За кого бијат камбаните

Камбаните бијат поради нашата некадарна дипломатија, која е професионално  одговорна за дебаклот со Договорот со Бугарија, а пред тоа за Преспанскиот договор.

Годинава имав продолжен годишен одмор. Речиси цело лето, па и дел од златната есен. Имав ретко  задоволство  да уживам во  колумните на инфлаторните експерти од сите области, по повод „специјалната воена операција" на Кремљ врз Украина, која е секако еуфемизам и „бугаризацијата" на нашата земја. Заборавивме на сите наши домашни проблеми. Експертите, од оние за геополитика, безбедноста, воена и цивилна, традиционално површните новинари, историчарите, групите на интелектуалци, не располагајќи со изворни директни информации, го доведуваат, инаку збунетиот плебс што се бори за егзистенција, да креира свое мислење врз основа на нивните анализи и прогнози, небаре имаат абери  директно од кабинетот на претседателот Путин или воениот министер Шојгу, или информации добиени од кадровски комплетираната ни амбасада во Москва, при што, нивен  најкористен  извор за ставовите на Софија беа бугарските агресивни медиуми.

Така народот чита и слуша за дебаклот на Путин, како и дека, со прифаќањето на таканаречениот француски предлог, не е загрозена нашата независност, нашата историја и нашиот јазик, туку обратно пропорционално, колку повеќе ги апострофираат аргументите за поддршка на Украина до мерка на невкус и потсмејување и несогледувањето на последиците на предлогот со кој се согласивме да одиме кон Брисел, повеќе се зголемуваат нашите шанси, после приемот во НАТО, по прогнозите на збунетиот ни премиер, до 2030, да го оствариме и вториот историски успех, приемот и во ЕУ.

Докторот на привремена работа како министер за надворешни работи нагласи дека е променета сликата на Северна Македонија, откако е ова власт, односно од кога сме членка на НАТО. Ништо не е променето, освен што имаме нов амбасадор во Мисијата во Њујорк, кој невообичаено, седеше во вториот ред. Невообичаено беше и што некои средби со челниците на ЕУ беа при влегување во огромниот кибрит на Ист Ривер. Невообичаено беше и што при својот настап, нашиот премиер не прозборе за нашето дереџе поради изгубената дипломатска битка со Бугарија и сѐ уште колебливата ЕУ во однос на идното проширување, сѐ со цел да не ја иритираме Софија и да не ја нарушиме виртуелната наклоност на ЕУ, конечно со нас да почне преговори.

Нашите стратези забораваат дека ЕУ тактизира со проширувањето, барајќи преодни решенија (Турција одамна ги отфрли) сакајќи да се причека со него  додека сите кандидати од т.н. Западен Балкан да се изневелираат во демократските и економски критериуми, а во меѓувреме се регулираат односите меѓу Белград и Косово, исправи крива Дрина, односно Дејтонска БиХ. Тие не се брзаат. Настаните во Украина нема суштински да го забрзаат тој процес. Таканаречените европски договори сепак мора да се ратификуваат во сите држави членки на ЕУ, па и во Собраните на Бугарија. Последна шанса на Бугарија во екстра времето да не блокира.

Во наведените експерти кои не просветлуваат со своите познавања и кои сметаат дека ѝ помагаат на сегашната власт во спротивставувањето на опозицијата и неутрализирањето на аргументите на опозиција за брзи предвремени избори, посебно место има и првиот министер за надворешни работи Д. Малески, пред сѐ, поради двете клучни позиции што ги заземаше. Втората беше шеф на нашата Мисија при ОН во време на нашиот прием во ОН. Никогаш не реагирам на лични ставови на поединци, па и на оние кои текстовите ги пишуваат од селските  нужници. Имаат право на став. Но изјавите на еден макар и поранешен министер имаат посебни резонанци, особено ако се знае дека едно време беше и советник на претседателот С. Пендаровски. Професорот Малески не е кариерен дипломат, макар што дел од својата адолесценција го помина како амбасадорско дете, главно во Африка. Во тогашната сојузна дипломатија, кадрите од РМ обично ги испраќаа во Африка и Азија. Редок случај беше Л.Мојсов кој на 36 годишна возраст беше амбасадор во Москва, а потоа и Виена (две дестинации во кои и мојата  маленкост службуваше), министер за надворешни работи на поранешна СФРЈ и претседател на ГС на ОН, за кого немаше место во нашето општество.

Проф. Д. Малески во структурата на своите колумни се држи до стандардниот рецепт: Во две третини од текстот ги осудува антицивилизациските настапи на опозицијата, нивната антиевропска и антинато позиција, а во една третина се обидува, најчесто неуспешно, некако да избалансира, за да не се стекне впечаток за припадноста на определена политичка опција. Така беше и  неговото (пред точно една недела) „бамбурање" (дипломатска терминологија на Д.М.) на еден портал што го носи, без голема причина, името на римската божица на слободата и чија подарена статуа на устието на реката Хадсон ги пресретнува и прегрнува  при дојдените во слободниот свет. Балансот го создава со предупредување од нуклеарната војна, односно со одговорноста на двете воени велесили доколку таа апокалипса ни се случи. Тоа е констатација на крајот на неговата анализа. Но, да се вратам на почетокот на неговата  анализа. Злоупотребувајќи го Ернест Хемигвеј анализата ја почнува со насловот на неговата книга, демек, камбаните во Русија бијат за војната за Голема Русија (територијално нема поголема држава) и го цитира поглаварот на Руската православна црква Кирил, кој како световно лице хушка на војна. Потем, како вовед, следи обид за балансирање на ставовите, за да поентира со мотивите на Кирил кои се однесуваат на референдумот што беше во тек, во областите на Украина населени со Руси и со одлуката на Руската Дума да ѝ даде легитимитет на анексијата, со што би можело да се заклучи дека ова е војна за Голема Русија, во која би се собрале сите Руси или онолку колку е можно, а на крајот,  повикувајќи се на својот геостратешки гуру, Гркот Тукидид, се обидува да направи паралела на синтагмата Голема Русија - Голема Србија. Професорот кој докторирал на тема врзана со американската надворешна политика, односно за корените на американскиот империјализам, бамбури дека конечно станало појасно за што ламентирал со години Путин, велејќи дека најголемата стратешка грешка е распадот на СССР, прикривајќи го фактот дека Русите доминираа врз останатите народи (мисли во СССР). Продолжува со мудрите зборови на античкиот историчар Тукидид, наведувајќи дека Путин, во предвечерјето на руската агресија врз Украина бамбурел (негово омилен "дипломатски" израз) над судбината на руската нација и „вештачката" украинска држава и дека тоа било оправдување за тоа што следи - инвазија и одземањето територија на една суверена европска држава. Со ваквите констатации, професорот покажа дека не е баш голем познавач на Балканот, уште помалку на геостратегиите на големите сили, а најмалку, на регионот чиј дел е сега во владение на Русите.

На трудољубивиот професор, само да ги читаше делата на руските писатели од 19 век, а посебно, расказите на А.П. Чехов, роден и одраснат над брегот на Азовското море, ќе му беше појасно за каква агресија станува збор. Се разбира, никој не оправдува анектирање на територии на суверени држави. Како професор по Меѓународни политички односи и Меѓународно јавно право, Д.М. најдобро знае како се крши меѓународното право, кои се последиците од тоа, во минатиот век, но и овој, како и кој го кршел меѓународното право. Впрочем, беше сведок кога се кршеше меѓународното право во ОН при процедурата на приемот на РМ, а и при агресијата врз суверена тогашна Сојузна Република Југославија. Русите доминираа во СССР само по бројот во однос на останатите народи и ништо повеќе. Стандардот на Русите бил помал од жителите на останатите народи. Распадот на СССР не е најголема грешка. Грешка беше што тогашниот прв секретар на ЦК на Комунистичката партија, М. Горбачов прецизно не се испазари со тогашната Сојузна Република Германија и НАТО, посебно околу идното проширување на НАТО кон границите на Русија, што е основна причина и за сегашните собитија кои можат да ескалираат во апокалиптична форма. Секогаш пијаниот Елцин, кој како да избегал од шинелот на некој чеховљев  јунак од расказите, не беше во состојба да чекори, а камо ли да води некоја геостратегија.

Претседателот Путин, своја актуелна стратегија на меѓународен план, вклучувајќи ги енергетските извори, ја промовира во 2007 на Конференцијата за безбедност во Минхен.

Се разбира дека и проф. Малески има право на свое мислење, вклучувајќи го и тврдењето дека двете најголеми воени сили, Русија и САД се инволвирани во украинската војна, Русија, со прецртување на границите (не наведува причини и провокации, како и ширење на НАТО) на една суверена европска држава, а САД, со одбрана на досегашниот светски поредок, втемелен на Повелбата на ОН и меѓународното право. Притоа, не зборува за улогата на разединетата ЕУ во овие замешателства. Демек, старата дама е политички невина, а НАТО е чувар на меѓународното право. Балансерот Малески е сепак наш прв министер за надворешни работи, потем деградиран во амбасадор во нашата Мисија во Њујорк. Неговите зборови во дипломатските кругови се анализираат и се изведуваат заклучоци. Тој не ги пишува колумните за плебсот кој мисли дека Тикидид  е плејмејкер во Олимпијакос, туку  за внимателните  дипломатски кругови. Но, неговото размислување во правец на создавање русофобија не е бенигно. Не сум забележал да реагира на  невнимателните изјави на претседателот на државата, премиерот или министерката за одбрана околу оценката на ситуацијата во Украина. Се разбира, нашата влада,  како членка на НАТО има врзани раце, но не мора да се истрчува, со оценки што од неа не се бараат. Нашите носители на надворешната политика во ова чувствително време се занимаваат со нашиот најавен референдум околу т.н. француски предлог, гласањето во Собранието за измените на Уставот по желба на Бугарите, уживаат во придобивките на т.н. Отворен Балкан, што всушност е затворен, се радуваат дека сме ги започнале преговорите со ЕУ, не презентирајќи ги нашите тимови и нивните челници. Министерот Османи е повеќе сконцетриран на неговиот ментор. д-р А. Груби, прв заменик премиер, преземајќи од него проверени кадри за дипломатија, а не е загрижен што нашиот амбасадор кој добил агреман, не може да полета за Москва, од единствена причина што акредитивите нема да може да ги предаде. Не е баш дипломатски угодно, во  една влијателна постојана членка на Советот за безбедност на ОН да немаме амбасадор. Наместо тоа да му е приоритет, тој коментира и дава изјави за запечатената судбина на референдумот кај нас и за уставните измени, што не е негова работа и надлежност.

Затоа професоре, камбаните не бијат за Голема Русија, туку жалосно звонат за состојбите во нашата држава, а посебно за нашето триесетгодишното талкање во лавиринтите на меѓународните односи. Бијат поради нашата некадарна дипломатија, која е професионално  одговорна за дебаклот со Договорот со Бугарија, а пред тоа за Преспанскиот договор. Тоа се два тешки порази на нашата дипломатија. Бијат поради несредената држави од која народот бега,  а останатиот се бори за елементарна егзистенција, барајќи спас во јавните кујни во дворовите на светите места. Затоа кај нас камбаните и понатаму ќе бијат.

 

Ѓорѓи Мисајловски

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе