Директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик

Мојсова-Чепишевска: Странските македонисти се најголеми лобисти за Македонија, кои го пренесуваат македонскиот јазик во светот

Во сите учесници на летните, а од минатата година и на зимските школи, како и во сите професори, предавачи, лектори, преведувачи, студенти што ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура надвор од нашата земја, ги имаме најголемите културни амбасадори, поддржувачи и верни пријатели. Ние веруваме во нив и во нивната мисија да продолжат во духот на досегашната дејност, а тоа е создавање пријатели и лобисти за Македонија што ќе ги пренесат и ќе ги претставуваат македонскиот јазик, литература и култура во своите земји, па и пошироко во светот.

Ова меѓу другото го истакнува директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, во интервју за списанието на Заедницата на Македонците во Република Хрватска „Македонски глас", посветено на активностите на МСМЈЛК при УКИМ.

„За нас како Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, и за УКИМ под чија капа е Семинарот, но и за целата држава, сите лекторати се влијателни. Зашто ако се земат предвид сите, се доаѓа до една неверојатна бројка од над 250 студенти годишно што го изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, на додипломски и постдипломски студии“, нагласува Мојсова-Чепишевска.

Во однос на бројноста на студентите на лекторатите по македонски јазик, таа ги посочува лекторатите на универзитетите во Риека, Истанбул и Будимпешта, на коишто интересот за изучување на македонистиката е огромен. Конкретно, минатата година, на Универзитетот во Риека, македонскиот јазик го изучувале седумдесетина студенти, а на Истанбулскиот универзитет, на различни нивоа, бројот на студентите бил дури шеесет, додека за понатаму, може да се очекува да биде и значајно поголем, имајќи предвид дека од следната академска година, можност за изучување на македонистиката ќе имаат сите студенти на Универзитетот, а не само оние коишто студираат на Факултетот за литература. На Универзитетот во Будимпешта пак, минатата година, наставата по македонски јазик ја следеле триесетина студенти.

„Но на лекторатите не смееме да гледаме само статистички. Затоа што на пр. лекторатот во Москва е при големиот Универзитет Ломоносов, каде што наставата по македонски јазик како главен предмет се изведува од академската 1975/76 година и тоа благодарение на академик Рина Усикова. По нејзините стапки продолжија извонредните македонисти академик Ала Шешкен и проф. д-р Елена Верижникова и заради нивната посветеност и висока професионалност расте овој исклучителен македонистички центар. Или Катедрата по македонистички студии во Париз, при познатиот Националниот институт за ориентални јазици и култури (ИНАЛКО), каде што е еден од најстарите лекторати по македонски јазик. Во академската 2023/24 година ќе се одбележи голем јубилеј – половина век македонистика на ИНАЛКО, каде што денес македонскиот јазик се изучува и на додипломските и на постдипломските студии, вклучително и на докторските студии, под раководство на проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, која истовремено е и директорка на Школата за докторски студии при ИНАЛКО“, посочува во интервјуто директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

Притоа, таа напоменува дека и овие образовни и научни центри скоро секогаш даваат посветени македонисти, не само како дипломирани студенти, туку и како магистри и доктори на филолошки науки од областа на македонистиката.

Во објавата, одделен дел е посветен и на историјатот и остварувања на МСМЈЛК при УКИМ, започнувајќи од неговото формирање во 1967 година.

Во август, во организација на МСМЈЛК при УКИМ, во Охрид ќе се одржи 55. Летна школа за македонски јазик, литература и култура, на којашто се очекува учество на голем број странски слависти и македонисти, а потоа, во септември ќе се одржи и 49. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ.

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе