На Велигден

Во секуларна Македонија со коронавирус може сите да лижете иста лажичка во црква. За време на полициски час

Како тие верници во време на полициски час ќе прелетаат до храмовите за во групи од по пет души да лижат иста лажичка и да бакнуваат исти икони? Во ера на вирусна пандемија. Јасно му е на некого нешто?

Поглаварот на МПЦ г.г. Стефан утрово кажа дека за Велигден православните верници ќе се молеле дома, но не рече да не одат во црква.

Владиката Тимотеј, пак, великодушно порача дека има место за причест, и тоа со една лажичка за сите, токму во ерата во која за да не шириме вирус, сите воспитано седиме дома. На секој што ќе посака да се причести свештениците не можат да му забранат, лажичката ќе биде иста за сите, вели Тимотеј и додава дека ќе ги дезинфицирал иконите оти традиција било и тие да се бакнуваат, особено за време на празниците како Велигден. Неговиот шеф, г.г. Стефан, порача и верниците да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на богослужбите. Не можат „бројно“, ама можат малобројно. Во групи од по максимум пет души.

Капак на целата апсурдност стави премиерот на нашата секуларна држава, Оливер Спасовски, кој рече дека Владата не планира да ги затвори храмовите за време на Велигден и дека неприкосновено право на верникот било да оди во црква. Владата на истиот тој шеф пред само два дена донесе уредба со која во времето кога верниците ќе можат да го практикуваат тоа неприкосновено право - ќе биде во сила полициски час, што значи нема излегување од дома од 16 часот во петок до 5 часот во вторник. Казната за ваков прекршок е 2.000 евра.

Има ли некој идеја како тие верници во време на најстрога забрана на движење поради пандемија на коронавирус ќе прелетаат до храмовите за во групи од по пет души да лижат иста лажичка и да бакнуваат исти икони? Јасно му е на некого нешто? Имаме некаков план?

Значи, според Спасовски, одењето во верски објекти е неприкосновено право.

А правото на децата да одат во училиште?

А правото да прошеташ во парк приквечер?

А правото да ја частиш девојка ти тулумба?

А правото да седнеш во кафана на мезе?

А правото да не се заразиш од верник што лижел колективна велигденска лажичка, па ти кивнал во лице во супермаркет?

Сите ние поради оваа пандемија се откажавме од нашите неприкосновени права. Се мачиме со домашното учење на децата и со разните комплицирани апликации. Шетаме само од дневна до спална, а со девојките и дечковците се гледаме на скајп бидејќи, нели, мора 2 метри растојание. Тие што веруваат во кафаната како божество не бараат неприкосновено право секој понеделник да им е отворен по еден „храм“ и (секој со своја виљушка) да се „причести“ барем на саат-два.

Не, сите ние покорно седиме дома, купуваме маски и ракавици (и тоалетна хартија), по леб одиме претпазливо и во полна „борбена“ опрема. Трпеливо чекаме ова да помине и да им се вратиме на нашите стари навики и задоволства. Каков исклучок се верниците? И ако тие во недела излезат до црква, како ќе се разликуваат од прекршителите во Ченто, кои излегоа во полициски час, па полицијата веднаш ги притвори? А ИВЗ не доби ни к од казна откако јавно се закани дека ќе го бојкотира полицискиот час. Дали законот не важи само за верниците?

Не. Важи и за нив. Во Грција, во која практикувањето на верата некогаш достигнува и ниво на фанатизам, за празниците храмовите ќе бидат затворени за верниците.

Во Србија претседателот Вучиќ и патријархот Иринеј се договорија храмовите да бидат празни за Велигден.

Папата во Ватикан на католичкиот велигденски викенд служеше литургија сам, а сите цркви беа затворени.

Значи не е до верниците. До нас е.

А.Д.

Објавено

Среда, Април 15, 2020 - 22:53

Секој може да биде менаџер во „добри денови", но најчесто менаџерската работа не е за „добрите денови" туку постојан баланс помеѓу проблемите и можностите за оптимизирано управување на компанијата.

повеќе

Нека се соберат во Дојран, нека се договорат и нека нѐ известат. Сите други пак нека се спремаат за вистински избори во постпандемискиот период.

повеќе

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе