Денеска ќе биде промовирана ревијата „Стожер“ за 2022 година. На промоцијата ќе се обратат Христо Петрески, претседател на ДПМ и Славчо Ковилоски, главен и одговорен уредник на ревијата.
Во трите броја подготвени од новата редакција, која освен Ковилоски ја сочинуваат: Лилјана Пандева, Даниела Андоновска-Трајковска, Лејла Емин Шериф и Стефан Марковски, се објавени стотина прилози од вкупно 70 автори.
Освен новини во редакцијата, ревијата има и нов графичко-технички дизајн, како и нови рубрики (Хроника на ДПМ, Литературни вести од светот и од Македонија итн.)
На страниците на „Стожер“ оваа година се одбележани низа јубилеи (Владимир Костов, Горан Стефановски, Васил Иљоски итн.), повеќе студии и осврти, есеистички записи, прозни и поетски остварувања, епистоларни обраќања и сл.
Од ДПМ истакнуваат дека прилозите на „Стожер“ се индексираат и се евидентирани во заедничката интернетска библиографска платформа COBISS, на која се поврзани преку 1.390 библиотеки од Балканот. Ова овозможува вмрежување и прегледност на сите објавени прилози на нашите страници со едноставно впишување на името на авторот или насловот на делото. Со тоа, имињата и делата на македонските писатели стануваат дел од глобалната мрежа на информации и лесно достапни за пребарување.
Ревијата „Стожер“ останува отворена за соработка и промовирање на квалитетни прилози поврзани со македонската и светската книжевна сцена, водејќи сметка за стилските и естетските вредности на објавените материјали, посчуваат од на Друштвото на писателите на Македонија.