НОВА КНИГА

„Или-или“ ја објави книгата „(Со)шиени раскази“ на Оливера Ќорвезироска

Издавачката куќа „Или-или“ извести дека „(Со)шиени раскази“ на Оливера Ќорвезироска се 143-та книга во популарната едиција „ПРОаЗА“. Корицата на книгата ја изработи Марија Смилевска, а идејата и илустрацијата на корицата е на Светлана Јакимовска-Родиќ.

За збирката раскази „(Со)шиени раскази“, која е четврта во богатата библиографија на Ќорвезироска, Гоце Смилевски нагласува: „И во ’(Со)шиени раскази‘, како и во сите претходни дела на Оливера Ќорвезироска, се чувствува посебниот однос што таа го има кон/со јазикот. При гласното исчитување на расказите од циклусите ’Оверлок‘ и ’Цик-цак бод‘, читателите ќе забележат дека, дали заради начинот на кој се врзани еден со друг, или заради целата приказна што ја носат, или и заради едното и другото, зборовите имаат едно специфично синестезичко својство. Тие понекогаш блеснуваат со светлоста на пастелните тонови, понекогаш се матни, густо нанесени бои, другпат се драматично јарки, а секогаш како со игла го допираат срцето. И секогаш се борат за смислата на постоењето, а против бесмислата и недоразбирањето.“

Книгата „(Со)шиени раскази“ на Оливера Ќорвезироска својата примарна средба со читателите ќе ја има на претстојниот Саем на книгата во Скопје.

Оливера Ќорвезироска (1965) е родена во Куманово. Основно и средно образование завршила во родниот град, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи. Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, турски, чешки, српски, словенечки, бугарски, полски и руски јазик. Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ во Македонија, а за „Сплетени раскази“ во 2003 год. ја има добиено наградата за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“.

Авторка е на следниве книги: „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија), „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“ (сликовница заедно со Глигор Костовски-Гишо), „Отвораат ли сништата работа“ и „Еден Текст и една жена“ (критика и есеистика), „Заклученото тело на Лу“ (роман за возрасни), „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“ и „(Со)шиени раскази“ (раскази за возрасни), известија од издавачката куќа „Или-или“.

Дали Борисов ќе го негира својот претходник, поранешниот премиер, генерал Рачо Петров и ќе продолжи да инсистира на заедничка историја која официјална Бугарија упорно настојува да ни ја подметне.

повеќе

Не треба да паднеме во замката која не втурнува во спиралата на континуирано себепоништување.

повеќе

Инвестицијата за изградба на автопатиштата Штип-Миладиновци и Кичево-Охрид повеќе личи на наш подарок за Кинезите, отколку на вистинска инвестиција.

повеќе