Војната во Украина, слободата на изразување и говорот на омраза

Отсега натаму можеби ќе се зборува за исчезнување на слободата на говор, но говорот на омраза никако не исчезнува.

Некогашните жители на Социјалистичка Југославија добро се сеќаваат на медиумската војна која претходеше и ја следеше големата воена катастрофа во која загинаа стотици илјади жители. Војна која и ден денес се’ уште трае во главите на некои сејачи на говор на омраза. Во сите некогашни републики на државата. Сега војна има на друго место – Украина. Омразата се сее и таму.

Новинарот Борис Дежуловиќ изразувајќи го својот став околу војната во Украина насловен „Светска татковинска војна“ ќе напише: „Пред 30 години Хрватска не беше во првите десет земји во светот за убав и пријатен соживот. Вуковар падна, Дубровник гореше, гранати паѓаа врз Осиек, Задар, Шибеник и други градови, а Хрватите во праведниот одмазднички гнев избркаа половина Срби од претпријатијата и становите, а другата половина ја натераа да потпишат изјави за лојалност кон хрватската држава и јасно да се изјаснат „Кој е агресорот, а кој жртвата“. Жртвите потоа ги отстранија сите траги на српска литература од училиштата и универзитетите, ги запалија сите српски книги, го забранија српскиот јазик, ја укинаа српската музика на радио и ги избркаа Србите од театарот, а исконскиот говор на омраза ги преплави општеството, медиумите и фасадите на градот“.

Тој говор, ако се погледне во социјалните мрежи во Хрватска не е заминат никаде. Сега се користи и за меѓусебни пресметки околу развојот на настаните во Украина на социјалните мрежи, каде што врие од „усташи“ и „ четници“.

Хрватското искуство како да е пресликано во руско-украинската војна. Говорот на омраза, а повеќе дискриминацијата, блика и тоа токму онака како што таму го анализираа во минатото. Тој беше присутен во двете држави многу одамна.

Но властите не дозволуваа да доведе до отворена омраза, која би предизвикала насилства. Го криеја под килим. Но по 2014 година, работите се променија и почна отвореното навивачко сеење говор на омраза кој не ветуваше ништо добро. Исто како во Југославија пред нејзиниот распад. Во август 2021 година, на конференцијата „Проблемот со говорот на омраза во украинските медиуми“ беа презентирани резултати од едно истражување во кое беа соопштени термините објавени во медиумите, а кои можат да се оценат како говор на омраза.

Најмногу бил користен прекарот „ватник“, како што во Русија се вика ватирана јакна, но приврзаниците на Мајдан го користат за омаловажување на нивните противници од Украина и за Русите. Потоа доаѓа зборот „москаљ“, погрден за Руси, па „рашизам и рашисти“, па „Мордор“ за Русија. А исто така и „лугандон“ за жителите од Луганска и Доњецк, па „колорад“ , кој се користи како погрден прекар за луѓето што ја носат „Герогиевската лента“ на празници во Русија, како што е 9 мај, Денот на победата.

И „кацап“, порано во литературата за луѓе од руска провинција, но денес општо за Русите. Заклучокот од конференцијата беше дека од 941 илјади прегледани информации само во 4.746 имало говор на омраза, што зборувало дека сликата не била така сложена, како што се претпоставувало на почетокот. Нормално и не може да биде сложена кога се работи за традиционални медиуми, каде што професионалноста е на повисоко ниво.

Екстремистички материјали

Сите овие изрази по почетокот на војната ги преплавија медиумите и во онлајн сферата. Посебно социјалните мрежи. Но со додавки. Па така имаме „Путлер“ за Путин или изрази за него кои не трпат пишување. Или „Пидорусија“ (Педерусија). Еве неколку, од стотици илјади коментари на ФБ, каде што се постирани текстови објавени во он-лајн медиуми од пред неколку денови. „Сите московјани се гниди, сите го поддржуваат Путлер. Со московјаните нема да биде се' во ред. Тие мора да бидат изолирани од светот“.

Или: „ Фашисти и нацисти се во Украина? А што се тие? Нацизмот, империјалниот шовинизам, духовноста и верата се добро потресени од вистинската клиничка шизофренија и други психијатриски дијагнози“.

Или: „Ок, супер е што убиецот Путин не е од ништо болен. Лудо сме среќни што е болен од старечко ѕверство да убива и силува луѓе...ама и покрај нашата радост ова нечовечко суштество сепак ќе умре од онкологија“. Понатаму: „Сите рашисти се однесуваат на сличен начин. Водејќи фашистичка војна со Украина, ги обвинуваат Украинците за фашизам. Убивајќи цивили, за тоа се обвинуваат Украинците“. И уште еден пример: „Госпоѓо, невозможно е да ве читаат, вашата глупост е полна со нацистичко ѓубре, вие сте само руски нацист..“.

Но и во Русија не седеа без работа и со години се одговараше или се напаѓаше со говор на омраза. Пред почетокот на војната беше направена украинска анализа за јазикот на омраза на сметка на Украинците во руските социјални мрежи. Поводот беше забраната на руската социјална мрежа „ВКонтакте“ во Украина за време на претседателот Петар Порошенко.

Самата забрана беше повод за омраза. Според анализата спроведена од UkraineWorld и Internews Украина, и покрај забраната „ВКонтакте“ останува платформа каде што говорот на омраза напредува. Условите за користење на „ВКонтакте“ забрануваат содржини што промовираат „етнички, расистички, религиозни, непријателства или злоба“, или ги популаризираат идеите за „фашизам или супериорност“ или шират екстремистички материјали.

Авторите наанализата тврдат дека регулативата е последица, а не причина за говорот на омраза. Лидија Смола истакнува дека во Русија говорот на омраза го поддржуваат високи функционери. На пример, претседателот Владимир Путин со некои свои изјави. Експертот за комуникации, Татјана Матичак, објаснува за UkraineWorld: „Русија има огромна државна комуникациска машина која произведува, меѓу другото, пропагандни пораки кои вклучуваат говор на омраза. Во Украина, говорот на омраза против Русија главно се произведува од обични луѓе“.

Некои експерти сметаат дека поттикнувањето омраза против Украина е алатка на руската хибридна војна.

Пропаганда на омразата

Експертите двојат јазик на омраза кон украинскиот народ од јазик на омраза кон Украина како политичка заедница. Според нив, руската пропаганда на омраза изгледа прилично „привлечно“ на „ВКонтакте“: корисниците главно вклучуваат псовки и навреди во песни, користат игра на зборови и алегории.

Нарекувајќи ги Украинците „уками“ или „уке“ (скратено и погрдно за „Украинци“), во литературата се среќава оригиналниот „хохли“ или „укроп“ (копар), преку кои некои руски корисници се обидуваат да го изразат своето „непризнавање“ на украинската националност. Проруските корисници на мрежата често комбинираат „уки“ со други навредливи зборови како што се изрод (Хохловиродок), подлец (Хохломраз) и лудница (Хохлодурка).

Понатаму, добро познатиот украински поздрав или слоган „Слава на Украина, слава на хероите!“ често се претвора во некои навредливи форми, како што е „Слава на салото“ („Слава Салу“, каде што сало е сушена сланина популарна во украинската кујна).

Украина се нарекува и „земја 404“ (страна 404). Или ја пишуваат со наводници и мала буква „украина“. Покрај рускиот наратив „Украина е пропадната држава“, корисниците на ВКонтакте остро ги критикуваат сите реформи. Тие често повлекуваат врски меѓу украинските и нацистичките власти, нарекувајќи ги „нацисти“, „фашисти“, „нацистички хунти“, „неонати“ (неонацисти).

Има многу референци за Бандера и Шукевич (украински националистички политичари од 20 век). Корисниците најчесто ги нарекуваат „Бандеровци“ или „Шухевичи“ луѓето кои го поддржуваат украинскиот јазик, традиции. Но, за волја на вистината тие се и против поддржувачите на рускиот јазик и Русите кои живеат во Украина. За корисници на мрежата учесниците и поддржувачите на Евромајдан се ментално ретардирани. На пример, „Мајдауни“ (комбинација од зборовите „Мајдан“ и „болен со Даунов синдром“) или „Мајданути“ (комбинација со крајно вулгарен збор).

Повторно цитат од Дежуловиќ: „Исконски говор на омраза. Компанијата „Мета“ објави дека Фејсбук и Инстаграм ќе дозволат говор на омраза и поттикнување насилство против Русите и руската војска „во контекст на инвазијата на Украина“ и ќе дозволи величење на неонацистичкиот Азов „во контекст на неговата одбранбена улога“. Непријателот, како што гледате е контекст. Европската комисија, да кажеме, поради истиот контекст ги забрани руските државни медиуми RT и Спутњик“.

„МЕТА“ се вклучува во војната

Потегот на „Мета“ (Фејсбук и Инстаграм) во март предизвика многу контрадикторни ставови во поглед на заштитата на слободата на говорот и опасноста технолошки гиганти да покажат поголема моќ од државите. Сe појавија прашања. Кои се тие да диктираат што може, а што не може да се објавува?

Според кои критериуми се дозволува говор на омраза за едни, а се забранува за други? Кон средината на март „Ројтерс“ објави дека Фејсбук дозволува постови за војната во Украина кои повикуваат кон насилство врз руските окупанти. Социјалната мрежа времено дозволи некои постови кои повикуваат на смрт кон претседателите на Русија и Белорусија, Владимир Путин и Александар Лукашенко.

„Како резултат на руската инвазија ние времено ги коригиравме формите на политичко изразување, кои обично ги нарушуваат нашите правила, агресивни изразувања, како „смрт на руските окупатори“. Но, ние како и досега нема да дозволиме говор на омраза во однос на руските граѓани“, пренесува „Ројтерс“ дел од соопштението на „Мета“.

Руската амбасада во Вашингтон побара од САД да се прекине „екстремистичката активност“ на „Мета“. „Корисниците на Фејсбук и Инстаграм не им дале право на сопствениците на овие платформи да ги определуваат критериумите за вистина и да ги спротивставуваат нациите едни против други“, напишала руската амбасада на Твитер. Право на говор на омраза на платформите на „Мета“ имаат 12 држави, некогашни републики од Советскиот Сојуз или членки на Варшавскиот пакт: Ерменија, Азербејџан, Естонија, Грузија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Русија, Словачка и Украина.

Претставник на „Мета“ изјави дека компанијата „во моментов прави мал исклучок за фалење на полкот „Азов“ исклучително во контекст на заштита на Украина или нивната улога во составот на националната гарда на Украина“.

Најголемите социјални мрежи ја следеа „Мета“. Почнаа повици за појава на цензура. И ЕУ и Русија почнаа да блокираат медиуми и социјални мрежи. Сите имаа оправдувања за преземените чекори. Никој не го споменува говорот на омраза. Сега сите зборуваат за пропагандна војна. Професорот Ѓорѓе Обрадовиќ, доктор на комуниколошки науки и професор на Универзитетот во Дубровник за „Ал Џезира“ истакнува дека „социјалните мрежи станале најсилен алат за ширење пропаганда, но тие истовремено можат да бидат и најјак алат за спротивставување на пропагандата, доколку се сака да се овозможи сите да ги чујат аргументите и на едната и на другата страна“.

Според Обрадовиќ, социјалните мрежи ќе заработуваат се повеќе и во судирите ќе се приклучат на страната на оние центри на моќ чие делување ќе им донесе повеќе профит. „Со потезите против Москва технолошките гиганти ги отфрлија досегашните тврдења за слобода на говорот и усвоија политики на компаниите кои би можеле да бидат нова нормалност во идни судири“, тврди Обрадовиќ.

Социјалните мрежи – Воен полигон

Со мерките на „Мета“ и другите социјални мрежи, се помрднаа границите на слобода на говор, на цензура, на говор на омраза. Со дозволениот говор на омраза кон Русите се видоа двојните стандарди на „Мета“ и другите мрежи.

Отсега натаму можеби ќе се зборува за исчезнување на слободата на говор, но говорот на омраза не исчезнува. Напротив, тој како да е уште повеќе поттикнат од чекорите на социјалните мрежи. Воен полигон. Но, последиците од тоа на своја кожа ги чувствуваат и голем број граѓани кои живеат на Запад.

Елена Брежњева е претседател на Руската трговска комора во Лас Вегас. Таа вели дека инвазијата на Русија во Украина довела разгорување на омразата и дискриминацијата во однос на руските Американци. Таа добивала пораки преку Фејсбук последните неколку недели.

Во една од нив ја нарекле: „Ти си руско парче, кое не заслужува да биде во оваа земја“. „Дали треба да дојде до вистински злосторства на почва на омразата, за луѓето да почнат за тоа да зборуваат...“ вели Брежњева. Таа е родена во Русија, но делумно е и Украинка. Во Лас Вегас живее веќе 25 години.

Со темата на говорот на омраза и војната се бавеше и списанието „Тајм“ кои напишаа дека во цел свет Русите се соочуваат со прогони и навреди поради конфликтот во Украина. Тие ја пренесоа приказната за сопствениците на еден руски ресторан, за телефонските ѕвонења со навреди, за скршени прозори. А тие се сопружници, од кои едниот е Ерменец, а сопругата е од Јакутија.

Сопругот е од Азербејџан од каде што побегнал поради погромот на Ерменците. Најнапред во Узбекистан, а потоа во Русија, за потоа да дојде во Америка. И сега таму се соочува со омраза.

Војната во Украина ќе продолжи. Говорот на омраза исто така. Го има и кај нас кога станува збор за Русија и Украина. Но, колку долго ќе трае легализацијата на говорот на омраза на социјалните мрежи никој не знае. Едно е јасно, сега тие и „Мета“ и „Гугл“ и „Тик-ток“ и други, ќе го искористат преседанот кој ќе стане правило. Но правило по нивен терк.

Двојните стандарди се воведуваат на голема врата. Дали некој ќе води грижа како сопствениците ги почитуваат етичките норми на социјалните мрежи? Или ќе биде - „сам газда, сам паша“.

Но, етичките норми се само еден мал дел. Социјалните мрежи сега стануваат фактор во војните. Паралелно со државите.

Мирче Адамчевски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе

Потписниците на нотарските изјави дека нема да гласаат за измените на Уставот се подложни на промени за материјално благо.

 

повеќе