестивал беше основан, а се надевам и дека ќе продолжи да постои, за да ја зголемиме и продлабочиме културната соработка меѓу европските земји и Македонија. Нашата желба е да ги донесеме најголемите ѕвезди на книжевното небо што сјае над Европа, но во исто време да ги претставиме пред писателите во Европа и нашите автори“, изјави во оваа пригода Кујунџиски.

На отворањето на „Букстар“ 2016 беше промовирана книгата „Холандска девица“ од холандската писателка Маренте де Мор, добитничка на Европската награда за литература за 2014 година. Промотор на книгата беше македонскиот писател и литературен критичар Александар Прокопиев.

„Пред да ја почнеме читателската анализа, би сакал да прашам дали некој од вас воопшто прочитал книга од холандски автор. Јас би можел да ја кренам раката, но само затоа што сум прочитал еден и единствен холандски автор, а тоа е Маренте де Мор. Значи, тоа е една книга од еден автор од земја чиј јазик го зборуваат веројатно повеќе од триесет милиони луѓе и кој има голема книжевна традиција. А ако размислиме кои сè уметници од една друга сфера, на пример, сликарството, доаѓаат од Холандија, тогаш ќе ви биде чудно зошто за таа литература толку малку знаеме“, со овие зборови го започна своето излагање Прокопиев.

На промоцијата беа присутни и самата авторка Маренте де Мор, која прочита дел од својата книга на холандски јазик, како и преведувачката на романот, Ели Пујовска, која го опиша самиот процес на преведување на ова книжевно дело. Вечерта беше затворена со одличниот музички настап на младиот прилепски бенд „The Hounds“.

Посебна атракција на вечерта беа „книжевното катче“, уредено во ретро-стил како своевидна писателска маса, како и „ѕвездениот ѕид“, на кој сите посетители имаа можност да остават пораки со зборови што ја содржат буквата Ѕ. Оваа акција е со цел да се сочува и поддржи македонскиот јазик. Тие ќе бидат поставени во „Јавна соба“ во текот на сите фестивалски денови, отворени за сите оние што сакаат да ги остават своите пораки или едноставно да се фотографираат.

Следен настан во рамките на „Букстар“ е Креативното пладне, кое како дел од детската програма ќе се одржи на 26 октомври, со почеток во 12 часот, во „Јавна соба“, а на кое како децата така и нивните родители ќе научат како се изработуваат оригами и обележувачи за книги, настан отворен за сите деца и родители.

Фестивалот „Букстар“ е поддржан од Европската Унија, Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Полска. Логистичката поддршка е на „Јавна соба“.

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе