АНТОЛОГ

Бестселерот „Убиство во хотел Босфор“ е добитник на наградата „Букстар“ за најчитана книга

Организацискиот тим на Фестивалот на европската книжевност „Букстар“ (Book Star) го најави гостувањето на турско-германската писателка Есмахан Ајкол, на која ќе ѝ биде доделена наградата „Букстар“ за најчитана книга помеѓу две изданија на Фестивалот.

Романот „Убиство во хотел Босфор“ на Есмахан Ајкол е најчитаниот наслов во Книжевниот центар „Антолог“ за 2016 година, а е објавен во издание на „Антолог“ со поддршка на програмата „ТЕДА“ на Министерството за култура и туризам на Република Турција. Романот, кој на македонски јазик го приопшти Тулај Сејфула, ќе биде промовиран на 31 октомври 2016 година, со почеток во 20 часот, во „Јавна соба“.

Промотор на романот ќе биде писателот и универзитетски професор Владимир Мартиновски. Наградата „Букстар“ е слатко изненадување на вечерта, по што следува забава со настап на „ОК бенд“, млад бенд со богато искуство на улични свирки и јавни настапи.

Романот „Убиство во хотел Босфор“ е првиот од серијата крими-трилери со ликот на Кати Хиршел, потпишани од Есмахан Ајкол. Кати се доселила во Истанбул од Германија и отворила своја книжарница, во која се продаваат исклучиво детективски романи. Наскоро во блискиот хотел се случува убиство во кое е вклучена и нејзина пријателка. Така што, истрагата станува нејзин интерес. Ова е книга што со својата разноликост и мистериозност ќе ве заведе и ќе ви се лизне низ рацете, без да почувствувате кога одлетале страниците.

Есмахан Ајкол е родена во Едрене во 1970 година, во семејство на емигранти од мешано потекло. Татко ѝ е роден во Македонија, а баба ѝ е Бугарка. Двајцата родители ѝ се правници. Посетувала британско училиште во Истанбул, со германскиот како втор јазик. Дипломирала право во Истанбул, а продолжила со постдипломски правни студии на Хумболтовиот универзитет во Берлин, каде што магистрирала на тема дискриминации и разлики меѓу турското и германското разводно право. За време на студиите, пишувала новинарски текстови од социјални теми. Веднаш по дипломирањето отворила свој паб, но наскоро го затворила. Потоа се преселила во Берлин со сопругот и почнала да пишува криминалистички романи на турски јазик.

Есмахан Ајкол

Нејзината прва книга, „Убиство во хотел Босфор“, е објавена во 2001 година. Веднаш станала бестселер, по што објавила уште три дела од серијата со Кати Хиршел: „Бакшиш“ (2003), „Сомнителна смрт“ (2007) и „Танго Истанбул“ (2012). Нејзините книги се преведени на осум јазици.

Ајкол живее и работи во Берлин и во Истанбул. Има германско државјанство. Читателите ќе имаат поголема можност да ја запознаат лично оваа авторка одблиску и следниот ден, на 1 ноември, во Книжевниот центар „Антолог“, во периодот од 11 до 12 часот, кога ќе се одржи Книжевното кафе на кое таа ќе потпишува книги и со кафе и колачиња ќе поразговара со својата публика во Македонија.

Фестивалот „Букстар“ е поддржан од Европската Унија, Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Полска. Логистичката поддршка е на „Јавна соба“.

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе