Во криза влегуваме брзо, а од неа излегуваме бавно

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

Македонија и Европа се влезени длабоко во третиот месец од пандемијата и иако сме сведоци на многу мерки за релативизирање на опасноста од нејзиното постоење, сепак таа е тука со намера да се задржи подолго од очекуваното. Многумина се надеваа дека вирусот на некој волшебен начин ќе исчезне и последиците нема да се многу страшни, но постои опасност тоа да не е така. Притоа не се мисли само на здравствените проблеми, иако тие се најважните, туку и на сите други придружни проблеми, од кои се чини дека економските ќе бидат најтешките. Тие веќе почнаа да се пресметуваат – нивото на вработеноста се намалува, а невработеноста расте, производството и трговијата се намалуваат, инвестициите ги снемува, а доходите се намалуваат, при што и јавните приходи тонат.

Тоа е случај и во Европа, каде што, на пример, веќе се знае дека БДП во првиот квартал се намали за значителни 3,3 отсто (се мисли на ЕУ), иако кризата се појави дури во последните две-три недели од март - последниот месец во кварталот, а сите индиции се дека тоа се случува и во Македонија. Влегувањето во криза се случи одеднаш, без никаква најава и многу брзо. Економиите се на стрмна надолнина. До кога тоа ќе трае, како и со која динамика економиите ќе излезат од кризата која веќе добива форма на остра рецесија е прашање кое веќе се наметнува кај оние што гледаат многу подалеку од тековните проблеми и предизвици. Но да одиме по ред.

Ударот на кризата е брз и остар

Многу брзо, за само еден-два месеци економската криза покажа страшно лоша тенденција. Покрај споменатото паѓање на БДП во ЕУ (најтешко се погодени најголемите економии: Германија -2,3 отсто; Франција -5,4 отсто; Италија -4,8 отсто; Шпанија -4,1 отсто и т.н.) таа се манифестира и со почетен пад на вработеноста од 0,2 отсто што претставува губење на околу 304 илјади работни места. Таа тенденција ќе продолжи. Секторски гледано, ударот врз индустриското производство е најголем. Падот од 10,4 отсто во март е драматичен со повторно најголем удар кај најголемите индустриски сили: Германија -11,2 отсто; Франција -16,4 отсто; Италија -28,4 отсто; и Шпанија -11,9 отсто. Погледнете го падот на италијанското индустриско производсво во март 2020 година – тој е толку неверојатен што наликува на сериозна статистичка грешка. Нормално дека како последица на тоа извозот и увозот во ЕУ веќе почнаа значително да се намалуваат, а јавните приходи да се десеткуваат. Берзанските индекси, како и другите во светот од почетокот на годинава изгубија околу 22-30 отсто од својата вредност.

Во случајот со економијата Македонија не се разликува многу. Според расположивите податоци, индустриското производство во март се намали за загрижувачки 13,4 отсто, а обемот на стоковата размена со странство, изразена во евра падна за 21,9 отсто, при што извозот и увозот паднаа за 26,8 и 18 отсто соодветно. Иако податоци за движењето на БДП и вработеноста сè уште немаме, слободно може да претпоставиме дека тие ќе се сериозно негативни, а кај јавните приходи само даночните приходи веќе во април потонаа за 3,3 милијарди денари под проекциите, па најновите годишни проекции се дека приходната страна на буџетот ќе се намали најмалку за 11,5 отсто на годишно ниво што ќе претставува сериозен проблем за да се финансираат здравствената криза, јавните добра и функциите на државата во земјата. За другите сектори од економијата, особено оние што се најдиректно погодени, ударот е и ќе остане најголем. Туризмот, на пример, се соочува со број на туристи што во март оваа година, наспроти минатогодишниот март, е намален за 67,3 отсто, а бројот на нивните ноќевања за 62,8 отсто. Кризата од КОВИД-19, сосема очекувано веќе и мерливо се претвори во сериозна економска криза во Македонија.

Патот кон излезот ќе биде бавен

Ништо не ни кажува дека патот на излезот од кризата ќе биде лесен и брз. Напротив. Искуството нè учи дека македонската економија на долг рок многу тешко излегува од кризни состојби. Впрочем, таа до ден денес никогаш сериозно не излезе ниту од претходната криза – големата светска финансиска криза од 2008 која во 2009 се претвори во економска и предизвика формална рецесија. Од 2009 година па до денес обновата на македонската економија не се случи.

Прв и многу сериозен доказ за тоа е стапката на раст на БДП што во минатата деценија (2010-2019) во просек беше само 2,58 отсто годишно и во ниту една година не достигна ниво ниту од 4 отсто. За споредба, во преткризниот петгодишен период 2004-2008 просечниот раст изнесуваше 5,3 отсто. За економија со среден доход каква што е македонската тоа е анемичен раст што не може да обезбеди промена на перформансите на економијата, па среќна околност е што бројот на населението постојано опаѓа и со тоа се одржува елементарното ниво на животниот стандард.

Дополнително на тоа, во минатата посткризна деценија важните структурни промени беа незначителни, па дури и невидливи, а некои од традиционалните проблеми со ниското ниво на инвестирање останаа, при што пристапот до капиталот во банкарскиот сектор од страна на малите и средни претпријатија (МСП) и натаму е многу отежнат. Невработеноста благо се намалуваше, но таа и натаму е на многу високо ниво, па на крајот од 2019 изнесуваше 16,6 отсто што во европски рамки е превисоко.

Наспроти стабилната состојба со монетарните финансии, фискалната страна не ги даде очекуваните резултати и значително го стесни фискалниот простор на Македонија во иднина, влошувајќи ја структурата на јавните расходи кон недискретни тековни трошоци и високо ниво на годишни буџетски дефицити што јавниот долг го донесе до нивото од над 50 отсто од БДП и со тоа не остави многу простор за иднина.

Јавен долг на Македонија како процент од БДП (преземено од Министерство за финансии)

Рекорден буџетски дефицит

Сега е јасно дека со овогодишниот буџетски дефицит што ќе е рекорден и ќе биде над 7-8 отсто од БДП а во услови на рецесија од над 4-5 отсто, јавниот долг за првпат во историјата ќе стигне до нивото од 60 или повеќе отсто од БДП и со тоа Македонија и официјално ќе влезе во категоријата на високозадолжени економии.

Овие искуства ни покажуваат дека нашата економија спаѓа во групата на оние, релативно нединамични економии, со слабо развиен пазарен механизам и со ниска сензитивност кон пазарните механизми (ЕУ тоа го нарекува нефункционална пазарна економија и постојано ни го соопштува во своите извештаи за нас), но и со релативно лош резултат од државната регулација на економијата, односно скромни капацитети за макроекономско управување. Тоа ја прави економијата нефлексибилна, постојано неподготвена за новите предизвици и за подинамичен раст и развој, вклучувајќи ги дури и пострецесиските години во кои обично економиите брзо растат.

Оттука, доколку нешто радикално не се промени, а во тоа не можеме да сме уверени, не можеме ниту да очекуваме дека кога ќе помине оваа здравствена криза, нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе создаде услови за подинамичен излез од кризата и побрз раст. Барем досега, таа тоа не го покажала.

Никола Поповски

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе