АНТОЛОГ

Љубовна поезија и концерт на „Фолтин“ за крај на фестивалот „Букстар“

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најави финалето на Фестивалот на европската литература „Букстар“. На 27 октомври 2015 година (вторник), со почеток во 20 часот, во МКЦ Клуб-ресторан ќе биде промовирана книгата „Дај две, љубовни!“, антологија на европската љубовна поезија. Промоцијата ќе биде филувана со концерт на најљубовната македонска група „Фолтин“.

Збирката „Дај две, љубовни!“ е антологиско издание на најубавите љубовни песни на авторите од Европа, кое тимот од издавачката куќа „Антолог“ го приреди специјално за фестивалот. Книгата ќе ја промовира универзитетската професорка и книжевна теоретичарка Лидија Капушевска-Дракулевска, а модератор на целиот настан ќе биде радиоводителката Елена Стојановска.

Со поетско читање ќе настапат и петнаесетина македонски поети и преведувачи, кои ќе читаат стихови од песните поместени во антологијата и од своето творештво, меѓу кои се: Велко Неделковски, Ленче Милошевска, Никола Маџиров, Сузана В. Спасовска, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Ацо Гогов, Сузи Тенева, Владимир Јанковски, Лидија Танушевска, Милица Миркуловска, Радица Никодиновска, Борис Митковски, Елена Пренџова, Биљана Стојановска, Елена Конеска, Исток Улчар, Зоран Радически.

„Со цел да ги претставиме авторите што објавиле свои дела во ’Антолог‘ пред пошироката јавност на необичен начин, ги поканивме нашите соработници – поети, раскажувачи, есеисти, романсиери, преведувачи, да одберат по две омилени песни од кој било писател од Европа. Темата беше најблагородната, љубовта. Поканата ја прифатија и македонските и странски автори, така што како приредувачи на оваа несекојдневна збирка се најдоа над четириесет значајни и почитувани имиња од домашната и од европската книжевна сцена“, велат од „Антолог“.

За крај на промоцијата, но и на целиот фестивал, како подарок од „Антолог“ за читателите и за соработниците е предвиден целовечерен концерт на групата „Фолтин“, кој ќе почне во 21.30 часот.

Фестивалот „Букстар“, кој се одржа во текот на октомври 2015 година, е поддржан од програмата „Културни приказни“ и од Европската Унија. Логистичката поддршка е на МКЦ. Антологијата „Дај две, љубовни!“ е отпечатена во печатницата „Графо ден“ од Скопје, соопштија од „Антолог“.

Т.Д.

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе