За енергетиката во Македонија: околу природниот гас (1)

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

Во овој напис ќе се осврнам главно на природниот гас кој има и ќе има голема улога во вкупниот енергетски биланс кај нас и во светот. Веќе неколку години се одвива голема инвестициска активност во изградба на магистрална гасоводна мрежа низ цела Македонија.

Во јавноста често се употребува зборот плин. Тоа е збор од хрватскиот јазик и има исто значење како и гас. Во поранешна Југославија гасот како гориво првин се појави во Хрватска, а подоцна во Република Македонија транспортиран во плински боци. Зборот плин е особено одомаќинет кај нас во контекст на шпорет на плин, плинска боца, плин како гориво за автомобилите итн.

Денес во Македонија природен гас пристигнува преку еден гасовод од Бугарија (руски гас) граден од 1993 до 1997 година како почетна инвестиција на компанијата Макпетрол. Користењето на гас почна во 1998 година и тоа само од големи потрошувачи во Скопје (мал дел во Куманово и Крива Паланка). Долги години гасоводот беше користен со 10 до 15% од номиналниот капацитет бидејќи не беше изградена дистрибутивна мрежа до потенцијалните потрошувачи. Тоа сигурно се одразува(ше) на цената на гасот и на рентабилноста на гасоводниот систем. Искористеноста на гасоводот порасна на околу 35% по изградбата на „Те-То“, што значи сеуште е доста под номиналниот капацитет. Инаку, капацитетот на гасоводот е 800 милиони нормални метри кубни природен гас годишно.

Значи, природниот гас е стигнат во Скопје пред околу 25 години, но не се направи дистрибутивна мрежа за негово масовно користење. Може да се каже дека досега имавме на располагање гас во изобилие, а градот Скопје сеуште се задушува од загаден воздух, најмногу од системите за греење.

Зошто се чекаше 25 години и сеуште се чека?

Се очекува дека по околу пет (и повеќе) години треба да почне поширока потрошувачка на гасот кај нас, особено во системите за индивидуално и централно греење. Но штета е природниот гас да се користи директно само за греење на простории во кои температурата треба да биде 20 Целзиусови степени. Многу порационално решение е изградба на постројки за комбинирано производство на електрична енергија и топлина, наречени и како постројки со когенерација. Тоа е истовремено производство на електрична и (корисна) топлинска енергија во една постројка. На тој начин се искористува и до 90% од расположивата енергија на гасот, а кај гасните термоцентрали искористеноста е околу 50%.

Таков пример е „Те-То“ во Скопје кое работи веќе десет години, има 220 MW електрична моќност и 160 MW топлинска моќност. Но вакви комбинирани постројки може да бидат и со помал капацитет, на пример за топлификација на помали градови, потоа за вкупни потреби на болници, хотели...

Наскоро треба да биде изградена дистрибутивна гасна мрежа и се очекува помасовна употреба на природниот гас во домаќинствата. Но во моментов не се знаат многу работи како ќе се остварува тоа. За индивидуалните станбени објекти (куќите) решенијата се поедноставни. Кај нив може да се инсталира систем за сопствено централно греење (топловоден котел поврзан со цевководи со грејни тела). Но каков систем да се инсталира во колективните станбени објекти (зградите), дали систем со еден заеднички топловоден котел и заедничка цевководна мрежа за цела зграда или посебни (поединечни) системи со котел во секој стан и одвоена цевководна мрежа? Се наметнуваат технички прашања и за подготовката на топла (санитарна) вода и за користењето на гасот за готвење. Кај постоечките системи за греење и термичките системи во индустријата што користат јаглен, мазут и нафта под итно треба да се изврши замена на горивото со природен гас. Ова е особено важно за урбаните средини заради избегнување на загадување на воздухот.

 д-р Ристо Цицонков,

редовен професор на Машинскиот факултет - Скопје

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Здруженост, сплотеност и поврзаност на луѓе, друштва, организации и институции кон една заедничка цел или поради заедничка причина. 

повеќе

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе